Кога забременив со мојот трет син, многу луѓе ми велеа дека три деца и не е баш најдобра идеја затоа што некој секогаш ќе биде изоставен. Буквално ни беше кажано, мене и на мојот поранешен сопруг, дека треба да имаме 4 деца за да ја изедначиме работата. Но, тоа не се случи и некако останавме на 3 деца чие „расправање“ е сведено на разменување неколку аргументи годишно.
„Дали секогаш се дружат вака?“, ме праша една моја пријателка додека ги гледавме моите две помлади деца како се шетаат на локален панаѓур. „Да“, ѝ одговорив. „Тие се речиси нераздвојни откако се роди Џек.“
Тоа утро еден од другарите на Џек (моето најмладо дете) дојде за да се дружат пред да одиме на долгоочекуван настан. Можев да го намирисам парфемот по скалите и да го слушнам другарот на син ми како се смее со ќерка ми. Тие многу брзо станаа другари откако Џек ги запозна и се загрижив дека Џек ќе биде вознемирен поради тоа. Но, згрешив – тие тројца супер си поминуваа заедно. Ги гледав како заминуваат заедно. Не бев сигурна кој е чиј другар – беа како една група, се смееја и се забавуваа. Една работа што ми остави голем впечаток е почитта и блискоста што моите две деца ја имаа еден кон друг, дури и пред нивните другари.
Имам тројца тинејџери кои се блиску со годините: 17, 16 и 14 и тие буквално не се расправаат, ниту физички се пресметуваат. Не го кажувам ова за да се фалам, ниту мислам дека јас сум нешто посебно задолжена за тоа. Некако мојот поранешен сопруг и јас имаме среќа во тој дел. Додека растевме, јас и сестра ми се расправавме. За пријатели, облека и кој најдолго ќе се задржи во бањата. Бевме блиски, но можевме да се искараме за само неколку секунди. Знам дека расправиите помеѓу браќата и сестрите се нормални, природни и се дел од животот, па немам идеја како го избегнав тоа со моите деца. Не се грижам за ништо кога ги оставам дома сами. Не е проблем и кога еден од нив има другарче на гости – тие се многу среќни што имаат заеднички другари. Можеби тоа е поради фактот што секогаш нè делеа нас, родителите, бидејќи се родени на толку мала разлика, или едноставно се отпорни на тие работи. Пред неколку недели мојот најстар син дојде со девојката и таа толку се занимаваше со брат му и сестра му, што не му обрна многу внимание. Тој секогаш ги вози некаде своите брат и сестра ако им треба нешто или ако неговата сестра му влезе в соба и земе негова облека без да го праша, воопшто не се буни. Само ќе рече: „Гледај да го вратиш тоа назад, дете“ и тоа е тоа.

Тоа многу ме усреќува. Но, уште повеќе ми го стоплува срцето тоа што знам дека тие си се допаѓаат еден на друг и поминуваат време заедно. Ако не се согласуваа и се расправаа, тоа ќе ме скршеше. Најдобриот дел од нивната близина е што јас имам силно чувство на мир бидејќи знам дека имаат силна основа за цврст однос кој ќе се продолжи и во возрасниот период од нивните животи. Нема да бидам тука засекогаш, па многу е важно покрај себе да имаат брат и сестра со кои се блиски и на кои може да им се доверат. Голема утеха е што знам дека ќе се имаат едни со други.
Не е сè розово во светот, па нема ден да помине, а да не помислам каков подарок ми е тоа што имам 3 деца кои се блиски и сакаат да поминуваат време заедно. Тоа едноставно нема цена.
Автор: Кејти Бингам-Смит