„Моето 9-годишно дете стана опседнато со бактерии уште од почетокот на пандемијата. Константно ги мие рацете и ме прашува дали обични работи може сериозно да го разболат. Мислев дека неговата фобија ќе исчезне сега кога работите почнаа да се подобруваат, но не е така. Изгледа уште поисплашен за повторното враќање во нормалниот живот. Пред некој ден почна да плаче мислејќи дека го испраќаме на камп. Навистина сум загрижена. Дали има нешто што можеме да го сториме со сопругот за да му помогнеме да го надмине овој страв?“
Драга мајко на бактериофоб,
Иако изгледа дека сите треба да чувствуваме олеснување со пристигнувањето на големите дози вакцини, намалувањето на бројките на нови случаи и знаците дека полека се враќа нормалниот живот, сепак луѓе од сите возрасти искусуваат голема анксиозност периодов. Кога бевме во карантин, чувствувавме некоја безбедност, но сега кога повторно сè се отвора, разбирливо е што анксиозноста нè следи насекаде.
Зошто пандемијата и анксиозноста се партнери?
Анксиозноста е одговор со страв, кога мозокот перципира закана, но не таква која физички нè тера да бегаме или да се бориме, туку преку лачење адреналин кој биолошки е врзан за нас и всушност сме „заглавени“ во нашите умови и тела. Пандемијата стана вистинска закана за нашата безбедност и тоа на апстрактен начин, бидејќи ние не можеме да ја видиме болеста со голо око. Таа невидливост создава уште поголема анксиозност.
Како родителите да им помогнат на децата да се соочат со стравот
Родителите често се борат со анксиозните однесувања на своите деца бидејќи она што им дава олеснување на децата во моментот ја храни анксиозноста во иднина, на долг рок. Наместо искушението да се избегне, треба да работите со своето дете и да изградите вештини за соочување со стравот од бактерии и со користење на добро тестирани стратегии за анксиозност. Прво, продолжете да ги очекувате неговите вообичаени дневни активности – да се биде надвор во светот. Можете да го учите на 2 вида стратегии за справување: релаксација и работа со своите мисли. Научете го на длабоко дишење, па дури и дневна медитација која ќе му помогне повеќе да ги контролира мислите и сензациите што му се случуваат во телото. Дополнително на релаксацијата, помогнете му и со мислите за бактериите и болестите. Објаснете му дека неговиот анксиозен ум се обидува да го преокупира со мисли кои не се вистинити, па дека може да го користи „регуларниот ум“ за да ги оттргне лошите мисли. Уверете го дека треба да се фокусира на фактите – во врска со вашиот пример кажете: „Илјадници деца одат на камп и не завршуваат во болница“ или „Кампот презема мерки за сите деца да бидат здрави и безбедни“. Откако ќе повежба со стратегиите за релаксација и предизвикувачките мисли, можете да работите на однесувањата кои ви се попречуваат, а тоа е на пример честото миење на рацете. Еден пристап е да се брои вообичаениот број на пати кога тој ги мие рацете во текот на денот и полека да се намалува фреквентноста за да му се помогне да го толерира немиењето на рацете кога ќе почувствува потреба за миење. Кога не ги мие рацете, може да практикува релаксација и мисловни стратегии и некоја забавна активност, за да се справува со анксиозноста. Целта е да се намали миењето на рацете на толку пати колку што навистина е потребно, откако сме биле надвор и пред оброци.

Кога да се побара помош
Ако работите со синот на овие стратегии и ако ви изгледа дека нема промени, обратете се на специјалист за детска анксиозност. Можно е да има и други ризик-фактори кои придонеле да се развие анксиозноста освен пандемијата. Професионалец ќе може да ја евалуира ситуацијата и даде понатамошни инструкции. Може миењето на рацете да се дефинира и како компулсивно, па дијагнозата да биде поразлична, а и пристапот. Затоа е пожелно експерт да ја дефинира состојбата за да може најсоодветно да му се пристапи на проблемот. Мора да знаете дека анксиозноста кај децата не е ретка и дека не сте сами, но често и третманите вродуваат со плод.
Заклучок
Пандемијата веќе придонесе за зголемување на бројот на случаи на детска анксиозност. Како родител, може да биде многу тешко да се препознаат симптомите и да се процени кога ситуацијата станува сериозна. Преку користењето на познатите стратегии за намалување на анксиозноста, можете да започнете дома, но ако проблемите траат и не се подобруваат, знајте дека специјалистите за детско ментално здравје се добро опремени за да помогнат.
Автор: Емили Едлин