„Најголема трагедија на едно семејство е ако родителите не го проживеат својот живот“ – Карл Густав Јунг. Со овој цитат мајката Џен Шварц ја почнува својата приказна, каде што објаснува на кој начин го подготвува својот син за вистински живот.
Знам дека многу од вас ќе ме осудат штом ќе го прочитаат насловот, но издвојте неколку моменти и прочитајте го моето објаснување.
Го сакам моето дете. Го сакам толку што не можам да објаснам, понекогаш ме плаши толкавата љубов. Речиси секоја ноќ се преиспитувам, прашувајќи се дали сум можела нешто да направам подобро во однос на него, се молам за неговата среќа и се надевам дека нема да „оплескам“ во неговото воспитување. Му посакувам секогаш да биде успешен и да има сѐ што ќе посака.
Но исто така сум сфатила дека и тој не може да има сѐ што ќе посака, а особено не јас да му го овозможам сето тоа. Тоа не е моја работа како мајка.
Моја работа е да го сакам безусловно, да направам сѐ за да се чувствува безбедно и сигурно, и да го научам на сѐ што му е потребно за да стане самостоен и да успее сам да се избори за својата среќа и успех.
Јас не можам и не сакам моето дете да биде центар на мојот свет, и целосно да се давам себеси за да го исполнам секое негово барање, преземајќи ја целата одговорност за неговата среќа и успех.
Не е секогаш лесно, особено кога како јас, сакате сѐ да држите под контрола, но има многу причини поради кои одбрав да живеам на ваков начин.
Но, ако сѐ му дадам на синот, ако во неговото образование или која било друга активност се задлабочам повеќе отколку што треба, нема да ми остане доволно време за сопругот или за мојот брак. А како на детето да му обезбедам место каде што ќе се чувствува безбедно и среќно ако не му посветувам внимание на неговиот татко?
Двајца уморни, неповрзани родители, желни за заедничко време, не му користат на детето. Повеќе сакам да имаме здрав и избалансиран однос кој сите ќе нѐ исполнува. Тоа подразбира вечерни излегувања, романтични вечери, понекогаш дури и цели викенди без детето.
Еден ден мојот син ќе си замине од дома, а што ќе остане тогаш од мене ако целосно сум му се посветила нему? За што тогаш ќе разговарам со сопругот ако претходните години сум зборувала само за синот?
Исто така, научив дека не можам целосно сама да го воспитувам детето. И искрено, воопшто не го посакувам тоа. Кога не можам да се изборам со нешто, го кажувам тоа. Ако не го знам одговорот на нешто, прашувам. Ако ми е потребна помош, го признавам тоа.
И сакам и мојот син да види дека не е слабост да се побара помош. Залагањето за себе и желбата за учење ќе го направат посилен.
Еден ден, кога ќе порасне, ќе му раскажам како се борев со постпородилната депресија и како ми требаше помош во првите месеци од неговиот живот. Ќе ја споделам со него својата борба и ќе му објаснам на кој начин закрепнав и како од целата таа ситуација излегов посилна, похрабра и посреќна.
Ќе го научам на она, најважното – како научив да барам помош, како научив да ги прифаќам своите несовршености и како не се срамев од тие работи. Би сакала мојот син да биде силна, независна, сочувствителна возрасна личност, која вредно ќе работи и ќе го живее својот живот со страст и уживање. Да не се плаши од неуспеси, да не се плаши од борба, да не се плаши од порази.
Заради тоа, тој мора да ги гледа своите родители како паѓаат и се исправаат за да разбере дека тие се неизоставни работи во животот и дека сето тоа може да се надмине со позитивен став. Со прифаќање на поразите, со преземање одговорност за грешките ќе го изгради својот карактер.
Тие делови од животот, кога паѓаме или сме поразени, воедно се и деловите кога созреваме и учиме. Јас не сакам да го заштитам од сето тоа, знам дека тоа е неможно. Дури и кога би било можно, ако го направам тоа, само би му наштетила, бидејќи со тоа би му ја одзела можноста да порасне и да научи.
Знам дека кога ќе дојде денот мојот син да замине од дома, веројатно ќе ги исплачам сите солзи што ги имам, но истовремено ќе бидам горда знаејќи дека сум воспитала син кој знае сам да се грижи за себе.
А тоа ќе го постигнам така што нема да ја обвинувам наставничката кога дома ќе донесе лоша оценка, туку ќе разговарам со неа зошто се случило тоа и како ја заслужил таа оценка. А ако и понатаму тој смета дека оценката што ја добил не е фер, ќе го советувам да оди кај својата наставничка и да поразговара.
Кога ќе одлучи да не оди на час, ќе ги слушнам неговите причини и ќе му дозволам самиот да донесе одлука, дури и ако таа се коси со она што јас ќе мислам дека е најдобро за него. Ќе му дозволам да направи свој избор. А тогаш кога пишувањето состав ќе го остави за ноќта пред оценувањето, ќе му направам вечера и ќе му ја однесам во собата, но нема да го напишам составот наместо него.
Кога ќе ја заборави тетратката дома, ќе мора да преземе одговорност и да ги сноси последиците, бидејќи јас не ќе можам во истиот момент да прекинам со она што го работам за да му ја однесам тетратката на училиште.
Кога целиот натпревар ќе го помине на клупа, а нема да знае зошто, ќе го посоветувам да разговара со тренерот и да дознае каде греши. Сигурно нема да одам на тренинг за да му објаснам на тренерот дека моето дете заслужува подобар третман.
Кога во ходникот ќе го поттурне друго дете, ќе разговараме дека ќе мора тоа да го реши со својот другар, немам намера да ги барам неговите родители за да ги решаваме детските проблеми.
Кога ќе одлучи да ги прекине тренинзите за да може да излегува, нема да го присилувам. Ќе го сослушам, ќе разговараме, а ако остане на својата одлука, ќе го почитувам тоа.
Кога ќе одлучи да студира во друга држава, ќе се погрижиме да ги добие сите информации што му се потребни за да може самостојно да ги пополни сите формулари.
Ако ја завршам мојата работа како што треба, тој ќе знае дека секогаш може сѐ да ми каже и да побара помош и поддршка, но со своите проблеми ќе мора сам да се соочи.