Пред еден месец конечно го расклопив креветчето на ќерка ми. Осум години стоеше во мојата соба, до мојот кревет. Осум години сум спиела на десниот колк, свртена кон тој бебешки кревет. За секој случај. Да ја слушнам ако се помести, ако заплаче. Да пружам рака, да ја допрам. Таа излегуваше од него, па се враќаше. Доаѓаше во мојот кревет. Во еден момент официјално се „пресели“ во својата соба.

Кога на другите родители ќе им кажев дека детето спие со мене, и тоа големо дете, се згрозуваа. Детето мора да биде самостојно. Мора да се навикне на сопствен простор. Сето тоа е во ред, но најискрено, единствена причина да посакам да се отсели од мојата соба беше потребата да се наспијам. Ете, се отсели, а сега веќе и нема каде да се врати. Креветот е склопен, а одеднаш спалната соба е повторно голема.

А моите ноќи станаа осамени.

21 часот. Ја испратив во нејзината соба, легна, ја покрив. Уште еден бакнеж пред спиење, се гушкаме. Нашите мали ритуали. Бара да останам со неа додека да заспие. Се извлекувам, изморена сум, морам да се истуширам, ги подготвувам работите за утредента, ги мијам садовите. Заспала. Се врткам низ станот, ја подготвувам машината за перење алишта, раскревам, спремам, пеглам. Велат дека кога детето ќе заспие, доаѓа твоето време, слободна си да правиш што сакаш. Важи.
Го вклучувам телевизорот, менувам канал од цртаните филмови на каква било информативна програма. Не гледам, не слушам, само сакам за промена да го слушнам монотониот звук на гласови на возрасните, ми здосадија Сунѓерот Боб и дружината. Го вклучувам телевизорот, а истовремено на таблетот пуштам некоја серија. Одбирам помеѓу започнатите книги. Се обидувам тоа „мое време“ да го искористам докрај. Не оди. Полна глава со информации, впечатоци, мисли. Го исклучувам телевизорот, таблетот, го ставам телефонот на тивко.

Земам книга, се обидувам да читам, не оди. Очите ми се премногу изморени. Го исклучувам светлото. Ја проверувам ќерка ми, спие како јагненце. „Моето време“ помина како што помина, морам да спијам. Два часот наутро. Се будам од сон во кој ги составував и поправав задачите по математика – опсесијата ни ноќе не ме напушта. Велат дека оценките не се важни, важно е да научи. Да, но лошата оценка автоматски ќе значи дека не разбрала, дека не научила. Три часот наутро.

Повторно кошмар, овој пат решавав работни извештаи. Велат дека сум премногу оптоварена. Не, така ви се чини. Велат: „Не можеш веќе така, опушти се, ќе биде во ред“. Договорено. И понатаму сум будна, сега е вистински момент да смислам стратегија за новиот проект на кој работам. Четири наутро.

Ме буди звук на удари од папучи во ходникот, зарем веќе е утро? Дедо Мраз ѝ донесе преубави папучи. Но еден број поголеми, погрешил, па така оддалеку се слуша кога доаѓа, ги влече нозете додека оди. Ми влетува в кревет, сонувала дека играчките ја напаѓаат. Што и не би ме чудело со оглед на тоа колку ги има. Ги става студените стапала под моите нозе. Ја покривам. Чувствувам некој чуден мирис, сфаќам дека мириса на некој детски парфем кој го добила за роденден. Зошто пред спиење се испрскала со таа смрдлива течност – само таа знае. Ја отворам вратата од терасата, се враќам в кревет, се вртам на другата страна. Мала рака се завлекува под мојот колк. Има таа таков обичај, додека спие, сака да ги вовлекува рацете под перницата, кадифеното мече… или кај мене. Шест часот наутро, зора.

На соседната перница се поместува бушава глава. Слушам глас кој се жали: „Мамо, не можам веќе да спијам… дали може да гледам цртани?“ Добро, барем бараше дозвола. Се обидувам да отспијам уште малку додека во заднина се слушаат гласовите на Барби и нејзините сестри. Така што да, го тргнав креветчето. Ќерка ми прејде во своја соба, но редовно гостува кај мене. Мртва ненаспана сум. Нема врска. Ништо не е поубаво од моите немирни ноќи, детски чекори, голи нозе под моите, јорганот кој го делиме иако е премал за двете. Креветчето е отстрането, по осум години си ја добив мојата соба назад. Дали се преродив? Не баш. Има така некои ноќи кога дури и размислувам да одам во нејзината соба и да се завиткам покрај неа, да се стиснам до тоа големо бебе што ми го промени животот.

Автор: Супермајка

Извор



912

X