Воспитување

Модерното родителство нема да создаде неспособни деца

Ако во изминатата деценија сте станале родители, имате многу причини да бидете збунети. Новите технологии донеле нови начини на растење, децата живеат со сосема поинакво темпо, времето што го поминуваат покрај семејството е многу пократко, а во тие неколку часа вие треба да одлучите каков родител ќе бидете – строг и авторитарен или оној кај кој и детето ќе има право на глас, право да каже „не“. А таа одлука не е ни малку лесна. Бидејќи, ако побрзате да го земете детето кога плаче, ќе се најде некој што ќе рече: „Пушти го, нека плаче, па нема сигурно да го навикнеш цел живот да му бидеш на повик?“ Ако детето што беснее во продавница бидејќи сака токму тогаш да ја добие играчката не го одведете веднаш дома и не го дисциплинирате така што тоа повеќе нема да му падне на ум – тоа значи дека цел живот ќе се однесува разгалено и ќе очекува да му се исполнат сите желби. А ако тригодишно дете ве удри во состојба на бес, тоа е веќе готова работа. Кога ќе стане тинејџер, од него ќе добивате физички удари.

Вака на воспитувањето гледаат оние што на самото споменување на модерното родителство пред себе ја имаат сликата на родител кој му е слуга на детето. Но, модерното воспитување не е тоа. Повеќето родители што ви кажуваат дека наместо за традиционални методи на воспитување (казнување, „тајмаут“, малку ќотек), се одлучиле за оние другите, модерни методи, воопшто не планираат на своите деца да им ги исполнуваат сите желби и да дозволат секакво однесување. Тоа се главно родители кои малку подобро се информирале и го користат тоа што живеат во ера кога многу истражувања покажале каде сме грешеле порано, па сега ја имаме можноста тоа да го поправиме.

Што е модерно воспитување?

Модерно воспитување е кога на детето ќе му дозволите да има емоции и да ги покаже, но тоа не значи дека желбата ќе му биде исполнета само затоа што беснее.
На пример: Ако детето не сака да го напушти игралиштето и затоа прави сцена, се фрла и беснее, модерниот родител нема да почне да вика, да се заканува, да навредува и да удира (односно, нема и самиот од истата таа причина, чувството на немоќ, да почне да се однесува слично на детето), туку одлучно, но нежно и со објаснување ќе го подигне детето и ќе го однесе дома. Единствена разлика во однос на традиционалниот родител е тоа што ќе го направи тоа без агресија и навредување. Детето ќе мора да ја почитува одлуката, но нема да биде понижувано. Испадите на бес се нормална развојна фаза. Детето низ неа поминува бидејќи не може, не умее на друг начин да ја искаже својата немоќ во дадена ситуација. Тоа не е никаков тек на модерната доба, туку само нешто што денес можеме подобро да го разбереме отколку пред неколку децении. Да можеле и нашите родители да го разберат тоа, можеби денес би имале подобро општество. Бидејќи ова што го имаме, ќе признаете, не е баш сјајно.

Модерно воспитување е и кога детето се обидува да ве удри, а вие го фаќате за рацете велејќи му дека сега е луто и дека тоа го разбирате, но тоа не значи дека има право да ве повредува. И замислете, не му дозволувате да ве удира. Но, не морате и вие него да го удирате за да научи дека не смее да го прави тоа. Не морате да викате и да казнувате. Едноставно – не дозволувајте. Ќе признаете, глупаво е некого да учите што не смее да прави правејќи го токму истото. За да добиете почит, многу поефективно е само да не дозволите агресивно да се однесува кон вас или кон некој друг.

За жал, денес многумина не прават разлика помеѓу дозволувачко и поврзувачко родителство. Дозволувачките родители не се сметаат себеси за модерни родители, ниту имаат какви било дисциплински методи. Тоа се оние што едноставно ги мрзи да се занимаваат со децата или не умеат ништо друго да направат освен сè да им дозволат, верувајќи дека тоа е најбрзиот пат до љубовта на детето. А, всушност, тоа е пат кој води кон отфрлање и презир.

Поврзувачкото родителство е она што ги уважува потребите и степенот на развој на детето, кое стреми кон тоа детето и родителот да бидат блиски на начин кој им одговара и на двете страни и кој поттикнува обострана почит. Родителот не ја заслужил почитта од детето со самото тоа што е родител. Детето не заслужило на неговите негативни емоции да се гледа со неразбирање само затоа што тие нам не ни се логични.

А кога следниот пат ќе помислите дека воспитувањето некогаш било многу поквалитетно и како нашите родители биле многу подобри, сетете се дека тестот на родителството се полага дури на внуците. Така што, какви и да биле нашите родители, ќе знаеме кога ќе пораснат нашите деца.

Автор: Александра Цвјетиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top