Воспитување

Митот за нормалното родителство

Митот за нормално ја одвојува мајката од бебето само неколку минути по раѓањето.

Митот за нормалното очекува бебињата и малите деца да спијат сами.
Митот за нормалното вели дека бебињата треба да спијат цела ноќ, што е можно порано.

Митот за нормалното „ги учи“ бебињата да спијат така што ќе ги игнорираат нивните потреби.

Митот за нормалното бара малите деца да учат да делат уште пред да бидат подготвени за тоа.

Митот за нормално го означува детето како проблематично затоа што не може да седи и да слуша континуирано пет училишни часа.

Митот за нормалното ги изолира мајките од поддршката на семејството и „селото“ што некогаш го имала секоја мајка.

Митот за нормалното е виновен за психичките и емоционалните проблеми кои настануваат поради прераното одвојување на детето од мајката за тоа да престојува во групата со други деца.

Митот за нормалното вели дека момчињата не плачат, а девојчињата не се лутат.

Митот за нормално претпоставува дека училишниот успех е најважниот показател за интелигенцијата и потенцијалот на детето.

Митот за нормалното му дава приоритет на структурираното учење и насочените активности, наместо на учењето што навистина им е потребно на децата – преку игра.

Митот за нормалното вели дека детството е само подготовка за возрасниот живот.

Митот за нормалното инсистира на тоа дека на децата им треба казна и мора да чувствуваат страв.

Митот за нормалното очекува децата да се вклопат во моделот што ние, возрасните, го создадовме за нив.

Митот за нормалното одбива да разбере дека целото однесување на детето е всушност комуникација.

Митот за нормалното го уважува вклопувањето наместо креативноста.

Митот за нормалното ги засрамува оние родители што одлучуваат да не се вклопат во наративот на општеството.

Сето ова го прави модерното родителство полно со парадокси!

Никогаш не сме биле поповрзани преку технологијата и никогаш не сме биле поизолирани едни од други, судени и преоптоварени со сето она што општеството го очекува од нас.

Овие таканаречени „норми“ кои ни се наметнуваат, често не се најдоброто нешто за нашите деца и за нас самите. Тие почесто се производ на некаква традиција, која слепо ја почитуваме без да прашаме дали навистина ни носи добро. Ние го следиме митот за „доброто“ и „нормалното“ дете и она што треба да биде „добар“ и „нормален“ родител, без да застанеме еден момент и да се запрашаме – а за чие добро?

-Во оваа култура во која живееме, она на што сме се навикнале и е прифатено како норма, вклучително и одредени обрасци на родителство, не е ниту здраво ниту нормално. И тоа е она што јас го нарекувам „мит за нормалното“ – вели д-р Габор Мате.

И во срцето на сите овие митови е всушност губењето на врската со нашата исконска родителска интуиција. Кога ќе се вратиме на интуицијата, кога ќе ја слушаме, митовите ќе се срушат како кула од карти. Со генерации, илјадници години, семејствата се потпираат на мудроста на заедницата, на таканареченото „село“ кое образова, поддржува, подава рака. Тоа село секогаш ја става благосостојбата на децата на прво место и разбирањето на нивните потреби, преку холистичка перспектива.

„Кога би можеле да ја претставиме целата човечка историја на еден часовник, до пред само шест минути живеевме во големи заедници, а децата секогаш и секаде, по цел ден, поминуваа време со своите семејства“ – вели д-р Габор Мате.

А денес? Денес, во налетот што го носи модерниот живот, нема село. За да го смениме ова, мора да се свртиме кон потребите на нашите деца и нашите родителски инстинкти. Ова може да значи ставање на играта, како потреба на детето, пред платените активности, да согледаме дека однесувањето на секое дете е комуникација, дозволувајќи му да ги изразува своите емоции без осудување (додека не повредува никого).

„Врската дете-родител е најмоќната поддршка за менталното здравје позната на човештвото“ – д-р Габор Мате.

Затоа е време да прифатиме нов наратив

Оној што ги цени автентичноста, креативноста и емоционалната интелигенција. Наместо толку грчевито да се бориме да ги сместиме нашите деца во некакви калапи што сме им ги подготвиле уште пред да се родат, ајде заедно да ги прифатиме нивните особености, страсти и предизвиците што ги водат.

Со тоа, не само што ќе им помогнеме да растат во поздрави личности, туку и ќе создадеме длабока и силна врска со нив, која ќе трае цел живот.

Извор

Поврзани написи

To top