Воспитување

Менталното здравје на тинејџерите е сѐ полошо и самоповредувањето е во пораст. Што можеме да направиме?

Менталното здравје на тинејџерите или младите во последните години се влошува. Истражувањата, како и искуствата на практичарите кои се занимаваат со менталното здравје на младите, покажуваат дека најголеми жртви на ковид-пандемијата, во однос на нарушено ментално здравје, се токму младите. Депресијата, анксиозноста и апатијата генерално се присутни, а проблемите со менталното здравје, насилството, злоупотребата на алкохол, дрога и слично, за жал, се појавуваат на сè помлада возраст.

Ова го потврдува и Изабела Рашковиќ, психолог во Средношколскиот центар во Сомобор, Србија.

– Ако сето тоа се земе предвид, можеме да кажеме дека младите воопшто не се добро и дека ние, возрасните, мораме сериозно да се справиме со овој проблем. Несуицидното самоповредување кај младите постоело и пред ковид-пандемијата, но пандемијата доведе до зголемување на бројот и зачестеност на оваа појава. Затоа е важно добро да ја запознаеме оваа појава, да ги знаеме нејзините причинители и ризик-фактори и како треба да реагираме кога ќе забележиме или дознаеме дека млад човек се самоповредува – вели Рашковиќ.

На прашањето што најмногу ги мачи младите, таа одговара дека тоа се различни емоционални тешкотии, како што се нервоза, агитација, анксиозност, паника, депресија, потоа разни нарушувања во однесувањето, ризични однесувања, нарушувања во исхраната и слично.

– Најчестите причини за овие проблеми со кои се соочуваат младите се поврзани со барањата што произлегуваат од самото растење и навигацијата низ светот во овие предизвикувачки времиња, барањата што родителите ги поставуваат пред нив поради училиштето и притисокот што го чувствуваат како резултат на тоа, потоа разни семејни проблеми и лоша комуникација со родителите, комуникацијата со врсниците без разлика дали е во живо или онлајн, за разни здравствени проблеми и слично.

Во тинејџерските години важноста на општеството и влијанието на врсниците е огромно, но никако не смее да значи целосно исклучување на родителите и нивното влијание, предупредува Рашковиќ.

Посета на психолог – дали ова и понатаму е табу-тема?

Не е тајна дека одењето на психолог во нашето општество пред неколку децении речиси се сметаше за нешто од кое човек би се срамел. За среќа, во последно време ситуацијата по ова прашање е нешто подобра, вели Рашковиќ.

– Мислам дека средношколците малку полесно од порано се обраќаат за помош кај психолог. Но, тоа не е доволно. За менталното здравје и барањето помош од психолог сè уште не се дискутира доволно отворено, а овие теми и понатаму се табу-тема. Поради ова, многу средношколци не ја добиваат потребната психолошка помош, а доколку не се препознаат навреме во раната фаза, малите психолошки проблеми можат да прераснат во многу посериозни ментални здравствени проблеми кои ги засегаат сите области од животот.

Рашковиќ посочува и дека ако сакаме да им помогнеме на младите да се соочат со нивните ментални проблеми, многу е важно да се работи на превенција и зајакнување на менталното здравје на сите, вклучително и децата и младите.

Таа додава дека покрај превенцијата, неопходна е и подобра достапност на стручна помош кога е потребна.

Извор

Поврзани написи

To top