Возрасниот кој сè уште не сфатил дека детето мора да ги користи рацете и дека тоа е првата појава на инстинктот за работа, може да биде препрека за детскиот развој.
Кога детето сака да си ја чешла косата, возрасниот наместо да е задоволен од овој извонреден обид, ќе се почувствува навреден до сржта на своето битие. Тој знае дека детето не може да се чешла ниту добро ниту брзо и дека нема да ја оствари целта, додека тој – возрасниот, тоа може да го направи многу подобро и побрзо. Тогаш детето, кое се занимавало со пријатна и конструктивна активност, ќе го здогледа возрасниот – огромно и моќно битие – како му приоѓа, го зема чешелот и му вели дека ќе му ја исчешла косата. Возрасните исто ќе реагираат и ако видат мало дете кое со голем напор се обидува да се облече или да обуе чевли.
Секој обид на детето се прекинува. Очајните извици на „невозможното“ дете кое не сака ниту да го бањаат, ниту да го облекуваат, ниту да го чешлаат откриваат драматична борба која го окупира детето во напорот да се развива. Кој би помислил дека му е дадена непотребна помош на детето, прва од различните репресии што ќе ги искуси и која можеби ќе има најголеми последици врз неговиот подоцнежен живот?