Иако си ги сакаме децата најмногу на свет и не постои нешто што не би го направиле за нив, понекогаш тие можат да нè извадат од такт. Сакаме да пораснат во одговорни, самостојни и зрели луѓе. Затоа е важно да поставиме граници во одредени ситуации. Од нивната возраст и темперамент зависи какви граници ќе им поставиме.

Додека децата се мали, честопати се неуморни, живи, сакаат да видат сè и да допрат сè. Не сакаат кога им се одзема слободата. Затоа, кога ќе почнат да трчаат и да се бркаат низ дома, навистина не им е јасно зошто тоа ни пречи нам. Ако им викате да престанат, можеби ќе ве послушаат, но нема да им биде јасно зошто мора да бидат мирни. Динамиката, движењето и трчањето се во природата на детето.

Ако им дозволите да трчаат во паркот или во дворот, тие не гледаат причина зошто да не трчаат и внатре.

Вооружете се со трпение. Објаснете им зошто не треба да трчаат низ станот. Објаснете им дека има многу работи што можат да ги скршат и да се повредат. Објаснете им дека под вас живеат соседи, на кои сигурно им е непријатно кога слушаат удирање од горе. Кога и да имате можност, однесете ги надвор на свеж воздух и изберете простор каде што ќе можат да трчаат и да потрошат енергија. На децата тоа им е и повеќе од потребно.

Сепак, постојат и ситуации кога детето навистина претерува – може да е агресивно, да удира или да претера во која било друга активност. Каква казна ќе примените, зависи од возраста на детето. Најефективно е кога ќе им забраните да одат некаде каде што навистина сакаат или ако им ја одземете играчката со која најмногу сакаат да си играат или ако им забраните да гледаат цртани филмови. Честа казна е и одењето во соба. Моето дете има две години и кога го казнувам, тоа мора мирно да седи на фотелјата пет минути. Со оглед на тоа што е исклучително живо дете, ова мирување тешко му паѓа.

Без оглед на казната што ќе ја примените, имате една родителска должност: да им објасните на децата зошто се казнети. Во никој случај тоа не треба да биде монолог од половина час, бидејќи нема да ве разберат и нема да ве следат уште по втората реченица. Објаснете им ја причината за казната со едноставна реченица што ќе ја разберат. Во никој случај не велете: „Затоа што јас така велам!“ Објаснете им ја вистинската причина и не сфаќајте го тоа како оправдување. Детето треба да знае што згрешило за да не ја направи истата грешка следниот пат.

Не викајте. Ако викате, детето ќе се исплаши и тоа е единствената причина поради која ќе ве послуша. Но, ќе ве послуша само овој пат. Тоа и понатаму нема да ја знае вистинската причина за казната бидејќи во тој случај лутината нема да ја објасните на вистински начин.

Почитувајте го вашето дете. Не бидете груби. Вие сте негов идол. Ако претерувате кога се лути и ако викате, навредувате и велите сè што не мислите, давате пример за лошо решавање на проблемите. Кога вашето дете ќе порасне, ќе реагира на ист начин. Нема да има доволно трпение, нема да биде стабилно во проблематични ситуации, ќе вика на цел глас и нема да знае како да ги исконтролира своите негативни емоции. Тоа не го сакате, нели?

Наместо тоа, најдете подобар начин. Треба да имате блиска врска со вашето дете и да зборувате за сè. Споделете ги вашите емоции со него. Кажете му кога сте тажни или лути на него. Но, земете ги предвид и возраста на детето и неговиот вокабулар.

Создајте блискост. Вклучете го во донесувањето одлуки. Прашајте го за неговото мислење. Дајте му избор. Изберете кои битки ќе ги водите. Не може сè да му биде забрането. Важно е да поставите правила што секогаш ќе ги почитуваат и за кои ќе нема исклучок. Мора да бидете доследни. На сето ова мора да додадете многу љубов и трпение. Тоа е единствен начин од кој децата ќе научат да бидат одговорни, самостојни и зрели.

Сето ова не е ни малку лесно. Ќе ви требаат вежби. Нема да бидете совршени ни по првиот обид. Но, потрудете се и ќе бидете подобри. Важно е и вие да се развивате и да учите нови работи со вашето дете.

Извор



912

X