Воспитување

Мама и тато се разведуваат, каде сум јас во приказната?

Разводот е болно искуство кое на скалата на стресни животни ситуации зазема високо место, веднаш по смртта, но бракот често знае да се претвори во мачна и конфликтна заедница со нарушени и напнати односи. Дали е подобро решение за децата да се остане во нехармоничен брак или да дојде до развод?

– За децата, добар развод е подобар отколку лош брак. На децата повеќе им штети родителскиот судир, а не разводот сам по себе. Следствено на тоа, да се оптоварат децата со меѓусебните нарушени односи, испраќајќи им порака дека тие се одговорни што родителите, и покрај несогласувањата, останале заедно, е многу поштетно од самата разделба на родителите – смета психологот Гордана Булјан Фландер од Поликлиниката за заштита на деца и млади на Град Загреб.

Иако децата го доживуваат разводот како губиток на едниот родител, можно е детето да има квалитетен однос и да се чувствува сакано од двајцата родители. Детето, сепак, треба да ја помине фазата на жалење за родителот кој веќе не живее во заедничко домаќинство, а траењето на таа фаза е различно од дете до дете и зависи од возраста. За разлика од возрасните, децата немаат емотивна и когнитивна зрелост да сфатат што се случува со нивните родители. Притоа, не можат да го вербализираат сето она што го мислат и чувствуваат (отфрленост, тага, лутина, потиштеност, осаменост…), но своите состојби често ги покажуваат со однесувањето (немир, фрустрација, агресија, несоница…). Кај децата чии родители и понатаму се ангажирани и присутни и не ги водат своите лични битки преку нив, фазата на приспособување ќе биде кратка, па без разлика на првобитниот шок и неверување, побрзо ќе ја прифатат новонастанатата ситуација.

Често, и покрај текот на разводот, родителите се зафатени со различните судири. Постојат, се разбира, случаи кога зрело заклучуваат дека не треба да бидат заедно или дека се развиле во различни насоки и имаат сосема различни интереси, па одлучуваат да тргнат секој по свој пат и навистина на тој начин продолжуваат понатаму.

Како да им се пристапи на најмладите?

Многу често децата се обвинуваат себеси за разводот на родителите. Тоа е во согласност со нивната возраст, во која преовладува таканаречен егоцентричен начин на мислење. Важно е да се нагласи дека детето не може да го предвиди натамошниот тек на случувањата, како ни решението на таквата ситуација. Затоа му е нужна помошта од друго лице за да може да разбере дека тоа не е причина за разводот на родителите и потребно му е чувство на сигурност – дека родителите и натаму ќе се грижат за него. Не е разводот она што најмногу му штети на детето, туку судирот на родителите, независно од тоа дали се во брак или не.

Како да се заштити детето во текот и по разводот?

Никогаш не зборувајте лошо за другиот родител (детето ги сака и мајката и таткото без разлика на нивниот однос, па е дел од двајцата родители – ако зборувате лошо за партнерот пред детето, тоа е како да зборувате против самото дете).

Не доверувајте му се на детето во текот на разводот за односот со другиот родител или со семејството. По разводот често родителот кој останува со детето му го пренесува својот поранешен однос на детето. На некој начин во детето го бара партнерот, па почнува со него да ги дели своите грижи, проблеми кои се однесуваат на другиот родител или се предизвикани од разводот. Без разлика на која возраст е, детето нема капацитет да поднесе таков товар, бидејќи се чувствува исплашено или барем збунето. Тоа може да влијае врз неговиот развој во смисла на тоа побрзо да порасне и да не му се дозволи да биде дете. На тој начин ја губи спонтаноста и детската разиграност. Потоа, како возрасно лице, може да има проблеми со постојана напнатост која му оневозможува да се опушти, да ужива и на крајот на краиштата да биде среќно.

Не испитувајте го детето како го поминало времето со другиот родител и не се мешајте во нивниот меѓусебен однос. Во ред е да го прашате од чиста љубопитност, како што го прашувате како му било во градинка. Ако имате намера да го прашувате за да дознаете што точно правеле, како нешто направил другиот родител и како се снаоѓа во одредени ситуации или со кого се дружи, тогаш препорака е да не прашувате. Притоа важно е да се биде искрен кон себе заради доброто на детето.

Ако другиот родител не сака контакт со детето, во ред е родителот кој останал со детето да поттикне средба, а ако од другата страна нема одговор или одговорот е негативен, треба да се остане на тоа бидејќи во спротивно родителите се фокусираат на форсирање однос кој едната страна не го сака. Освен што тоа е однапред осудено на пропаст, предизвикува занемарување на изградбата на квалитетен однос со своето дете овде и сега. Се троши енергија на прогонување на другиот родител наместо на квалитетно поминато заедничко време. На таков начин му ги скратувате на детето и двајцата родители. Наша препорака е во такви ситуации да уживате со детето, да си играте, да бидете покрај него додека расте, да ги слушате неговите потреби. Тогаш сè ќе биде во најдобар ред. Тоа што има еден родител кој се грижи, кој му посакува сè најдобро, е голема предност за детето, која секако ќе му помогне во животот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top