Мајките што биле занемарувани или злоупотребувани во детството може да им ги пренесат невролошките траги на своите деца и кај нив е забележана поголема врска помеѓу одредени делови во мозокот, но влијанието за тоа не е познато. Утврдено е дека овие меѓугенерациски отпечатоци влијаат врз развојот на мозокот на детето, што резултира со изменети мозочни кругови помеѓу амигдалата (дел од мозокот кој ги обработува стравот и анксиозноста) и две други подрачја на мозокот, префронталниот кортекс и предниот дорзален цингуларен кортекс – две подрачја кои учествуваат во донесувањето одлуки и регулација на чувствата. Истражувањето е објавено во списанието „Биолошка психијатрија: Когнитивна неврологија и невровизуализација“.


– Овие резултати покажуваат дека нашиот развој на мозокот не го обликува само она што се случува во нашиот живот, туку на него влијаат и работи што им се случиле и на нашите родители пред ние воопшто да сме биле зачнати – вели водечката авторка на студијата, д-р Касандра Хендрикс. Авторите проучувале 48 пара на мајки и деца во текот на првото тримесечје од бременоста. Мајките добиле прашалник за процена на своите детски трауми и несреќи, кои вклучувале искуства на емоционална занемареност и злоупотреба во раното детство. Кај сите мајки е проценето моментално ниво на пренатален стрес, вклучувајќи и моментална депресија и анксиозност.


По еден месец откако мајките се породиле, нивните деца биле вклучени во снимање на мозокот со помош на функционална магнетна резонанса во состојба на мирување (fMRI) – неинвазивна техника за скенирање на мозокот која може да се користи на бебињата додека спијат. „Резултатите од скенирањето на мозокот може да го прикажат неговото функционирање во многу раниот живот“, вели д-р Камерон Картер, уредник на „Биолошка психијатрија: Когнитивна невронаука“.


Авторите на студијата откриле дека бебињата на мајките што доживеале повеќе емоционална занемареност во детството имале повеќе врски помеѓу мозочните амигдали и кортикалните регии. Земајќи го предвид стресот, истражувачите откриле дека колку повеќе била занемарувана мајката, толку амигдалата на детето била поповрзана со фронталните кортикални делови од мозокот. Сепак, сè уште не е јасно какво влијание може да имаат посилно поврзаните амигдала и фронтални кортикални подрачја на бебињата од мајките што доживеале зголемена емоционална занемареност.


Невролошкиот потпис кој го забележале кај едномесечните бебиња на емоционално занемарените мајки може да биде механизам кој доведува до зголемен ризик од анксиозност или може да биде компензациски механизам кој промовира отпорност. И во двата случаи изгледа дека емоционалното занемарување во детството на мајката остава невролошка трага кај нејзиното бебе, што може да му биде предиспозиција за полесно да открие закана во околината уште од раѓање. Истражувањата илустрираат како меѓугенерацискиот страв и тегоби може да се пренесат од мајките на нивните бебиња, меѓутоа, последиците од таквиот пренос сè уште не се јасни. Потребни се повеќе истражувања за попрецизно да се утврди што имаат таквите преноси на чувствителни искуства помеѓу мајките и децата.


„Идните студии што ги следат децата ќе ни помогнат да го сфатиме функционалното значење на овие промени во работата на мозокот во смисла на емоционален и социјален развој на децата од мајките што се занемарувани во раното детство“, објасни д-р Камерон.

Извор



912

X