Пред да станеме мајки, слободно можеме да го насочиме времето во различните правци што ги сакаме. Со доаѓањето на детето, некако се чини дека секоја мајка се соочува со губење на токму тоа слободно време и самото чувство на слобода. Всушност, се чини дека живееме во модерно време каде што сите информации ни се на дофат, а не успеваме да ги сфатиме, но и постојано се прашуваме дали тоа што го правиме е добро и доволно.
Доаѓањето на детето ни ги менува животите од корен, но она што го отежнува мајчинството е огромниот притисок што им се наметнува на денешните мајки.

Се очекува веднаш по породувањето да се врати „идеалната телесна тежина“, мајката да ослабне и да биде фит, убава, средена, одморена, куќата да биде чиста, ручекот да биде готов секој ден и да се врати на работа што е можно поскоро. Тоа не изгледа како нормален процес и тек на природното мајчинство.

Мајката не смее да биде тажна и ранлива, туку секогаш весела, расположена и полна со сила за сите обврски. Не е дозволено мајчинството да ѝ биде тешко и да си дозволи период кој ѝ е потребен за да се приспособи на нова улога, бидејќи – „ајде сега си мајка, мораш, немаш време да не можеш нешто“.

На мајките не им е дозволено уште во првиот момент да не се заљубат во новороденото дете, туку се создава притисок и потреба таа да се заљуби на прв поглед и веднаш да почувствува неопислива среќа, а ако тоа не се случи, веднаш треба да следува чувство на срам и осуда дека не сте добра мајка.

Не смеете сами да одлучувате на кој начин ќе се задоволат потребите на детето за храна, дали ќе биде тоа вештачко млеко или доење, но морате да доите затоа што дојат само вистинските мајки. Не е дозволено да сакаме да одиме некаде сами, без деца, на прошетка, на кафе, на пат, затоа што тогаш тоа значи дека не ги сакаме доволно нашите деца, само затоа што сакаме да имаме време за себе.

Не смеете да кажете дека понекогаш навистина не уживате во мајчинството, треба да уживате во секој момент, бидејќи каква мајка сте ако не уживате секогаш во тоа. А реалноста е малку поинаква…

Во денешно време мајките се под голем стрес и притисок од околината. Сите мајчински потези се под будните очи на набљудувачите: или се испрашувани, или осудувани, или советувани. Таквиот начин на живот и пристап кон мајчинството создава притисок од кој формираме мисли и верувања и не сме сигурни дали „доволно добро“ сме ја завршиле мајчинската задача, на правилен начин или на општествено прифатлив начин.

Што добиваме од современото мајчинство и притисокот?

Добиваме одредена доза на страв, постојан притисок да не заборавиме или пропуштиме нешто. Постојано се прашуваме дали тоа што го правиме е добро или не, и ја губиме способноста да се пронајдеме себеси и сопствениот стил во тоа мајчинство, да го почувствуваме она што го чувствуваме, го губиме мирот да бидеме присутни во моментот – сега и овде, уживајќи во детето такво какво што е, а не да чекаме и да очекуваме да биде поинаку, како што ние сме замислувале. Како резултат на притисоците на современото мајчинство и родителство, ние самите си ја скратуваме можноста да бидеме присутни за нашите деца. И ја развиваме основата за појава на анксиозност и депресија.

Запознајте се себеси како мајка.

Еден од основните проблеми е што не си даваме простор да се запознаеме во нашата најголема, најважна, но и најтешка улога, туку се однесуваме според некои книги, правила, совети, очекувања. Бараме совршенство во сè. И сето тоа ни сервира голема чинија полна со фрустрација, која вели да јадете и голтате баш сè.

Во ред е да не се заљубите во вашето дете на прв поглед.

Во ред е што ви треба малку повеќе време за да се поврзете со него.

Во ред е да побарате совет и мислење, но да не чувствувате притисок да го сторите тоа.

Во ред е понекогаш да се чувствувате изгубени, тажни, лути.

Во ред е да му се дава адаптирано млеко на бебето ако доењето е физички и психички исцрпувачко. Поради тоа, не сме помалку добри мајки.
Во ред е да доиме ако сакаме, но не и да „мораме“.

Во ред е да не се готви секој ден за детето, туку да се храни и со готова каша.

Во ред е да чувствувате дека понекогаш ви е „доста од сè“.

Во ред е да се чувствувате исцрпени и да се борите со мајчинството. Затоа што тоа е составен дел од родителството, како и моментите кога се чувствуваме убаво и среќно. Тоа не значи дека сме неблагодарни.

Во ред е да сакате да одите некаде сами без децата, тоа не значи дека не ги сакате.

Во ред е да направите нешто само за себе и да не се чувствувате виновни. Затоа што пред да станете мајки сте имале своја личност, со свои потреби, желби и во ред е ако ги задоволувате и сега кога сте мајка.

Во ред е детето да биде само со таткото, без да е присутна мајката. Тоа не значи дека не се грижиме доволно за своето дете и дека сме „помалку мајки“, ако не сме со него секој момент.

Во ред е одвреме-навреме да ги ставаме нашите потреби пред потребите на децата.

Неблагодарно е да се споредувате со другите мајки

Мајчинството не е натпревар. Но за жал, живееме во такво време кога тоа се гледа токму на таков начин. Каква количка возите, каков бренд облека му купувате на вашето дете… а социјалните мрежи се особено „добра“ основа за развојот на споредувањето и наменувањето вина на мајката. Уредните кујни блескаат, децата се секогаш во чисти и испеглани облеки, мајките се совршено негувани, со чиста коса, шминка и фит тело. Дали забележавте дека мрежите се преполни со вакви фотографии кои наметнуваат што е ок, а што не, а ретко кој споделува расплакана слика од себеси кога му е доста од сè – од недостиг на сон, доење, умор и исцрпеност?

Секоја мајка и дете се различни, индивидуални и посебни. Она што функционира за една мајка не значи дека ќе функционира и за друга. И понекогаш слепо се држиме до тоа и ги надминуваме нашите граници, без да ги препознаеме. Ги губиме чувството и способноста да се слушаме себеси како мајка и своето дете, како и да се прифатиме како такви, а тоа често значи нешто поразлично од некоја мајка која се сликала на „Инстаграм“.

Многу е лесно да се падне во таа замка

Таа замка расте како и нашата вина, кога поминуваме премногу време споредувајќи се себеси и нашите деца со другите мајки и нивните деца. Како резултат на тоа, најчесто, покрај вината, добиваме и несигурност во себе како родители. Стануваме кревки, ранливи и засрамени ако не успееме или не можеме да направиме нешто. На пример со доењето – ако не оди, тоа ја исцрпува мајката, а мајката сепак постојано се обидува затоа што доењето е најдобра храна за бебето.

Кога имаме деца, тоа не значи дека нашите потреби треба да исчезнат

Можеби додека бебињата се многу мали, во првите 2 до 3 години е потешко да се прават едноставни работи за себе, како на пример одење во тоалет на мир, туширање и миење на косата, но со текот на времето се навикнуваме на тоа, а децата растат и стануваат понезависни.

Меѓутоа, понекогаш треба да ги ставиме нашите потреби пред детските. Зошто? Затоа што со јасно изразување на нашите потреби и желби, како и нивно реализирање, на децата им даваме пример што значи да се имаат потреби и зошто е важно да се задоволат. Тие потреби се разликуваат од личност до личност и тоа е во ред. Преку овој пристап, нашите деца развиваат емпатија, како и модел како да ги почитуваат другите луѓе и нивните потреби, да го практикуваат трпението како особина. Сфаќаат дека не се единствените што се важни, туку дека се еднакво важни и потребите на другите членови на семејството.

Неколку корисни совети за мајките

Често се споредуваме со другите поради нашата потреба да се потврдиме и докажеме. Наместо тоа, обидете се да си поставите неколку важни прашања:

-Како навистина се чувствувам?
-Што сакам од врската мајка-дете?
-Што би ме исполнило?

Одвојте малку време за себе и разговарајте со себе за да ги откриете вашите вистински потреби и како можете да ги достигнете, а не слепо да ги следите „трендовите“, не знаејќи која е вашата желба, потреба, и што е она што ви одговара.

Најдете барем една личност со која можете да ги споделите вашите чувства. Сите оние чувства со кои се борите, кои ви е тешко да ги признаете, да ги кажете, да ги прифатите. Најдете мрежа за поддршка, група мајки, контактирајте со психолог бидејќи важно е во таа „осаменост“ да видите дека не сте сами, дека не сте единствените што го чувствуваат ова, бидејќи многумина од нас чувствуваат широк опсег на емоции. И секоја емоција е важна, не само онаа за која мислите дека е „прифатлива“.

Размислете за вашите очекувања од мајчинството и родителството

Размислете за врската што сакате да ја создадете со вашите деца и партнерот.

Размислете каков е вашиот систем на вредности и вредностите на семејството што го создавате. И не тоа да биде она што повеќето мајки и семејства го сметаат за добро, правилно и вредно. Затоа што секоја мајка и семејство е приказна за себе, со сите нејзини емоции, широка и долга како виножито, со сиот бес, прифаќања/неприфаќања, борби, непроспиени ноќи, плачливи денови, изливи на смеа, тага, среќа, незадоволство, планови, неможност за исполнување на истите, прегратки, бакнежи, блискост и благодарност на крајот од турбулентниот ден.

Запомнете го ова следниот пат кога ќе почнете да се споредувате со други и обидете се да пронајдете љубов и да го прифатите вашето семејство и себеси такви какви што сте. Затоа што тоа е патот до задоволно мајчинство и родителство.

Автор: Александра Једвај

Извор



912

X