Воспитување

Мајките не сакаат само да се вратат во „нормалното“ – сакаат да биде подобро

Дијана Спалдинг е автор, уредник и основач и медицинска сестра на велнес центар за мајчинство во САД. Ова е нејзин став објавен на mother.ly

Бидејќи пандемијата на коронавирусот предизвика хаос во досегашниот живот, многумина чувствуваат очај и сакаат да се вратат на нормалните рутини – но проблемот е што „нормалното“ не е доволно добро. Оваа пандемија покажа што сè е погрешно во нашите општества. На површина излегоа реалните проблеми што ги имаат луѓето на секојдневна основа – а сега кога се видливи, нема враќање назад. Мајките конкретно добиваат признание за секојдневните предизвици што ги имаат, а кои сега се дополнително отежнати.

Сакаме пандемијата да заврши, но одбиваме да се вратиме во нормалното кое никогаш не беше во ред. Нема веќе да се однесуваме како да немаме деца кога одиме на работа. Ејми Вестервелт кажа најдобро: „Уште бараме жените да работат како да немаат деца и да бидат родители како да немаат работа“. Се чувствуваме виновни што мораме да одбиеме да присуствуваме на состаноци кога треба да ги земеме децата од градинка. Чувствуваме вина кога не можеме да пристигнеме на секој родителски состанок бидејќи мораме да работиме. Нашата култура направи балансот помеѓу кариерата и родителството да биде неверојатно тежок.

Исчезнувањето на одењето во градинка, на училиште, дадилките и членовите на семејството кои можат да ни помогнат нè принуди да осознаеме дека двата аспекта на нашите животи се случуваат истовремено – и не мора да чувствуваме вина поради тоа. Дали може да престанеме да зборуваме дека флексибилните работни распореди и работењето од дома не се опција? Докажавме дека се, и тоа доста добри. Да им се дозволи на вработените да ги имаат сите аспекти и можности во животот не треба да биде застапено само во време на пандемија – тоа треба да биде начин на живот.

Нема веќе да се преправаме дека давањето грижа не е важно. Без разлика дали се грижиме за деца, за постари родители кои се болни, ние искусуваме колку љубезноста и грижата се важен дел од нас, луѓето. Никогаш повеќе нема да кажеме: „Јас сум само мајка домаќинка“. Грижата е неверојатно потребна улога во нашето општество – сите треба да постапуваме подобро во однос на препознавањето на важноста на грижата – и за себе и за другите. Нема повеќе да прифатиме дека правото на здравствено осигурување на индивидуата е зависно од типот на вработување. Соочувањето со пандемијата е страшно. Соочувањето со тоа без здравствено осигурување е кошмар. Има дури 27 милиони луѓе во САД што немаат здравствено осигурување. Што ќе се случи ако добијат коронавирус? Економските реперкусии од ова ќе се чувствуваат со генерации. Уште поважно, луѓето ќе умираат бидејќи не можат да си дозволат медицинска грижа – во една од најбогатите земји во светот. Тоа е неприфатливо и засрамувачко.

Нема веќе да го прифаќаме страдањето на жените. Во САД приближно 24 луѓе во минута се жртви на силување, или физичко насилство од интимен партнер, 4 од 5 од нив се жени. Повеќето од нив се заробени дома со агресорот во овој момент. Не ги заштитивме, а сега не можеме да направиме ништо околу тоа. Нема повеќе да толерираме сфаќања дека некои професии се поважни од други. Сме прифатиле дека некои професии се прифатени како повредни – покажуваме преку нудење константна плата и пристап до здравствено осигурување и платени слободни денови. Но, што е она што ги прави луѓето на тие работни места позаслужни од луѓето на други работни места?

Ова пандемија ни помогна да согледаме дека секоја професија е значајна. А ова повеќе влијае врз жените отколку врз мажите. Според генералниот секретар на Обединетите нации, „приближно 60 отсто од жените во светот работат во неформалната економија, заработуваат помалку и се поизложени на ризик од сиромаштија. Бидејќи маркетите и бизнисите се затворија, милиони работни места на жени исчезнаа“.

Нема повеќе да го игнорираме системскиот расизам кој влијае и им штети на луѓето во секоја сфера на живеењето. Пандемијата го влошува уште повеќе. Црните жени, кои веќе го сочинуваат најголемиот број смртни случаи на родилки и новороденчиња, сега се соочуваат со можноста да се породат самите – без лице за поддршка. Се соочуваат со стравот да не носат маска во јавност и да добијат Ковид-19, или со стравот да носат маска и да бидат третирани како закана. Статистиката покажува и дека црните луѓе умираат повеќе од вирусот.

Нема веќе да ја игнорираме важноста на грижата на мајките. 85 отсто од мајките не веруваат дека општеството ги поддржува. Мајките веќе се премногу оптоварени, а сега, за време на пандемијата, ние бараме од нив уште повеќе грижа. Можеби во иднина ќе се потрудиме повеќе да им изразиме поддршка за тие да бидат доволно здрави и да го исполнат она што го бараме од нив.

Нема веќе да ги земаме здраво за готово помагачите. Пандемијата ни укажа на важноста на некои луѓе и нивните професии. Бескрајно сме им благодарни на лекарите и здравствените работници сега. Исто така, сфаќаме колку се важни и другите помагачи во нашите живот: дезинфекциските работници, угостителите, доставувачите на храна и стока и многу други. Им ја должиме благодарноста и почитта секогаш, не само за време на пандемија.

Нема веќе да ги игнорираме ранливите. Колку пати си рековме „ранливите категории ќе страдаат, другите ќе бидеме добри?“ Прво, тоа не е така, бидејќи и млади и здрави лица се погодени од вирусот. Гледаме дека ранливоста ја споделуваме сите и сите заедно сме во ова.

Махатма Ганди рекол: „Големината на една нација е измерена преку тоа како ги третира нејзините најслаби членови“. Лошо постапивме кога пандемијата започна – и сега тоа завршува. Па затоа – не. Нема да се вратиме на нормалното.

Кога ова ќе заврши – а ќе заврши – ќе се движиме напред, а не назад.

Ќе запомниме. Ќе помогнеме. Ќе почитуваме. И ќе сакаме. Подобри сме од ова.

Да ги поправиме нештата, пред да биде премногу доцна.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top