Ова е најтешката задача на современото родителство

Кога зборуваме за најчестите грешки во воспитувањето на девојчињата, прво што ми паѓа на памет е проекцијата на сопствените стравови или ограничувачките ставови за себе, околината и за животот.

На пример, ако уверувањето на мајката е дека љубовта е жртвување (за жената), многу лесно тоа ќе ѝ го пренесе на својата ќерка. Тоа уверение натаму ќе го формира однесувањето на ќерката. Таа веројатно ќе одбира партнери за кои ќе се жртвува, а подоцна можеби ќе се жртвува и за своите деца, а во себе ќе биде незадоволна бидејќи нема да ги задоволува своите потреби.

Ова е најтешката задача за современото родителство, а некогаш сме уживале во тоа!

Ќерките како слика и прилика на мајките

Ќерката може да се адаптира и да ги прифати вербалните и невербалните налози на мајката, па еден ден ќе стане нејзина слика и прилика. Но може да биде и бунтовна, па ќе прави работи спротивни на оние што ги сака мајката. И во двата случаи мајката има големо влијание врз ќерката. Се разбира, постојат и ситуации кога ставовите не се имитација на мајката, туку сопствени избори и одлуки.

Проблеми со тинејџерките

Една од карактеристиките на однесувањето во адолесценцијата е оддалечување од родителите. Значи, се работи за најнормална карактеристика во растењето и повеќе треба да ве загрижува ако тинејџерите се дружат со вас наместо со врсниците.
Некои мајки оддалечувањето го доживуваат како отфрлање. „До вчера бевме блиски, сега ме отфрлаш“. Односот не треба да се подобрува, треба и натаму да се развива со оглед на настанатите промени. Мој совет до родителите е да ги прочитаат карактеристиките на однесувањето на адолесцентите и да земат предвид дека тоа е нормална фаза во развојот, а не бунт против нив.
Ова особено им е тешко на мајките на кои детето им е центар на светот. Досега се грижеле, воделе, переле, пеглале, поминувале време со тоа дете. И сега, што да прават? Ќе звучи парадоксално, но во овој случај односот ќе се подобри така што мајките ќе се свртат кон себе…

Мајка и ќерка – пријателки. Да или не?

Мислам дека мајката и ќерката не би требало да се пријателки. Тоа е прашање на улоги и идентитет. Јас на својата ќерка сум ѝ мајка, а таа мене ми е ќерка. Како мајка, јас имам обврски и одговорности, таа како ќерка има свои обврски и одговорности и ние не сме пријателки. Идентитетот на пријателка е нешто сосема друго. Пријателите не поставуваат граници, не се грижат за развојот на другата личност. Тие можат да бидат тука и да советуваат, но од сосема друг аспект. За разлика од пријателката, мајката има задача во однос на детето: да му обезбеди сигурност, да го научи како треба да работи, да сака, да мисли, како да си игра. Родителот поставува граници, охрабрува, негува. Пријателите ја немаат таа одговорност.
Ако мајката со своето дете гради однос на пријателство, таа го губи авторитетот и силата да го направи сето ова. Како последица од тоа, детето може да се чувствува несигурно, бидејќи мајката нема моќ да го заштити.

Забавувајте се, поттикнувајте го детето, фалете го…

Прифатете го детето како единствена, важна, интересна личност. Нека знае дека сте среќни со него. Поттикнувајте ја ќерката во работите за кои покажува интерес и охрабрувајте ја во остварувањето на целите. Сакајте ја. Поставувајте ѝ граници и не работете ги работите наместо неа. Дозволете ѝ да успее и не припишувајте си ги нејзините заслуги. Поттикнувајте ја да ги слави своите успеси.
Научете ја дека не постои неуспех, туку само повратна информација. Научете ја самата да наоѓа решенија и помогнете ѝ ако побара помош. Следете го нејзиниот темперамент и не туркајте ја во активности спротивни на тоа. Забавувајте се со неа. Негувајте ја и грижете се за неа.
И кога е малечка, слушајте што зборува и сериозно сфаќајте ја. Она што нам ни се чини неважно, нејзе ѝ е важно. Дозволете ѝ да ги искаже своите емоции и одговорете на нив. Научете ја дека не е центар на светот. Критикувајте го нејзиното однесување, никако идентитетот. Фалете ја. Гушкајте ја.

Порака до сите мајки и татковци:
* Почитувајте го детето како засебна личност со специфичен темперамент и индивидуални карактеристики.
* Откријте кои се неговите таленти, желби и интереси и поттикнувајте го во таа насока.
* Критикувајте го неговото однесување, а не неговиот идентитет.
* Водете сметка критиката да биде барем десетпати помала од пофалбите, бакнежите, прегратките, убавите разговори…
* Често прегрнувајте го и бакнувајте го (во пубертетот намалете со ова, впрочем и самото дете ќе ви покаже кога е доста).
* Не правете ги работите што самото може да ги направи.
* Смејте се со него.
* Играјте си со него.
* Поминувајте време заедно во активности што и вие ги сакате.
* Негувајте го својот однос со партнерот.

Автор: Јелена Врсаљко, психотерапевт



912

X