Онлајн-наставата го промени текот на образованието какво што го познаваме и им го отежна животот на децата. Со оглед на тоа што трае подолго време, се чини дека и учениците и наставниците добро се снајдоа со новиот начин на настава на далечина, додека родителите признаваат дека често имаат главоболки поради тоа.

Додека некои се борат со вибер-групи и барањата на наставниците, други обрнуваат поголемо внимание на домашните задачи, изгледа како училишните обврски траат во текот на цел ден и сите страни еднакво се вклучени.

Една мајка од Србија на својот твитер-профил објави комична приказна наречена „Домашно по ликовно“, опишувајќи го претпладнето во нејзиниот дом. Сагата за заборавената домашна задача ви ја пренесуваме во целост:

– Се будам малку пред девет во пижами, седам на компјутер, ги читам е-писмата од работа што не ме интересираат. Големиот син доаѓа и се жали онака како што само храбрите мажи можат – заборавил дека до 11 треба да испрати домашно по ликовно, но не се сеќава што требало да се нацрта. Тука почнува нашата драма бидејќи не се сеќава, што во превод значи: синоќа беше буден до десет, пред тоа играше „Броул старс“, пет часа, вмрежен со другарите од одделението бидејќи излезе новиот апдејт.

Прво велам: – Нема да ти помогнам, не обрна внимание, но потоа потклекнувам, бидејќи Бобо е мамин син, ок, ајде да видиме што треба. Вели дека ја запомнил само техниката со лисја, гугламе, го испраќам пред зграда да собере лисја. Клиентите се јавуваат, јас трчам бидејќи малиот син стана и плаче бидејќи ги сака неговите водени боици за и тој да црта – поставувам мини-ателје на трпезариската маса.

Ја пробуваме техниката со лисја, но и двајцата имаме две леви раце, тоа се вкупно четири леви, и ништо не ни излегува. Го прашувам: – Има уште некоја техника?, но тој не се сеќава. Вели дека не објаснила убаво наставничката на ТВ-училницата, го барам тој час на „РТС Планета“ да видам што има, а за тоа време малиот син го стави ракавот од пижамата во зелената боја – црта дрво.

Пуштаме ТВ-училница и жената убаво ги објаснува сите техники. Чекам часот да заврши за да го искарам бидејќи не внимава, а истовремено го преслекувам малиот син. Големиот повторно плаче бидејќи не знае која техника да ја избере, а всушност плаче бидејќи му реков да заборави како изгледаат телефонот и „Броул старс“ и дека не ми е гајле што ќе го исфрлат од серверот ако не игра.

Повторно ѕвони клиент, малиот син плаче дека неговата чаша со вода не е добра, оди да ја земе на брат му, се тепаат и истураат – повторно нервен слом, но кој брои.

Ок, почнуваме со натопување на раката во боја и техниката стапчиња за уши, морам да направам сè, за малото да не плаче, а истовремено се обидувам и да приготвам појадок. Повторно се јавува клиент, мама се грижи што ме нема да ѝ се јавам, стигнува е-порака, на малото му се мочка, итно!

Сите шест раце се со темпери. Малиот син не сака ваков појадок, сака крем, плаче. Големиот син гледа да замине. Малиот плаче бидејќи има едно стапче помалку, се тепаат. Некако завршуваме, малиот син се фрла на подот бидејќи не му давам бонбони затоа што не јаде, јас не стигнувам да му одговорам на клиентот, го сликаме цртежот за да ѝ се испрати на наставничката во последен момент и земам да измијам сè што извалкавме. Мажот ми се јавува, а јас му велам дека го проколнувам денот кога се сретнавме.

Се чувствувам како да си дојдов од фронт, а нема ни 11 часот. Но, стигнува одговор од наставничката – добив петка по ликовно, кој сака, нека честита!

Извор



912

X