Кога ќе ви соопштат дека вашето дете не влегува во рамките на другите деца, особено веднаш по породувањето, тоа не може да не ви предизвика голема тага. Сè што ви е непознато, буди дополнителен страв. Во тие моменти, наместо поддршка од надлежните лекари, медицински сестри и психолог, добивате прашање: „Можеби е време да размислите за некоја институција?“ Не, ова прашање мене не ми беше упатено, но им било на 90 отсто од жените што ги познавам. Кај мене ситуацијата беше поинаква. Прашањето што се поставува во најнепријатно време и тогаш многу жени го прават тоа, едноставно го даваат, некои се каат, па се враќаат по него…
А јас се прашувам, какви луѓе сме станале кога одбираме кого сакаме, а кого не сакаме? Дали одбираат тие што го поставуваат прашањето, дали одбираат боја на очите, боја на косата, а на крајот и бројот на хромозоми? Дали тогаш тоа е мајчинство, родителство, не знам… Можеби и е, нема никого да осудувам.
Јас знам дека моето дете го создадов од најголема љубов, каков и да е бројот на хромозоми, бојата, ништо не ми е важно, јас одбирав да бидам мајка, мој е, ќе живее најубав живот со мене и не го давам никому.
Знам дека поинаку не можам, не можам да се будам не знаејќи дали ги отворил очите, не можам да јадам, а да не знам дали јадел, не можам да го оставам детето што го создадов, а кое го живее животот исто како и јас. Јас тоа не го можам и не го сакам. Сакам да живеам достоинствен живот со него, полн со среќа и радост. Само тоа го сакам.
Да, јас сум Гордана и имам син Вук со 47 хромозоми и да, имам потешка задача од вас, но и јас имам свое гориво, а тоа е моето дете, имам јас гориво за пат околу светот!
Немојте само да ни го отежнувате патот, немојте да не гледате со страв, со сомнежи… Прифатете не вакви, вашите деца научете ги да нè прифатат вакви со 93 хромозоми заедно, вакви насмеани и полни со енергија. Бидејќи, ветувам, можеме да ви дадеме само вишок среќа и радост, тоа ви го ветувам!
Автор: Гордана Вукичевиќ
912