Воспитување

Маѓепсаниот круг на потреби – кога грижата за нас станува грижа за децата

Луѓето во суштина се едноставни суштества. Сè што сакаме е да се чувствуваме добро, да ни биде убаво и да бидеме задоволни. Најкраткиот пат до пријатни чувства е задоволување на нашите потреби: да ни биде топло и да сме добро најадени (физички), да нè почитуваат, уважуваат и сакаат (социјални/емотивни), да сме слободни да истражуваме нови искуства и да сме креативни (ментални/интелектуални) и да сме самостојни и во согласност со самите себе (духовни).

Неволја настанува тогаш кога од некоја причина не е можно непосредно да се задоволат нашите потреби – тоа доведува до непријатни чувства, а чувствата до несоодветно однесување. Кај децата, кај кои изостанува свесна контрола на импулсот и способноста за одлагање на задоволството, доаѓа до типични реакции – плач, тркалање по под, инает – кои кај родителите најчесто предизвикуваат збунетост, очај или фрустрација. И токму таквите ситуации се сржта на динамиката на односот родител-дете: реакцијата на родителот на детската незадоволена потреба претставува основа на која се гради личноста на детето, идниот возрасен член на општествената заедница.

Како што на децата им е важно да ги задоволуваат своите потреби за да се чувствуваат пријатно, така и родителите имаат свои потреби чие задоволување често го одложуваат, ставајќи ги потребите на децата пред своите. Забрзаното темпо на живот и модерната цивилизација понекогаш доведуваат и до целосно поместување на приоритетите – од детските и сопствените потреби на активности кои обезбедуваат егзистенција. Што може да направат родителите за да ги избалансираат своите потреби и задоволството на своите деца?

Како да се помине квалитетно време со децата, кога сè што сакаме е по напорен ден да седнеме во нашата омилена фотелја

Пред сè, треба да се разбере и да се прифати дека задоволувањето на примарните, физички потреби е нужност, но и дека сите други потреби се важен услов за задоволство кој ни овозможува полесно да излеземе накрај со секојдневните животни предизвици. Во непрегледното море од семејни и работни обврски, родителите се стремат кон ред и структура кои често изгледаат далечни и недостижни. Разбирањето и прифаќањето на значењето на рамнотежата помеѓу работните обврски и семејните активности е прв чекор кон воспоставување одреден смислен ред во кој е можно да се работи на обезбедување на своето семејство и притоа да се обезбедат и чувства на задоволство. Вториот чекор е примена на системот кој може да се нарече животна економичност – некои активности навистина мора да се извршат, а некои не мора, односно нивното завршување може без преголеми последици да се одложи за некое друго време. Обидете се и самите: направете список со активности кои сте ги планирале за утре или до крајот на неделата. Потоа, назначете дали е тоа нешто што навистина мора да се заврши или приоритет треба да му се даде на нешто друго. Откако ќе го направите тоа, запрашајте се: дали сте навеле некоја активност која подразбира поминување квалитетно време со своите деца, како и некоја активност која се однесува на посветување време на себеси?

Планирањето на обврските и активностите најчесто подразбира дека тие се многу на број. Во најголем број случаи, сето тоа е помалку или повеќе стресно, а ако сме целосно искрени – и самиот процес на планирање е исто така стресен. Како да се помине квалитетно време со децата, кога сè што сакаме е по напорен ден да седнеме во нашата омилена фотелја и да одлетаме во безгрижниот свет на соништата? Активната работа на себе и седнувањето во фотелја, но не и целосна пасивност во следните неколку часа, е веќе јасна цел – неколку минути одмор пред заедничка активност со детето. Најчесто, ако детето знае и очекува дека ви е потребен краток одмор пред да му се посветите, тоа ќе се стрпи и ќе го почитува вашиот дневен ритуал. Рутините и доследноста олеснуваат и прават секојдневните семејни интеракции да бидат смислени.

Она што можеби најмногу страда во обидот да се биде грижлив родител е грижата за себе.

Квалитетното време посветено на себе е предуслов за квалитетно време посветено на детето. Краткорочно, во ситуации во кои сме уморни и под стрес, или сме соочени со детската непослушност, потребно е да се направи нешто за да се „излади“ ситуацијата, пред да изреагираме на начин поради кој подоцна ќе се каеме. Стратегиите или техники за саморегулација ни помагаат да се совладаме себеси, а од нас се очекува да ги задоволиме потребите на децата. Едноставно броење до 10 или наназад, длабоко вдишување и задржување на воздухот или кратко напуштање на просторијата се наједноставни стратегии за саморегулација.

Долгорочно, споменатото планирање на активностите во кои времето посветено на себе е нешто што се мора го зголемува прагот на толеранција кон фрустрации. Тоа значи дека поретко ќе бидете под стрес, и со самото тоа вашиот капацитет за излегување накрај со предизвиците ќе биде поголем. Така вие градите основа која ќе ви послужи како резервоар во кој ќе има место за детските фрустрации, ќе можете да ги апсорбирате и да реагираат на соодветен, зрел начин.

Без разлика дали зборуваме од перспектива на вирусната, анксиозна, трагична 2020 година или се наоѓаме во некоја футуристична 2220 година, најважно е потребите на децата да бидат задоволени – да можат да играат и да научат, да се чувствуваат безбедно, уважено и сакано. Родителите им се потребни како даватели на структура, како фигури од доверба, кои со својата смиреност и рационалност ќе им даваат пример како треба да постапат. Доколку сакаме нашите деца да пораснат во подобри верзии од нас, мораме најпрво да се погрижиме и ние да бидеме најдобри верзии од себеси.

Автор: Марко Радивојевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top