Воспитување

Лошиот брак им го одзема детството на децата

„Кога брачната заедница е лоша во коренот, ако во неа партнерите влегле неспремни и незрели и уште ако мажот има некој проблем, големи се шансите дека ќе дојде до некоја форма на насилство“, вели психологот Снежана Репац од Србија.

Таа објаснува дека кога веќе детето е тука, а жената почнува да трпи насилство, во кој било вид, особено е изразена манипулацијата со децата. „Тогаш жените прават калкулација – што можам да трпам и до кога? Тука се прави животното салдо на жените. Најголемиот параметар е детето, но секако се поставува прашањето колку мајката знае што на тоа дете му треба? Поради тоа што нема каде, поради тоа што е економски загрозена, па дури и затоа што се плаши од осуда на општеството, често не ги препознава ризиците од таквото растење на детето“, вели Репац.

„Детето што живее покрај татко насилник нема вистинско детство. Детето што ја гледа мајката која трпи каков било вид насилство, во својата глава се обидува да го реши дисбалансот и станува жртва на семејна дисфункција. Така, наместо да вложува во себе, во образование, личен развој, детето целото свое внимание го насочува кон тоа да внесе баланс во семејството, бидејќи токму тоа семејство, какво и да е, е извор на преживување. Детето е принудено да се занимава со егзистенцијата, поради што подоцна може да има симптоми на депресија или нарушувања на однесувањето“, објаснила д-р Репац.

Многу често, мажот кој ја злоупотребува жената се труди да ѝ го „преземе“ детето иако се во заедница, главно купувајќи ја неговата љубов. „Насилникот манипулира со детето така што не одбира средства за придобивање на детската љубов. Тој ја малтретира жената, а детето го осипува со вредни подароци. Доколку се разведат, тој го прави истото, со тоа што таквиот маж често покрај себе има друга жена. Ако дојде до разделба, за жената дури тогаш настанува пекол. Тој се заканува дека ќе ѝ го одземе детето бидејќи неговата сега веќе поранешна сопруга е „неспособна“ да се грижи за него. Сака да се ослободи од неа, ја заплашува, оди дури дотаму што лаже во Центарот за социјална работа, ја пријавува за глупости, а на детето постојано му зборува дека мама е „лоша“. Практиката инаку покажала дека ретко кој маж се бори да биде сам со детето, дури и ако сака да го земе детето од мајката, има некоја друга жена покрај себе – вели Репац, потоа објаснувајќи го профилот на личноста на жена која трпи насилство, наседнува на лагите и се плаши за детето дури и да не е во заедница со насилникот.

„Жените што трпат и на кои им е лесно да манипулираат со деца, главно се оние типови личности кои имаат висока толеранција на насилство. Тоа е жена која има историја и искуства со трауми со злоупотреба и понатаму трпи, се согласува на се, нема самопочит. Децата се изговор. Таквата мајка не е во можност да размислува рационално, па детето кое случајно слуша дека мајката останува во брак поради него, само себеси потоа си набива вина“.

Психологот Снежана Репац смета дека доколку парот не може сам да ги преброди разликите, може да појде на семеен третман, но доколку во бракот „не оди“ и детето сето тоа го гледа јасно – заради него и неговата иднина, подобра опција е разделба. „Семејните терапии траат со години и се скапи. Разделбата е најдобра опција и за жената и за детето. Секогаш е подобро од манипулација со децата. За нив семејството е микрокосмос и манипулацијата со него остава големи последици кај детето во иднина. Децата не знаат што е лага. Тој токсичен елемент наречен лага, детето го впива и затоа во тој цел вител на насилство станува всушност најголема жртва. Детето кое е под такви трауми мора да оди на разговори со психолог. Многу е важно детето да прифати се, за што се големи шансите ако убаво му се објасни, па тоа нема да каже „останете заедно иако се тепате“. Со самото тоа, не трпи ниту детето ниту жената.

Автор: Сузана Трајковиќ

Извор

Поврзани написи

To top