Не ја ни забележав кога се прикраде до касата. Бев зафатен со мојот шопинг. Нејзиниот глас и едно необично барање ми го привлекоа вниманието:

– Тето, можеш ли да ми прочиташ што пишува овде?

Се свртив и видов едно мало девојче кое со сета сила се креваше на прстите за да го фати работ од пултот со левата рака и со десната ѝ подаде на касиерката мала кутија. Таа немаше повеќе од четири години. Продавачката се наведна над шалтерот за да види од каде доаѓа пискливиот глас. Тоа беше доволен знак малечката да продолжи со приказната.

– Мајка ми ме прати да купам слатка павлака за да направам торта, и ми рече да ја купам таа со кравата, а јас не знам да читам, а со крава се сите на полицата… и… дојди и види, тето – во еден здив го рецитираше нејзиниот проблем.

Додека таа ги кажуваше зборовите, веќе ја подаде раката кон касиерката и таа ја поведе во потрага по кравичката. Застанав во редот, чекајќи да се врати касиерката и истовремено му се восхитував на малото девојче. Додека ја гледав нејзината снаодливост и искреност, се сетив на себеси во истата ситуација. Но, не кога бев мал, туку кога бев голем. На почетокот на мојата кариера, кога се вработив.

Ме праќаа разни газди и директори на разни задачи каде што не знаев да прочитам што треба да се направи. Како и многумина, јас се најдов во темнина кога ме испратија да работам на работа каде што на другата страна стоеја далеку поискусните менаџери и сопственици на бизниси. И јас како малото девојче, стоев пред разни проекти без да знам да ги читам, опкружен со оние што знаат сѐ, што знаат да читаат. Се плашев да не ме искараат шефовите што не знам сѐ и дека поради тоа ќе останам без работа.

Непријатноста ја решив преправајќи се дека знам и разбирам сè. Се правев дека сум безбеден, но во себе се препотував. Мислев дека се подразбира оти мора да дојдете подготвени на работното место. Зошто инаку учиш и добиваш диплома, ако немаш одговори на сите прашања. Се храбрев без покритие. Затоа направив безброј грешки обидувајќи се да го сокријам моето неискуство. Колку повеќе го криев, толку повидливо стануваше.

Жал ми е што не знаев дека може да биде поинаку. Дека има реченица што решава такви работи. Никогаш не знаев искрено да прашам детски: „Тетко, чичко, можеш ли да прочиташ што пишува овде?“ Не можев, се плашев да не ме одбијат.

А веројатно не би ме одбиле.

Повеќето би биле добронамерни. Повеќето би помогнале. Затоа што од млад човек не се очекува да знае и да разбере сè на својата прва работа.

Исто како што од четиригодишно дете не се очекува да чита.

Извор



912

X