Ние сме луѓе од крв и од месо. Преполни сме со несовршености и „тенки линии“. И повеќето од нас и повеќето од нашите деца немаат физички можности за професионален спорт. Некој нема висина, некому му фали тежина, некому сила на умот, јаки коски или челична волја. Некого го мачат тетивите, менискусите, срцето, бубрезите, белите дробови, колената… Така што, природата баш и не е на страна на таквите напори кај повеќето луѓе. Не кај малцинството, туку кај мнозинството. Кога со поделба на картите, сепак, ќе добиеш тело и волја кои се трошат, а не се потрошуваат – тогаш мораш да бидеш многу, многу послушен за професионален спорт. Ако не си послушен, препреките се на висина која е проблематична и за Спајдермен.

А каде се децата во целата балада?

Децата го градат својот идентитет. Околината лепи етикети. Некои се добри, некои лоши. Една од општо пожелните е: „Тој обожава спорт, самиот бара да оди.“ Во превод – силен е и способен, Тоа им одговара на сите. А, пред сè, на децата. Децата со задоволство се лепат за етикетата – јас сум иден спортист. Тоа е одлично, децата имаат свој свет во кој мерките се точно каде што треба, идолите се ѕвезди водилки и ветер во грбот. Сè детско е пренадуено, безопасно и здраво. Сè додека не се вмешаат родителите кои велат: „Ок, ти си спортист и точка, а јас сум родител на спортист.“ Ги водат децата да се дружат таму каде што има терен, со деца кои го сакаат тоа, за секој роденден подароците се во врска со одреден спорт, на телевизија се гледа најчесто спорт… Во меѓувреме, сета ширина на овој свет полека се намалува на еден спортски терен.

Ништо од претприемаштво, ништо од култура, ништо од адвокатура, архитектура, ниту програмирање… Малечки се.

Сè е спорт и соништа. Балон од сапуница, за жал, за повеќето. А кога ќе пукне, не останува ништо.

Оставете ги децата да фантазираат и да се борат на полето што им значи, а вие правете падобран, ако излезе дека детето ви е меѓу над 90 отсто од популацијата која не може да се занимава со професионален спорт и се искрено среќни тука каде што се, иако не се професионални спортисти. Така што, тоа не е малер, тоа е огромна веројатност и тука здравиот разум на возрасните луѓе треба да направи падобран. Или ги остава децата да се удрат од бетон.

Изборот е на нас. За споредба – на децата кои се навистина навлечени на игри, кога ќе им го земеш рутерот, си им го зел идентитетот и тие се разболуваат психички, па и физички. Исто е и со спортот. Лекар, пекар, аптекар… Детето би требало да може да биде ШТО БИЛО!

Автор: Снежана Голиќ, педагог

Извор



912

X