Секој родител треба да биде и воспитувач на своето дете, а за да го постигне тоа, тој мора да има авторитет. Но, поимот авторитет често се злоупотребува и како пример за позитивен авторитет се зема родителот чии деца од страв се послушни. Авторитетот не смее да се здобие со вметнување страв, туку тој треба да биде резултат на почитување кое родителот го заслужил со својата доследност, чесност, добар пример кој им го дава на децата.

И таткото и мајката во детските очи мора да имаат авторитет. Мајката не би требало да се повикува исклучиво на авторитетот на таткото, бидејќи со тоа го загрозува својот авторитет кај детето. Ситуацијата кога мајката често вели: „Ќе видиш ти кога ќе дојде татко ти!“ и слично укажува на тоа дека таа нема авторитет кај своето дете. Улогата на таткото не смее премногу да се нагласи во однос на улогата на мајката и обратно, бидејќи и двајцата имаат свои улоги и должности во процесот на воспитување.

Покрај тоа што некои родители не го остваруваат својот авторитет, постојат и такви што го базираат авторитетот на погрешни основи.

Лажен авторитет на родителите

Претежно целта на родителите кои на овој начин се поставуваат е да ги слушаат децата. Таквиот став во самата основа е погрешен. Целта мора да биде само една, а тоа е правилно воспитување, насочување на децата. Семејството треба да изгради воспитана личност, а воспитаната и послушна личност не е секогаш едно исто. Тие деца што се правилно воспитани ќе умеат разумно да го приспособат своето однесување, што не е случај кај оние деца што се исклучиво учени да бидат послушни и кои согласно тоа тешко разликуваат добро од зло. Во случај на лажен авторитет, додека децата се послушни, родители привидно спокојно живеат.

Меѓутоа, во практика речиси секогаш излегува дека ниту спокојството ниту послушноста не траат долго. Ако родителите во процес на воспитување на своите деца постигнат релативна послушност, често сите овие други цели на воспитувањето се занемарени бидејќи децата стануваат слаби луѓе кои секогаш бараат некој повисок авторитет кој ќе донесува важни одлуки наместо нив.

Постојат повеќе видови лажен авторитет. Овде ќе разгледаме неколку од нив, а воедно ќе укажеме и на својствата и функциите на вистинскиот авторитет. Цел на анализата е да ги преиспитаме нашите принципи на воспитување и да ги менуваме доколку не се правилни. На потенцијалните погрешно засновани авторитети нè упатува рускиот педагог Макаренко, кој ја извршил нивната класификација.

Авторитет на угнетување

Ова е најбизарниот вид авторитет кој главно е присутен кај татковците. Најчесто во злоупотребата на децата учествуваат родители кои и самите биле лишени од чувството на љубов, па тоа го покажуваат преку негативен емоционален став кон своите деца. Таквиот родител најчесто садистички го понижува своето дете, го навредува со лоши зборови, го нарекува со погрдни имиња, го исмејува и обично посега по физичко казнување.

На овој начин децата не се воспитуваат, туку само учат да се држат подалеку од родителот, кој за нив претставува закана. Угнетените деца неретко стануваат морални слабаци, или пак тирани и тие во текот на животот на некој начин страдаат поради недостиг на љубов кој го доживеале во своето детство. Познатиот актер Марлон Брандо за својот татко го кажал следното: „Мојот татко беше застрашувачки молчелив, мрачен, лут – груб. Сакаше да издава наредби и никогаш не ме награди со некој убав збор, поглед или прегратка. Веројатно од таа причина јас во себе имам аверзија кон авторитет“. Врз основа на такво однесување на родителот кај децата се јавува омраза кон авторитети, бидејќи во овој случај се работи за злоупотреба на функцијата воспитувач и родител.

Авторитет на растојание

Има такви родители што сметаат дека  треба што помалку да комуницираат со децата. Доколку се јави потреба за разговор, тогаш треба да се настапи во улога на старешина – за децата да бидат послушни. Овој вид авторитет е почест во семејствата на „интелектуалци“. Тука таткото редовно има некаков посебен кабинет од кој ретко се појавува, додека со децата комуницира преку мајката. Има и мајки што се однесуваат така. Тие имаат свој живот, свои интереси и амбиции, а за децата главно се грижи баба, а понекогаш дури и куќна помошничка. Очигледно е дека ваквиот однос со детето е погрешен и дека ваквото семејство не е разумно организирано. Секако, ниту ова не е вистински авторитет, туку само изразена себичност во која родителите не сакаат да се грижат и да ги согледаат детските потреби, туку само своите себични интереси.

Авторитет на педантизам

Во овој случај родителите премногу очекуваат од децата. Тие се убедени дека децата треба секој родителски збор да го слушаат со страв и дека нивниот збор е светост. Своите наредби ги издаваат со студен тон и очекуваат послушност без приговор. Таквите родители се плашат децата да не увидат дека тие погрешиле. На пример, во случајот во кој родителот го казнил детето, а подоцна излезе дека детето не е виновно, или не е виновно до таа мера, тој не ја повлекува казната: Кога тој нешто рекол, тогаш така мора да биде.

Родителот не сака децата да увидат дека и тој може да погреши. Меѓутоа, вистина е дека ние често грешиме, а тоа не може да се сокрие. Така, со ваквиот став родителите само ги повредуваат децата и ги губат авторитетот и почитта кон нив.

Авторитет на расудување

Во овој случај родителите го задушуваат животот на децата со бескрајни поуки и критики. Наместо да му каже на детето неколку збора, можеби дури и со шеговит тон или ако треба со строг, родителот му наредува да седне спроти него и да слуша бескрајна лекција. Ваквите родители се уверени дека во поуките има главна педагошка лекција. Но, тие забораваат дека децата не се возрасни луѓе и дека тие, многу повеќе отколку возрасниот човек, реагираат емоционално. Затоа родителските критики и лекции поминуваат без ефект. Децата не размислуваат толку за она што им се вели колку за начинот на кој им се зборува.

Авторитет на „љубов“

Ова е најчест и најштетен вид лажен авторитет. Таквите родители најчесто се раководат од идејата дека на детето треба да му се обезбеди безгрижно и радосно детство и затоа претеруваат во угодување, галење и скратување на обврските и задачите на децата. Последица од таквото однесување е создавање мал егоцентрик кој многу бргу учи да ја наметнува својата волја и да ги диктира животните содржини. Бидејќи им даваат многу „љубов“, тие очекуваат да им се возврати. Затоа, ако детето за нешто не ги послуша, веднаш прашуваат: „Значи – не ме сакаш?“ Родителите тогаш го следат изразот на детските очи и бараат нежност и љубов. Често во присуство на децата им говорат на познајниците: „Тој многу ги сака тато и мама“. Детето многу бргу научува да манипулира со оваа „потреба“ на родителите. Тоа забележува дека може да ги измами, само треба да го направи тоа со нежен израз. Може дури и да ги заплаши, само треба да се намурти и да покаже дека „љубовта“ почнува да поминува. Исто така, детето многу рано почнува да сфаќа дека на луѓето може да им се додворува.

Поради сето ова, ова е многу опасен вид лажен авторитет. Вака растат неискрени и лажливи егоисти и многу често самите родители стануваат нивни први жртви. Таквиот погрешен однос со родителите ќе доведе до тоа децата кога ќе пораснат, да се обидат да го воспостават и со други луѓе.

Авторитет на „добрина“

Во овој случај детската послушност исто така се организира преку детската „љубов“, но таа не се предизвикува со бакнежи и милување, туку со попустливост и непринципиелност на родителите. Таткото и мајката дозволуваат сè, ниедна жртва не им е преголема, не се „тврди“, тие се „извонредни родители“. А, всушност, тие се плашат од секој судир, повеќе сакаат „семеен мир“ и спремни се што било да жртвуваат за „сè да биде во ред“. Во вакво семејство децата наскоро започнуваат да командуваат со своите родители, а родителското неспротивставување им дава сила на детските каприци и желби. Понекогаш родителите се обидуваат да дадат одреден отпор, но обично кога веќе е доцна, кога во семејството веќе се формирала погрешна практика. Ваквите деца се учат да не почитуваат никаков авторитет и дека сè во животот може да прават по свое. Така стануваат себични и несреќни луѓе.

Авторитет на „пријателство“

Често родителите се договараат дека кон децата ќе се постават како кон „пријатели“. Генерално гледано, тоа е добро, но сепак родителите треба да останат најстари членови на семејниот колектив, а децата воспитаници. Ако пријателството ја прејде оваа граница, воспитувањето престанува или се започнува спротивен процес: децата почнуваат да ги „превоспитуваат“ родителите. Во ваквите семејства децата ги исмејуваат родителите, а за послушност не може ниту да се спомене. Тука нема ниту пријателство, бидејќи пријателството е невозможно без заемно почитување.

Често родителите толку уживаат во улогата на пријател на своите деца, што во времето кога децата ќе станат адолесценти и ќе имаат свој свет и свои погледи, родителите сметаат дека треба да се однесуваат и облекуваат како и нивните деца. Со ваков став и однесување тие само стануваат предмет за исмејување и децата се срамат од нив. На своите деца родителите треба да им бидат пријатели на кои секогаш ќе можат да се потпрат и да бараат совет или разбирање, но секогаш треба да бидат јасно дефинирани улогите.

Авторитет на подмитување

Ова е најнеморалниот вид авторитет, кога послушноста се купува со подароци и ветувања. Се разбира, во семејството е потребен некој поттик, некој вид наградување, но во никој случај не треба да се купува послушноста на децата и добриот однос кон родителите. Децата може да се наградуваат за добро учење, за извршување на некои за нив навистина тешки работи. Но, во никој случај децата не смеат да бидат поттикнати од ветувања и подароци за да ги извршуваат своите обврски. Децата многу брзо учат да ги уценуваат своите родители, а нивните желби со текот на времето стануваат сè поголеми.

Ова беа неколкуте видови лажен авторитет. Ги има уште, но често се случува родителите воопшто и да не мислат за некаков авторитет, туку го препуштаат процесот на воспитување на случајот. На пример, денес родителот се изнервирал и за ситници го казнил детето, утре му изјавува дека го сака, задутре нешто му ветува како мито, а следниот ден повторно несоодветно го казнува. Се случува и таткото да се придржува до еден вид авторитет, а мајката до друг. Во ваков случај децата се трудат да бидат „дипломати“, односно да се приспособат и на мајката и на таткото. А тогаш не е остварена целта на воспитувањето – изградба на зрела, здрава личност.

Автор: Дијана Човиќ

Извор



912

X