Воспитување

Кога нашите деца ќе станат родители, ќе речат: „Колку е тешко денес, моите уживаа, висеа на Фејсбук“

Носталгичните текстови и слики на насмеани деца од 60-тите, 70-тите, 80-тите години го преплавија интернетот и предизвикуваат жалење за играта во кал и прашина. Се прашувам кој ги лажел овие луѓе дека денес нема кал? Кој им рекол тие одлуки да ги донесува некој друг, а не тие самите? Кој им забранил?

Кога секој од родителите што на таквиот пост коментирал, го споделил или му се допаѓа би го пуштил своето дете во кал или баричка да си игра, ќе имавме неверојатна збрка во барата. Тогаш некој би се досетил да отвори приватна светкава бара, да го задоволува вкусот и стандардот на секој што не сака да оди во обичната, бесплатна бара. И тука би била збрката, се разбира. Но по играњето во барата мора да го пресоблечеш детето, ти да се пресоблечеш, да го избришеш подот во станот и да го испереш сето тоа. И ете ја причината зошто такви активности ни недостигаат – затоа што повеќето од РОДИТЕЛИТЕ се мрзливи, додека давањето коментари и лајкувањето им даваат лажни чувства дека не е до нив, туку до 2018, времето во кое живееме.

Немојте да се лажете себеси, не кријте се зад параванот на денешницата, фатете го детето за рака и изнесете го надвор. Како и во 70-тите години, некој морал прв да тргне и да заѕвони за да ја собере екипата. Нека биде тоа твоето дете, ако е ученик, или вие. Пратете им пораки во вибер-групата на мајките на децата од градинка или училиште: „Да се најдеме во 17 часот во паркот“. Ќе дојде барем еден – доволно е. Кој сака, ќе направи време и средина по сопствена мерка. Повеќето родители сакаат да се вклучат, но не и да организираат. Еве, јас ви ја кажувам тајната, бидете организатор на дружењето, наместо по цел ден да кликате лајк и сподели, и ќе бидете среќни.

Многу деца денес живеат многу поубаво отколку кога ние бевме деца, само ние тоа од загриженост не го забележуваме. И тие мислат дека ние сме безгрижни, баш како што ние имаме нереални чувства дека нашите родители не се грижат. Ситиот не му верува на гладниот. Кога ќе пораснат и ќе добијат деца, ќе речат: „Колку е тешко денес да си родител, моите уживаа, висеа на Фејсбук“… така му се чини на оној што не сноси одговорност. Некогаш децата бевме ние, па со самото тоа бевме безгрижни и сега сме, неблагодарно, извртивме сè и правиме сè како да сме пораснале „како тикви без корења“, но нашите родители се сеќаваат на непроспиените ноќи, на нашата адаптација во градинка, приемните испити, војска… и сето тоа без совети од интернетот. Денес сè е многу полесно. Друга работа е што и тоа ни е тешко.

Роденден со аниматори, порачана торта и печива – нема садови, нема ништо. И повторно мајките и татковците ги превртуваат очите – едни се измориле од славење, другите од обврската да ги однесат децата, седат и пијат кафе за тоа време. И тоа им е тешко!
Баш им е гајле на децата за таа родителска неспособност да се радуваат. Децата трчаат и си имаат свој свет. Уживаат. Така и ќе се сеќаваат. Повеќето. Кај некои, сепак, ќе преовладува родителската нервоза и ќе живеат со чувството на сожалување за таа жена што ги родила и таа е добра, но не е во можност да му се радува на животот и на нивното растење. Уморна е и нервозна, несреќна.

Сè е во вашите раце, барем до 10-тата година, родители. Без никакви трендови… само вашите одлуки и вашата одговорност. Па размислете добро што ќе му сервирате на вашето дете. Доволно е со две семејства да направите пакт и до 13-тата година децата да не бидат на социјалните мрежи, да немаат телефон, а не се единствени. Цела една екипа – тие тројцата. Доволно се само три деца да заиграат фудбал или да донесат ластик, и телефоните одат в џеб дури и кај децата што немаат среќа да ги воспитуваат одговорни и свесни родители, туку им даваат на своите деца мобилен уште во прво одделение. Верувајте ми на зборот, кога некој ќе донесе ластик, креди, рекети… децата ги оставаат телефоните. Сепак е до нас.
Поставувајте им на вашите деца прашања, анализирајте, разговарајте со децата додека се возите во автомобил или шетате. Одберете омилена песна, создајте заеднички јазик, разбирајте се со поглед. Градете го односот меѓу вас и радувајте му се на животот, бидејќи тоа е најсилниот лек за имунитетот на децата.
Децата до 7 години не се способни да се грижат за себе и никогаш не биле, па ти мораш да ги чуваш своите. Тоа е тешко, но нормално. И вас ве чувале, само не се сеќавате на тоа. Фрлете го телефонот на детето, чувајте го детето, па и тоа брзо ќе помине.
Создадов сè за што сум носталгична и ништо не ми недостига.

Ве чекам во паркот, покрај барата, бидејќи никогаш не ја сакав калта.

Автор: Снежана Голиќ, педагог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top