Воспитување

Кризата во Венецуела ги принудува мајките да се откажат од своите деца

„Забрането фрлање на бебиња“, пишува на натписот што го направил Ерик Мехикано. Овој венецуелски уметник поставил знаци за предупредување на ѕидовите низ Венецуела откако новороденче било пронајдено во контејнер во близина на неговиот станбен блок во главниот град Каракас.

Мехикано вели дека ја покренал оваа кампања за да им укаже на луѓето на фактот дека во Венецуела „нешто станало вообичаено што не би смеело да се смета за нормално“. Економијата на земјата е во голем пад, а секој трет жител има проблем како да обезбеди храна која ги исполнува минималните критериуми на хранливоста, според студија што ја спроведува Светската програма за исхрана во Обединетите нации.

Со контрацептивни средства до кои е тешко да се дојде и кои за многумина се прескапи, несаканите бремености се чести. Строгите закони за абортус кои дозволуваат прекин на бременоста само во случаи кога животот на мајката е загрозен или фетусот не е здрав дополнително го ограничуваат изборот на жените. Во време на економската криза една добротворна организација соопштила, во 2018 година, дека забележала оти бројот на бебиња напуштени на улица или оставени во влезови од јавни згради се зголемил за 70 отсто.

Венецуелската влада во последните години не објавила никакви официјални бројки, а министерството за комуникации и владиното тело што се занимава со правата на децата не одговориле на барањата за коментар. Но, социјалните служби и здравствените работници што се консултирани од страна на Би-би-си потврдиле дека дошло до нагло зголемување на бројот на напуштени бебиња и до нагло зголемување на бројот на оние што се дадени на официјално посвојување.

фото: Гиљермо Долмо/ „Би-би-си“

„Кратенки“

Нелсон Вијасмил е член на советот за заштита на децата во еден од најсиромашните квартови во Каракас. Тој објаснува дека, соочени со лошиот финансиски систем на посвојување кој е во целосен распад, очајните родители понекогаш одлучуваат за кратенки. Приказната за бебето Томас (не е негово вистинско име) е еден таков случај. Него го родила мајка што живеела во сиромаштија во Каракас и сметала дека не е во состојба да го одгледува. Гинекологот кој бил присутен при раѓањето на Томас се согласил да ѝ помогне. Тој вели дека тоа не е првпат што сретнал мајка која сметала дека не може да одгледува дете.

– Тие речиси секогаш се премислуваат откако првпат ќе до дојат бебето. Но, понекогаш тоа не се случува, а потоа морате да пронајдете некое решение – вели тој.

Тој контактирал една од своите пациентки. На 40 години и со желба да има бебе, Тања (не е нејзино вистинско име) не можела да забремени. Таа сакала да им помогне на Томас и на неговата мајка, но по одреден период се премислила и сепак одлучила да не прифати. Наместо тоа, контактирала со пар кој се согласил да го одгледува Томас како сопствено дете во својот дом во рурална Венецуела. Морале брзо да го регистрираат детето за да не предизвикаат внимание, така што Тања платила мито од 250 долари за надлежните да „замижат“ и го навела името на нејзината пријателка како биолошка мајка на Томас. Томас сега го одгледуваат нејзините пријатели на село и неговото ново семејство всушност ги прославило првите самостојни чекори на Томас. Тања вели дека не се кае за тоа што го направила и инсистира дека ги заобиколила официјалните канали за посвојување за доброто на Томас.

– Никогаш не ни помислив дека ќе направам нешто слично, но легалното посвојување не функционира во Венецуела и тоа бебе би страдало во државно сиропиталиште – објаснува таа.

фото: Народни кујни поставени за помош за хранење на оние кои им е најпотребно, иако неухранетоста е голем проблем/ Getty images

Заробени

Томас е посвоен со доброволна согласност на неговата мајка, но има и луѓе што го искористуваат очајот на венецуелските жени. Додека била бремена со друго дете, сопругот на Изабела починал, што ја навело Изабел (не е нејзино вистинско име) да почне да размислува да го даде детето на посвојување додека била бремена.

– Бев сама и се плашев дека нема да можам да го нахранам детето – рекла таа.

Послушувајќи го советот од познајничка, одлетала на островот Тринидад на Карибите за да се сретне со парот за кој ѝ било кажано дека сака да го посвои нејзиното бебе. Ѝ било кажано дека нејзиниот збор ќе биде последен кога ќе биде во прашање конечната одлука, но многу брзо се нашла под притисок на Колумбијка која ја договорила трансакцијата. „Кажано ми е дека сè ќе биде легално, а јас никогаш не се обврзав дека ќе се откажам од бебето“, се потсетува таа. Но, веќе кога се нашла во Тринидад сфатила дека паднала во замка на трговци со луѓе. „Бев постојано набљудувана“, се потсетува таа. Изабел вели дека не ѝ било дозволено да ја напушти куќата во која престојувала и дека повратната авионска карта за родната Венецуела, која ѝ била ветена, никогаш не ја добила.

Раздвоени

Недели подоцна имала предвремено породување во болница во Тринидад. Одлучила да го задржи бебето, но веднаш ѝ извршиле притисок Колумбијката и човекот кој тврдел дека е адвокат.

– Ми рекоа дека новите родители чекаат на паркингот и дека морам да потпишам некои документи на англиски јазик кој не ги разбирав и да им го предадам бебето – вели Изабел. Таа прво одбила, но во текот на следните недели притисоците се зголемувале, па ѝ скратувале храна, лекови и пелени. „На крајот морав да им го предадам синот за да му го спасам животот и за да можам да се вратам во Венецуела и да побарам помош“, раскажува таа низ солзи.
Со помош на невладина организација, Изабел сега почнала правна постапка за да си го врати синот, кој се наоѓа под официјално старателство на државата Тринидад. Во овој момент дозволено ѝ е да го гледа само еднаш неделно.

Таа вели дека нема да се смири додека не биде повторно со своето бебе.

Автор: Гиљермо Долмо

Извор: BBC

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top