Комплексот Електра кај девојчињата е на некој начин пандан на Едиповиот комплекс кај момчињата. Малку потежок за разбирање, а и за објаснување за разлика од Едиповиот, но ќе се обидеме да го направиме разбирлив за секого.

Сличноста со Едиповиот комплекс е во тоа што и овој претставува комплекс, во смисла – збир од нешто. Збир на чувства, фантазии, стремежи, несвесни процеси и однесувања. Сличноста е и во периодот од детството кога доаѓа до појавувањето на Едиповиот или комплексот Електра, а тој период е обично околу третата година (со тоа што комплексот Електра кај девојчињата не се разрешува околу шестата година како што е тоа случај со момчињата, туку трае подолго).

Сличноста со Едиповиот комплекс е во тоа што и комплексот Електра бара разрешување од девојчето (успешно или неуспешно), но и во тоа што успешното разрешување на комплексот Електра се наоѓа во корените на зачетокот на здравата хетеросексуалност кај девојчињата.

Во периодот до третата година, пред да настанат некои од наведените комплекси, девојчето и момчето се врзани за мајката. Така што, исто како и кај момчињата, првата личност што девојчето ја сака е мајката. Значи првиот објект на нејзината љубов е мајката. Девојчето во овој период покажува изразена поврзаност со неа, го бара нејзиното внимание, дури и се забележува и љубомора кога мајката комуницира со таткото, пријателките или со други лица. Девојчето многу се труди да го насочи вниманието на мајката од другите лица кон себе, за да биде центар на нејзиниот свет. Во Електра-фазата кај девојчињата сепак се почнува со поголема потреба за таткото, неговото внимание, барањето игра со него или каква било друга размена.

Зошто ќерката во Електра-стадиумот се фокусира на таткото и дали тоа за неа е едноставен чин?

Никако не е едноставен и настанува под влијание на несвесни процеси: фантазиите, чувствата, желбите и стремежите кои ги нарекуваме комплекс Електра. Девојчето станува посвесно за своите гениталии и со текот на времето согледува дека се исти како и кај мајка ѝ. Па така, станува свесна дека како и мајка ѝ, нема машки полов орган. Она што се случува во мислите и потсвесните процеси на девојчињата изгледа вака:

„Јас мислев дека сите сме исти, но изгледа дека и мене и тебе, мамо, нешто ни фали. Ни фали тоа што го има тато. Тој, според тоа, изгледа е поголем или подобар од нас. Можеби поради тоа дозволуваш да ти приоѓа и да те сака. Можеби и поради тоа го сакаш? Можеби тоа ти си ми го ускратила и одзела и многу сум ти лута. Тогаш и јас би требало да го имам тоа што го има и тој. Доколку бидам блиска со него, можеби ќе ми помогне да ја добијам таа моќ. Јас сакам да го имам сето она што го има и тато. Всушност, како можам да ја привлечам твојата љубов и внимание, мамо, ако го немам истото што и тато?“ Девојчето почнува да посакува силна унија со таткото, повеќе бара да си игра со него и да покажува поголем интерес за него.

Зошто е важна оваа унија и емоционална размена и размена низ игра со таткото?

Поради тоа што на овој начин и низ овие потсвесни процеси, всушност, се раѓа тенденција за поседување на личноста од спротивниот пол, коренот на интересирање за личноста од спротивниот пол, за момчиња и подоцна за мажи. Во овој момент на унија со таткото лежи коренот на хетеросексуалноста во здравиот психосексуален развој на девојчето. Како поинаку воопшто во животот би ја интересирал спротивниот пол? Како, кога првиот објект на нејзиното врзување е со мајката, која исто така е од женски пол? Доколку девојчето не успева да го надмине овој период и остане на степен на преголема поврзаност со таткото, обично во возрасна доба бара партнери кои многу ја потсетуваат на таткото. На пример, доколку таткото бил офицер и често носел униформа, таа како жена може да покаже интерес за мажи кои се војници, пилоти, полицајци и слично. Може и физички нејзините партнери многу да потсетуваат на нејзиниот татко. Исто така, доколку таткото бил мирен, тивок и повлечен, можно е да ја интересираат баш такви, мирни и повлечени мажи.

Што се случува кога во животот на девојчето недостига таткото?

Како таа ќе развие интерес за спротивниот пол? Не треба да се јави грижа околу ова. Во животот на жената тогаш постои или очув кој ќе ја замени улогата на таткото или некоја машка фигура со која мајката остварува каква било квалитетна размена. Можеби постои вујко, пријател или кој било во чиј однос девојчето ќе покаже некој интерес или зголемено интересирање. Ќе биде, се разбира, покомплексно и потешко за девојчињата да го поминат овој пат бидејќи можеби таа личност од спротивниот пол не е постојано присутна, но несвесните процеси го пронаоѓаат патот и објектот на своето разрешување.

Како успешно се решава комплексот Електра кај девојчињата?

Со текот на времето девојчето почнува да разбира дека таа и мајката не се непријатели, дека мајката никогаш не ѝ одзела никаква моќ и почнува повторно да се идентификува со неа. Прима повеќе од женските, поточно мајчините карактеристики на однесување. На пример: начинот на кој оди, држењето, говорот, начинот на кој се чешла многу потсетува на мајката. Подоцна во животот девојчето и другите женски фигури ги зема како идентификација, па и од нив нешто имитира. Тука спаѓаат воспитувачките во градинките, учителките во основно училиште. Тоа се важни лица со кои девојчето се идентификува. Со така лесни чекори, девојчето станува девојка, па жена, а сите овие женски лица оставиле една многу значајна трага во развојот и патот на трансформација од девојче во жена.

Како неуспешно се решава комплексот Електра кај девојчињата?

Неуспешно разрешен комплекс Електра може да се согледа кога жената не успева да го совлада потсвесниот бес или омраза кон мајката. Може и во возрасна доба да се жали дека нејзината мајка никогаш не ја сакала доволно, дека била престрога и да пронаоѓа други причини зошто не ја сака својата мајка онолку колку што треба (тука се мисли на случаи кога мајката била сосема соодветен родител, но секогаш била отфрлена од страна на ќерка си). Исто така, неуспешно разрешување на комплексот подразбира и девојчето никогаш да не се идентификува доволно со својата мајка.

Зошто комплексот Електра е покомплициран од Едиповиот?

Затоа што девојчето има задача прво да го прифати првобитниот објект на својата љубов, мајка си, а потоа да ја отфрли за да покаже интерес за таткото и со тоа да го покрене коренот на интересирање за спротивниот пол во раното детство. Потоа повторно мора да ја прифати својата мајка и да го надмине бесот кон неа, за да се идентификува со неа и да ја развие својата женственост преку поистоветување. Кај момчињата, пак, помалку комплициран е процесот со оглед на тоа дека момчето од првобитниот објект на љубовта – мајката преминува на идентификација со таткото.

Автори: Ивана Синѓиќ, дефектолог и системски семеен психотерапевт, и Билјана Чулафиќ, педагог и системски семеен терапевт



912

X