Воспитување

Која реченица детето најчесто сака да ја слушне од родителите?

Сега е 22:59 часот и ја проверив училишната чанта на моето дете по цел работен ден. Во тетратката на едниот предмет има два балончиња, во едното пишува: Што слушам најчесто?, а во другото: Што би сакал да слушам? Моето дете напишало дека најчесто слуша: „Зошто не си ја намачка устата (со лабело)?“ А би сакала да слушне: „Ќе ти купам сѐ што сакаш.“

Во првиот момент ме обзеде тага и каење бидејќи би сакала она што најчесто го слуша да биде: „Те сакам.“

Но, кога застанав и размислив малку, издигнувајќи се над сликата што си ја поставив, сфатив дека всушност можам да бидам задоволна.

Зошто ја опоменувам за устата? Затоа што е црвена од носот до половина од брадата. И секој, секој ден, ако не ѝ кажам да се намачка (повеќе пати), таа не го прави тоа. Дури се обидов да молчам затоа што мислев дека на тој начин ги доведува во прашање моите граници, но не, таа едноставно не ја мачка устата. И се враќа во уште полоша состојба од училиште/тренинг.

Тогаш зборувам, повторувам како папагал. И навистина, тоа е она што најчесто го слуша. Само се надевам дека не само што ќе ја препознае досадната мајка која ја дави за неважни работи, туку дека знае или барем насетува дека има бескрајно количество љубов и грижа.

И овој втор дел, јас сум дури и горда на тоа. Искрено. Затоа што се наоѓам себеси како воспитувам дете кое не е разгалено и не добива сè што ќе види. Дете кое се радува на работите што ги добива.

Да се ​​разбереме, таа има соба полна со играчки, кадифени животни, боички, па не дека секогаш успешно се спротивставуваме на излозите, туку кога ќе видам дека има желби кои ги чува за некоја пригода како роденден, Божиќ или прошетка со баба, среќна сум. Горда на двете.

Знае дека е сакана

Некако самата помисла дека моето дете знае дека е добро и дека е сакано ме исполнува со радост. Затоа што ако таа не верува во себе и секогаш слуша прекори, тогаш би сакала да слушне „те сакам“ и „ти си паметна/убава“. Вака останавме на желбата „Сè што сакаш ќе ти купам“.

Иако, да бидеме реални, како би било можно детето најчесто да слуша „те сакам“? Да, тоа се зборови кои не ги кажуваме толку често. Но, кога детето ја чувствува и живее таа љубов преку гестови, кога знае дека е драгоцено и незаменливо, кога знае дека нема од што да се срами, тогаш така треба да биде.

И не, нема да ѝ купувам сè што ќе посака, но искреноста и сознанието дека моето дете е во ред заслужуваат пофалби, прегратка и мала награда.

Автор: Маја Јурин
Извор

Поврзани написи

To top