Професор Ана Пешикан од Србија ги посочува клучните работи на кои родителите треба да обрнат внимание во периодот пред третата година на детето. Еве што вели таа:

Безрезервна љубов

Тоа не значи да се остави детето да прави што сака. Никогаш љубовта не треба да зависи од однесувањето. Канализирајте, не дозволувајте одредени однесувања, но љубовта не треба да ја доведувате во прашање. Не уценувајте го детето со љубовта („ако ме сакаш…“) бидејќи емоционалната уцена е многу лош образец на сите возрасти и во сите односи, а не само во односот родител-дете. Можете да го карате детето, да се лутите, да го казнувате, но не и да го отфрлите и да му испратите порака дека не го сакате.

Соодветно реагирање на детските потреби

Многу е важно соодветно, правовремено реагирање на детските потреби. На најрана возраст тоа е нужно, но тоа не е само задоволување на физичките потреби на детето, туку и развој на доверба во светот кој го опкружува, придонес кон развојот на емоционално стабилно дете. Обрнете внимание, детската потреба не е исто што и детскиот каприц или разгаленост. Кај бебињата е прифатлива реакцијата од типот „сакам сѐ и сакам веднаш“, но не и кај постарите деца. Со социјализација детето би требало да учи и одредени социјални улоги, да гради трпение, способност да го одложува задоволството, да развива истрајност, бидејќи тоа се карактеристики кои се високо поврзани со училишното и животното постигнување, со успехот. Во вкупниот успех, интелигенцијата учествува со 20-30 отсто, преостанатото се вредносни ориентации, мотивација и карактеристики на личноста.

Поставување јасни граници

Што може, што не може, што смее, а што не смее, што е убаво, а што е грдо, што е прифатливо, што не е… и доследноста во држењето на тие граници. Доследноста е една од најважните работи во воспитувањето што дава добри ефекти. Ако еднаш за нешто сте го казниле детето, секогаш казнувајте го тоа однесување, без разлика како сте расположени и каков ви бил денот. Во тие јасно поставени граници е неопходно давањето слобода на избор на детето. Тоа се начини да се изгради самопочит кај детето, самостојност и сигурност.

Професор Пешикан зборува и за животот на децата во градовите во 21 век. По градинка или училиште децата имаат уште две-три обврски, а времето за слободна игра е кратко. Таа објаснува колку е ова опасно и колку е всушност важна слободната за децата:

– Добро е децата да имаат можност да практикуваат различни активности и да имаат искуства со различни содржини. Тоа е корисно за нивниот развој. Она што е потребно е да се следи детето како реагира на нив, дали му одговараат или не. Во изборот на тие различни содржини критериуми би требало да бидат склоностите и интересите на децата, користа за нивниот развој, но не и неостварените желби и амбиции на родителите, малограѓанското натпреварување и модата.

Детето не е бренд со кој се фалиме пред другите луѓе.

Она што прилично го занемаруваат голем број родители, особено оние со подобри приходи, се заедничките активности со децата дома, со каков било расположлив материјал. Играњето со копчиња не е дел од сиромаштијата, недостигот на играчки и слично. Има многу активности што може да се прават дома, особено играње со амбалажа која инаку веднаш би ја фрлиле. Обидете се да направите нешто од, условно кажано, тој отпад. Тоа не само што му праќа на детето важна еколошка порака – дека отпадот не е само отпад, туку и ресурс, туку вие така ја развивате и креативноста кај детето, да не ги гледа работите еднодимензионално, само за една употреба.

Како би се снашло детето ако нема перница, а сака да легне, нема шнола, а сака да си ја тргне косата од лицето, сака да реши некој проблем, а нема наменско средство за тоа – тоа се правите ситуации за развој на мислењето и развој на создавањето. Доколку тоа прејде во навика и стане начин на кој детето се однесува кон светот и околината, сте направиле долгорочна услуга за неговиот развој, но и за другите и за околината.

Извор



912

X