Воспитување

Кога воспитувачката ќе стане и мајка

Полни 5 години работам како воспитувач. Од тој период поминав 3 со деца во градинка. Имав колешки, стручни соработници, раководители, прекрасни жени од техничкиот персонал кои кон мене, барем повеќе од нив, секогаш се однесуваа како да сум нивно сопствено дете. Ја имав таа среќа ментор да ми биде колешка од која многу научив.

Денес, 5 години подоцна, кога имам свое дете, кое би требало наскоро да тргне во градинка, аголот како да се промени. Замислете, ќе ја нaрекуваме во овој текст ТАА, во септември треба да тргне во градинка. Тогаш ќе има 17 месеци. „Леле, па како ќе ја оставам толку малечка, како ќе издржи без мене…“, зборува од мене мајката. Воспитувачот во мене одговара: „Госпоѓо, прибери се. Си чувала многу помали деца во градинка. Доаѓале со 11 месеци, уште не можеле ни да одат!“

И тоа е вистина. Им се посветував со денови, месеци, цело време. Беа толку мили, малечки и оставени на нас, да се грижиме за нив. Мајките плачеа пред вратата од групната соба, а јас ги тешев: „Немојте да плачете, ве молам. Не е ништо страшно. Тој/таа веднаш ќе се смири, верувајте ми… Само полека, сите поминуваат низ ова“. Мене расплаканите деца ме смееја. Имав една Нина која доаѓаше расплакана со мајка ѝ, а која се смируваше кога ја прегрнувавме. Подоцна ја дочекував на вратата и веднаш ги ширев рацете за прегратка. Тоа ни стана традиција. Имаше и еден Данило, еден Вук, Софија, неизморена од својата немирност, шармантна Сара која плачеше само кога беше вистинска „фрка“. Богдан го бојкотираше оброкот, Михајло обожаваше да ги закачува штипките на облеката и така да оди низ собата. Од друга страна, Срна сакаше во малиот колектив да ја тера правдата. Андрија ги крие краставичките по ручекот и потоа кришум ги грицка зад полиците со коцки. Страхиња долго плачеше и беше неизмерно тажен што е оставен тука и тамам кога помисливме дека прашањето е дали и како ќе се навикне, тој се навикна и потоа секој следен ден правеше со нас „да пукне“ кога влегуваше во собата. Милица, Лазар, Ива и Алекса, од кои Ива секогаш беше амбасадор на добра волја, а Алекса заговараше различна политика, беа брат и сестра, близнаци.

Имаше сè, солзи и смеа, но најмногу љубов и посветеност. И потоа кога ќе ме фати паника што наскоро ќе морам да ја одведам во градинка и НЕА, јас се сеќавам на она од почетокот на приказната – „Тоа сите го поминуваат“. Вистина е, ме фаќа паника. Свесна сум дека веројатно и јас ќе се расплачам пред вратата од собата кога првпат ќе влезе и кога ќе ја слушнам како плаче. Веројатно ќе се расплачам, иако сум свесна дека тоа е нормален процес, тоа е период кој поминува и потоа главно се лутат кога ќе дојдеме по нив: „Зошто дојде сега? Сакам да останам уште малку“.

Да бидам искрена, не ми е сеедно. Сепак, се потпирам на професионалноста на моите колешки. И не, воспитувачките не служат само за да ги чуваат децата додека родителите не дојдат по нив. Тие се многу повеќе од тоа. Секогаш се прашував како ќе изгледа кога јас, како воспитувач, ќе го одведам моето дете првиот ден во градинка. Прашањето кое често ми го поставуваат е: „Дали ќе ја однесеш во градинката во која работиш?“ Одговорот е НЕ. Не, бидејќи тоа би довело до ситуација моите колешки да чувствуваат притисок моето дете да има посебен третман, бидејќи е дете на колешка, а не сакам да биде така. Моето дете е дете како и сите други деца. Јаде, игра, учи, спие, седнува на нокшир како и другите деца. Сакам со неговите воспитувачки да изгради однос онаков каков што моите деца од мојата група имаа со мене. Отворен. Ако направи глупост, на тоа да ѝ биде свртено вниманието. Отворено и без заобиколување да каже ако во нејзиното однесување постои проблем, а не проблемот, каков и да е, дури и најмал, да го турка под килим бидејќи јас работам во таа градинка и таа е привилегирано дете и слично.

Не се сомневам во професионализмот на моите колеги и колешки, никогаш нема да го имам ставот дека моето дете е секогаш во право, особено не дека секогаш ја кажува вистината, бидејќи сите знаеме дека децата во еден период од својот живот обожаваат да измислуваат, да режираат во своите глави, умеат малку да ја изменат вистината, главно во своја корист. Ретко кое дете ќе дојде дома и ќе рече: „Денес не бев добар/добра и не се однесував убаво“. Поучена од искуството, знам дека таа приказна обично оди поинаку. „Јас не направив ништо, а воспитувачката ме опомена!“

Овој текст не е напишан со цел да заземе страна. Ни сама не знам како ќе изгледа приспособувањето на моето дете на градинката (па и мојата), дали ќе плачеме со месеци, или нема да плачеме воопшто, но затоа дома ќе нè бојкотираат на сите полиња. Не знам дали ќе одбива да јаде во градинка, како што прави дома. Не! Не попушта. На крајот попуштам јас. Во градинка успешно учам 30 деца дека играчките не можат да стојат расфрлени и дека мора да се наместат на свое место, а моето ме научи „ако ти пречат, повели, собери ги“. И тоа се ситуации за кои не знам дали да се смеам или само да седнам и да се расплачам. Некогаш помислувам дека смислено ме „малтретира“.

Многу пати сум слушнала: „Децата на воспитувачите се најлоши деца!“ Јас уште не сум запознала дете што е итро, себично или нешто слично на тоа, а такво да се родило. Такво е бидејќи е научено такво да биде, или можеби не е научено да може поразлично. Не постои лошо дете. Постои дете што не прима доволно внимание, со кое не се работи доволно, или кое расте во средина која од него прави нешто што не треба.

Како воспитувач може да кажам: „Немојте да се грижите, мајки. И немојте да плачете тука, каде што детето ве гледа. Нормално е во тој случај лошо да реагира по принцип – во ред, штом мама плаче, значи ова е некое катастрофално место“.

Но, како мајка… како мајка можам да го кажам само ова: „Леле. Моето бебе. Мајкина среќа…“ и да плачам на клупата пред градинката. Што да правам. Две сили се борат во мене. Им испраќам прегратка на сите мои колешки на кои ние мајките им плачеме пред вратите од градинките и на сите мајки на кои им велат „Не грижете се“. Не се грижиме, само малку овие денови сме… како да кажам, шмрц.

Автор: Сања Митиќ, воспитувачка, мајка, автор на блог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top