Во морето приказни за вакцините, ковидот, враќањето на училиште, стануваме слепи и глуви за другите проблеми. За оние што еднакво влијаат врз квалитетот на нашиот живот, а особено врз она што ќе им го оставиме на нашите деца и внуци.
Веќе отсега се срамам.
Се срамам поради луѓето што седат во парк, пушат цигара и ја фрлаат на земја.
Се срамам поради луѓето што не рециклираат пластика, а живеат во поголемите градови каде што тоа е толку едноставно да се направи.
Се срамам поради оние што поминуваат покрај канта, фрлаат хартија која ќе падне покрај кантата, па се прават дека не забележале и само продолжуваат.
Се срамам во име на сите што не прават ниту минимален напор да ги сочуваат ресурсите што оваа планета ги има. Тие ресурси се ограничени.
Сè што ќе земеш од природата, а не ти било неопходно, си го зел од своите потомци.
А зошто, ова, воопшто го пишувам? Затоа што на тоа ги учиме и своите деца. Во Белград постои еден убав парк, се нарекува Шумице. Откако го уредија, секогаш е полн со луѓе и животни. Животните се културни, луѓето – и така и така. Кога пред една недела, баш во недела наутро, излегов со децата да се прошетам, затекнав грда слика.

По детски роденден, оставена декорација на јавна површина, отпадоците не се удостоиле да ги однесат до контејнер, туку ги оставиле околу кантата која не е предвидена за толку големи количини отпад. Го знаеле тие тоа, но кому му е гајле? Ним им послужило за целта. Кутии од подароци, торти, пластични чинии, чаши, сето тоа останало зад родителите и малиот славеник. Но, знаете што е најтажно од сето ова? Не толку оваа фотографија. Некои вредни луѓе го тоа собрале. Но, останала лекцијата за малиот славеник и другите деца што биле тука. Некој на кого светот останува научил дека е во ред отпадоците да ги остава зад себе, дека природата е тука да се уништува, дека ништо не е важно додека нему е сè тамам. И кога тој славеник еден ден ќе порасне, веројатно ќе го видите како фрла хартија од автомобил или како фрла цигара на земја. Ни сите лекции научени во градинка и во училиште нема да му помогнат. Кога тие што се најважни, што го создале, зад себе оставиле вакво нешто.
Порака за оние што роденденот го славеле таму таа сабота – ве молам, понесете ги своите отпадоци со себе. Само до најблискиот контејнер. Не е тешко, а освен што по вас можеби уште некој ќе може да седне и да ужива во паркот, ќе го научите своето дете дека Земјата е единствениот дом што го има. И нема да се срамите пред гостите.