Воспитување

Кога родителот ќе каже: „Веќе не знам што да направам“

Секој родител се соочува со моменти кога уморот е голем, обврските се множат, а детето одбива да соработува. Во тие ситуации притисокот од секојдневието и од дигиталните содржини често прави отпорот на детето да го доживуваме како личен неуспех. Сепак, важно е да се знае дека родителството подразбира постојан процес на учење, а не совршенство.


Што ни покажува детскиот отпор?

Од педагошка гледна точка, кога детето не ги почитува правилата, тоа не значи дека е лошо или невоспитано. Тоа е сигнал дека детето се бори со емоции со кои не знае како да се справи или дека има некоја незадоволена потреба (умор, глад, потреба за внимание).

Границите се неопходни за детето да се чувствува безбедно, но клучна е доследноста при нивното поставување:

  • Јасни правила: Детето мора точно да знае што се очекува од него и зошто тоа правило постои.
  • Личен пример: Родителот мора прв да ги почитува правилата што ги поставува. Ако родителот е недоследен, детето го губи чувството на сигурност.
  • Предвидливи последици: Детето треба однапред да ги знае последиците од непочитувањето на правилата. Така се учи на одговорност, а не на страв од казна.

Како да реагирате кога го губите трпението?

Родителите не се машини и природно е емоциите некогаш да надвладеат. Наместо викање, педагогијата советува примена на следниве чекори во кризни моменти:

  1. Направете пауза: Запрете 10 до 15 секунди пред да реагирате.
  2. Намалете го тонот: Зборувајте побавно и потивко.
  3. Одложете ја реакцијата: Ако сте премногу лути, тргнете се настрана 10 минути додека се смирите.

Ако сепак викнете, признајте ја грешката и извинете се. Со ова му покажувате на детето дека секој може да згреши, но дека е важно да се преземе одговорност. Грижата за сопствената смиреност е првиот чекор во грижата за детето.


Кога е потребна стручна поддршка?

Кога семејните проблеми се повторуваат и водат до хроничен стрес, тоа е знак дека се исцрпени внатрешните ресурси. Сигнали кои покажуваат дека е потребна помош од стручно лице (психолог или педагог) се:

  • Постојани конфликти и долготрајно чувство на немоќ кај родителот.
  • Нагли промени кај детето (повлеченост, агресија или пад на успехот во училиште).
  • Изолација на семејството поради страв од критика или осуда од околината.

Барањето стручна помош не е знак на слабост, туку на одговорен пристап. Целта на поддршката не е да се оценува родителот, туку да му се помогне полесно да воспостави рутина, со што домот повторно ќе стане сигурно место за правилен развој на детето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top