Родителите на учениците со 10 неоправдани, 100 оправдани изостаноци или, пак, три единици во дневникот, задолжително се повикуваат на разговори со стручните служби во училиштето

Советувањата за родителите чии деца не се сјајни со дисциплината и успехот на училиште даваат резултат, велат наставници и директори на училишта. Тие велат дека т.н. родителски школи, кои пред неколку години беа воведени и во основното и во средното образование, успеваат да го оправдаат своето постоење, па училиштата редовно ги спроведуваат. Сепак, искусните велат дека е време за унапредување на програмите за советување.
Родителите на учениците со 10 неоправдани, 100 оправдани изостаноци или, пак, три единици во дневникот, задолжително се повикуваат на разговори со стручните служби во училиштето. Кога на овој начин ќе се вклучат во воспитно-образовниот процес, резултатите, според училиштата, се неизбежни.

Мама и тато се најважната алка

Прашавме во неколку училишта за основно образование што покажува праксата за родителските школи.

Директорката на скопското училиште „11 Октомври“, Даница Блажеска, вели дека таквиот вид советување дава резултати.
– Педагошко-психолошката служба прави покани за советување родители. Тие се повикуваат со писмена покана на домашна адреса. Дел од родителите доаѓаат, а дел не се појавуваат. Кај нас нема советувања за успех бидејќи немаме ученици со негативни оценки. Советувањата се обично за отсуства – објаснува Блажеска.
Според директорката, родителите знаат да прашаат зошто се повикани кога дале оправдание за изостаноци.
– Велиме дека тоа е во ред, но сакаме да разговараме. Многу лесно може да се направат 100 изостаноци, брзо се достигнува таа бројка, доволно е детето да се разболи и одредено време да не доаѓа на училиште. Овие советувања имаат ефект, особено кога станува збор за неоправданите изостаноци. Ако родителот е свесен за проблемот, тогаш и ефектите се евидентни. Во секој случај, сè што правиме, правиме за доброто на децата, затоа родителите секоја наша сугестија треба да ја примат најдобронамерно. Имаме ситуации кога доцнат на часови наутро, и во одделенска и во предметна настава. Така се нарушува образовниот процес, а проблемот се решава. Секоја активност што ја преземаме, затегнати мерки, опомени…, сето тоа е за доброто на детето – објаснува Блажеска.

Унапредување на програмата

Нејзиниот колега Јовица Остојиќ, директор на училиштето „Кочо Рацин“ во Центар, вели дека тој самиот учествувал во изготвувањето на програмите за советување.
– Јас сум по вокација психолог. Родителските школи функционираат максимално добро во системот. Кога имате интеракција со родителите, кога ги вклучувате во решавањето на проблемот, тогаш нема причина за неефикасност на тие советувања – вели тој.
Остојиќ сепак смета дека програмата за советување треба да претрпи промени.
– Се случува кај еден ученик што имал лошо поведение, неговиот родител да доаѓа на советување и тоа да даде резултат. Но, ако и другата година се повтори истото, повторно се работи по истата програма, а повторувањето на истото во практика често знае да не даде резултат. Сметам дека е потребно Министерството за образование и наука да ја усоврши програмата, нешто да промени и да унапреди – вели Остојиќ.

Во „Кочо Рацин“, според него, мал е бројот на деца чии родители одат на вакви советувања.
– Немаме многу проблематични ученици. Децата се многу исполнителни и успешни, постојано освојуваат награди – додава директорот.

Ефикасни се и педагошките мерки

Училишниот психолог Ива Стојановска објаснува дека на состаноците со родителите преку разговор се бара причината поради која ученикот бил нередовен и преку следење и чести разговори со ученикот и со родителите се работи на намалување на отсуствата и подобрување на однесувањето кај ученикот.
– Речиси секогаш кога постои соработка помеѓу родителите и училиштето, во овој случај педагошко-психолошката служба, постои подобрување и непримерното однесување кај учениците се подобрува. Тука се и педагошките мерки кои некогаш помалку – некогаш повеќе претставуваат ефикасен метод за задржување на учениците на часовите, бидејќи со секоја педагошка мерка се намалува поведението – вели Стојановска.

Намален бројот на изречени педагошки мерки

Пред точно една година Државниот просветен инспекторат излезе со извештај според кој е намален бројот на педагошки мерки за учениците, што е резултат токму на советувањата на родителите. Од извршените интегрални евалуации и инспекциските надзори е констатирано дека некои слаби страни се надминати. На ниво на држава, годишно, околу 30.000 родители одат на советување во училиште.



912

X