Нашите реакции на однесувањата на детето често не се контролирани, импулсивни се и поттикнати од длабоко всадените уверувања и „вистини“ за вистинскиот и погрешниот начин на однесување. Како родители, треба да ги освестиме за да создадат похармоничен однос со најблиските.
Немирните деца ги казнуваме, на тажните им го свртуваме вниманието…
За родителите, чувствата на децата секогаш се проблематични. Ние, како возрасни личности, голем дел од животот сме го поминале обидувајќи се да ги контролираме и да ги совладаме сопствените емоции. Затоа сега со сите сили се обидуваме да ги поштедиме и да ги заштитиме своите деца од повреди и болки. Затоа неретко на нивните чувства реагираме така што ги банализираме и создаваме стереотипи: момчињата не плачат; ништо не е; само кукавиците се плашат… немирните деца ги казнуваме, на тажните им го свртуваме вниманието, уплашените ги заштитуваме, а всушност не им дозволуваме да имаат свои емоции кои јасно ќе ги изразат…
Многу емотивни состојби се природни – како за нас така и за нашите деца. Одредена доза срамежливост, тага и страв е потребна и е дел од созревањето, токму како и радоста, популарноста во друштвото… Но, дали навистина за сите наши состојби се виновни нашите деца? Дали тие се нашите единствени „активатори“?
Дали можете на момент да се потсетите на вашите родители?
Какви беа тие додека вие растевте? Која ви е првата асоцијација за вашиот татко? За вашата мајка? За жал, овие асоцијации често знаат да бидат негативни. Во времето кога вие растевте, некои нивни особини навистина не биле во ред. Нели е така?
Вие бевте мало дете, а тие, наместо да бидат топли, грижливи и да ве поддржуваат, биле тешки, нервозни, строги, студени, материјалисти, себични, посесивни…? Зошто е важно да се размислува за ова? Ако првите асоцијации за нашите родители се негативни, тоа значи дека некаде длабоко во себе сè уште им се лутиме. И не само тоа – сè што им замеруваме и понатаму е потиснато во нас.
„Активатори“ на нашите неразрешени односи
Сме ги потиснале негативните чувства кон нашите родители, а истовремено сме заборавиле дека потиснуваме и дел од нашите чувства. Потоа на нашите деца им реагираме непримерно бидејќи тие, за жал, често се само „активатори“ на нашите неразрешени односи. Замислете ја следнава ситуација: вашето дете е тинејџер и многу доцна се враќа дома од вечерното излегување! Кога конечно ќе се појави на вратата, му викате, му се заканувате дека нема да излезе повторно, му велите дека сте ја изгубиле довербата во него…
Зошто го правите тоа? Затоа што сте налутени и не можете/не сакате да се контролирате. А, од каде доаѓа ова лутење? Додека сте чекале да се врати, за што сте размислувале? Веројатно за тоа зошто не се јавува, дали е безбеден, да не му се случило нешто? Вашата автентична емоција е страв, а не гнев. Како тогаш својата автентична емоција сте ја замениле со гнев? И на кого всушност му се лутите?
Што можеме да направиме?
Простување на родителите! За многумина од нас не е ниту реално ниту можно своите родители да ги соочуваме со нивните грешки додека нè воспитувале. Но, сепак, мораме да најдеме начин да ги погледнеме со отворено срце, да разбереме дека се однесувале кон нас најдобро што знаеле и умееле, токму како што денес ние се однесуваме кон нашите деца. Важно е искрено да им простиме, да им кажеме/покажеме дека ги сакаме. Барем однатре, во себе.
Тоа е нова љубов кон нашите родители бидејќи во себе ќе ја разбудиме со овие нови сознанија за нивните грешки, но без замерки, без пресуди, без дистанци. Напротив, ќе ги засакаме своите родители на сосема нов начин, соголено, без задршки. Бидејќи кога сме им лути, истовремено се лутиме на себеси. Кога ќе им простиме и ќе ги сакаме, истовремено си простуваме и себеси, прифаќајќи се дополнително.
Јелеа Холцер, педагог