На оваа објава ме инспирира еден постер на „Фејсбук“ кој гласеше вака:

„Кога би се укинала женската традиција – Остави, јас ќе средам – не би имало толку неспособни мажи“.

Што до некаде е и точно. Бидејќи за однос се потребни двајца – еден без разлика на полот, кој е во улога на мајка, и еден кој е во улога на дете. Во процесот на воспитување, додека едната страна во односот е возрасно лице, а другата дете до 12 години, можно е однесувањето на возрасното лице да влијае врз развојот на другото, не целосно и исклучиво, но влијае. Ако родителот прави сè наместо детето, му го краде развојот, му го краде чувството на способност, самодоверба, сигурност во себе, бидејќи секогаш се потпира на другите.

Што тогаш се случува во односот „возрасен-возрасен“?

Кога стапуваме во зрели односи, ние сме неискусни во тој вид односи каде што двете страни во односот се возрасни лица, бидејќи доаѓаме од детство во кое ни е познат односот „мајка-дете“, па автоматски во возрасните односи влегуваме во улоги на едниот од овие две, или мајка (она лице што презема одговорност, само дава, негува зависност) или дете (она лице што само прима, само бара грижа, да му се читаат мисли, исполнуваат потреби, да се воспитува, да учи…), бидејќи тоа ни е познато. Мораме сите да учиме како е да се биде во многу длабок, емотивен, долгорочен однос „возрасен-возрасен“, а во него постои првиот закон:

„Секој е одговорен за себе, својот живот, своите одлуки, исполнување на своите желби, своето однесување и расположение“.

Па така, ако двете страни се веќе возрасни, не важи реченицата од постерот на почетокот – ако едната страна се промени, и другата би требало… бидејќи најверојатно не би се променила, за почеток, а можеби и за крај, зависи од другото лице. Другата личност не би станала поспособна ако првата реши да ја промени својата „кожа“ и својот образец „Остави, јас ќе средам…“, бидејќи другата личност не е само реагенс на првата, таа е извор на својата волја, своите желби и однесувања.

Меѓутоа, што би се случило навистина ако личноста го промени својот животен стил „Остави, јас ќе средам…“, за преземање одговорност за сè, особено таму каде што и не може да преземе одговорност за туѓ живот? На пример, ако е жена во прашање, би станала свесна дека таа е центарот на своето незадоволство, не би била исфрустрирана, осамена, очекувајќи некој друг нешто да направи за неа, додека таа прави сè за друг…

Со тоа секојдневно незадоволство што тлее би исчезнало и чувството на жртва, мачење, скратување на – „Постојано е нешто, морам јас, тоа е така, ако не направам јас, нема никој друг…“ Постојано е чувството на невозвратена љубов и внимание, бидејќи кој би можел да возврати толкава одговорност и трудот што таа го дава… Тоа што одговорот е „Никој“ не значи дека таа не е вредна како личност, дека луѓето се лоши и себични и дека животот е така цементиран. Тоа значи дека мора да се воспостави подобра рамнотежа во односите кон себе и кон другите, бидејќи таа прва не обрнува внимание на себе, што партнерот, децата, пријателите и колегите и го зборуваат – „Грижи се за себе…“

Но, како улогата на „големата мајка“, всушност, е и улогата на „големо осамено дете“, бидејќи никој не може да возврати, утеши, развесели, ако ние прво самите не си ги исполниме сопствените потреби за да имаме нешто вистинско и на другите тоа да им го дадеме, а не само да ги врзуваме во синџири на зависност, така што сè ќе мораме да правиме наместо нив, да не ги развиваме, да ги правиме вечно зависни од нашите функции, со привидна слика дека така неспособни нема да можат без нас и дека нема да нè напуштат…

Од друга страна, на пример, ако личноста што така се однесува е маж (и како партнер и како татко), често во себе носи тивко внатрешно страдање, украдена детска радост, чувство на експлоатација, па мора на сите да им стои на услуга, мисли дека мора да работи и пред тоа од него јасно да се побара, дека мора да реагира и на невербалните знаци на наредба или пред нечија желба, нечии мисли, дека мора да каже „Остави, јас ќе средам…“ за да добие љубов, почит, за да биде сакан и тоа не само од партнерката или мајката, туку и од браќата, пријателите, соседите…

Се лишува од секој судир, лишувајќи се и себеси… Со постојана тага на роб, чувство на доживотна мака заради трошка љубов… а огромна љубов лежи во него самиот, а потоа и кон сите други, вистинска љубов кога би рекол „не“, кога би почувствувал сила и припадност дека некој го сака иако му се спротивставува, дека некој не се мурти, лути, не казнува, не остава… дека некој го сака и почитува и кога не му е на услуга…

Тој искуствен момент е клуч кој ги отклучува синџирите и катанците во кои е стегната неговата автентична личност, детски и момчешки желби, фантазии, хобија, вистинска животна енергија за создавање и радост… Во двата примери може да се најдат и двата пола. Затоа, следниот пат кога ќе речете „Остави, јас ќе средам…“, размислете и речете: „Чекај, морам ли јас да го сторам тоа?“ Можеби можете навистина, можеби ве мрзи, можеби не морате, можеби на другиот тоа воопшто не му е важно, а можеби… 1.000 можеби, 1.000 бои на животот, тоа е вистината…

Таму каде што е само еден одговор – „Морам јас“ – таму е ригидноста, таму е чекорот кон патологијата, кон несреќата, кон згрченоста, а менталното здравје е флексибилност, бидејќи е во согласност со реалноста која има 1.000 бои. Ментално здравиот човек нема една улога, тој може да управува со своите улоги, да биде и оној што ја презема одговорноста и што ја препушта, делегира, избегнува, бара…

Автор: Сунчица Јовановиќ

Извор



912

X