Да, на почетокот би ни било досадно. Прво би биле лути, би ги пцуеле 21 век и напредокот и технологијата, но длабоко верувам дека многу брзо би сфатиле дека никогаш и не ни бил потребен.

Чекам. Трпеливо чекам некоја… не знам, да речеме електромагнетна бура (ако постои такво нешто) или некои зрачења од Сонцето, Месечината, што знам што, нешто што нам – припадниците на хомо сапиенсот – нема да ни наштети, но ќе ги прекине сите интернети на светот, сите вајфајови, сите адееселови или сѐ што постои. Но, ако некако би можело, таа чудесија, таа мини-апокалипса да остави да имаме струја и фиксни телефони, чисто заради машините за перење облека и миење садови, тоа единствено е важно, и ако може Госпоѓо електромагнетна буро (ако ти си таа) заради оние што дома немаат шпорети на тврдо гориво, да може нешто да зготват на своите сајбер-шпорети со рамни плочи и индукции. Мислам, ако се разбираме, да не цркнеме од глад.

Чекам. И сите ми се смеат и се чудат. А, всушност, само се плашат. Бидејќи знаат дека не можат… што сѐ не ќе можат да прават ако ги нема тие вајфајови! Чекам и ја посакувам секој ден, иако пред некој ден речиси ќе загинев кога во фирмата ни го исклучија интернетот, па трчав да ја платам и да им ја покажам сметката како доказ дека сум платила. И ги измолив и усно и писмено на меморандум од фирмата, со потврда од банката, да ни го вклучат што побрзо бидејќи, по ѓаволите, ние се занимаваме со програмирање и што би правеле без интернет.

Го вклучија, за волја на вистината – веднаш. А јас, враќајќи се од третиот шалтер тој ден, се смеев, не затоа што повторно имаме интернет, туку затоа што се надевав дека никогаш веќе нема да го има. Бидејќи тогаш почесто би се гледале в очи, а не во прозорецот од „Вајберот“ или „Ватцапот“ или што знам што. И можеби наместо лајкови и шерувања, би имало повеќе додворувања. Да, додворувања. Единствено би ги жалела оние преку океанот и на другата страна од планетата што не ќе можат преку „Скајп“ да ни кажуваат дека никогаш нема да се вратат и дека таму им е многу подобро и такви работи. Но, иако тогаш програмерите би останале без работа, и сите провајдери или како и да се викаат, но можеби, всушност, поштата сигурно би вработила многу луѓе, бидејќи повторно би почнале да пишуваме писма и разгледници наместо стикери и емотикони. Би направиле и поштенски марки, и ковертите повторно би станале баран производ. Имам голема надеж за тоа и верувам дека никој не би бил гладен, иако останал без работа. Бидејќи, можеби сите би се сетиле на некои свои парчиња земја и би оделе таму во текот на викендот да садат домати и блитва или би се враќале на своите огништа и на огништата на своите прадедовци. Не знам.

Можеби повторно наместо ажурирање апликации, би одгледувале свињи, лаванда за извоз или само сливи за ракија. Не знам.
И веќе не би морале на децата да им ги грабаме таблетите и телефоните, сами би ги фрлиле и би истрчале надвор, растоварени, да си играат криенка или други игри, или едноставно да крадат цреши или зелени сливи. Не би им биле достапни сите оние јутјуб-канали, насилство, модни блогерки под чие влијание децата ни ги празнеа паричниците. Дури некој можеби би го донел и ластикот од таванот. Сосема случајно или не, не смеам ниту да помислам ниту да напишам, некој би донел од оние старомодните игли за плетење и клопчиња, па додека одмараат од играњето, девојчињата би можеле да плетат? Само кажувам, не лутете се, по ѓаволите, знам дека тоа е старомодно и дека сега жените се еманципирани и образовани и како уште се вели… не знам, не е битно. Ете, можеби сосема случајно… Можеби би биле поздрави ако не седиме пред компјутерите, под неонки, пред монитори. А ако метеоролошките веб-страници не нѐ заплашуваат со дожд и ветер, можеби некогаш и би искиснале, до гола кожа како деца, и кога дождот би ни ги исчистил сите тие маски, маскари и пудри од лицето, можеби би се гледале себеси со поинакви очи, би ги прифатиле своите брчки и подочници. Кој може да го знае тоа. Можеби без сите вајфајови би биле некои други, поубави, подобри, попаметни. Иако, би било доволно да сме само понасмеани… ќе се согласите, иако досега не го мислевте тоа.

Но, сепак, сега ме загрижува колку луѓе би останале без работа. Дали би се приспособиле без сите овие лајфкоучи и туторијали како да го направиш ова… или како… она. Којзнае дали некогаш ќе се случи таа апокалипса која би влијаела само врз интернетот, а не и врз струјата. Мислам, и сите апарати во болниците работат на струја, да не се повторувам за машините за облека и садови, не би можела да бидам посреќна без тие направи. Не, не… па да перам на поток? Каде да најдам поток?
Можеби би имало повеќе бебиња, без да се караат феминистките и домаќинките во живо на телевизија и да кажуваат како едните се навредуваат од очекувањата да раѓаат, а другите би раѓале уште повеќе, но немаат кога поради обврските околу постојните деца.

Сега нешто ми падна на ум, внимавајте – ни телевизијата не би морала да постои. Па, навистина. Што ќе ни е. Кога веќе ќе останеме без интернет, нека ја нема и неа. Гледајте на тоа од поведрата страна, ќе имаме повеќе пари, нема да плаќаме претплата за ТВ, ни интернет ни кабелска. Еј, што убаво би било тоа! И библиотеките ќе отворат повеќе „експозитури“ и ќе ги вработат оние што би останале без работа. Пак ќе почнеме да читаме и да разменуваме книги. И почесто да се гледаме. Можеби ќе организираме и повеќе поетски вечери. Или вечери за размена на рецепти, бидејќи сите рецепти ни останале во некој од фолдерите. Или ги симнувавме директно од страниците за готвење кои веќе нема да постојат, не бевме луди да ги запишуваме рецептите, тоа беше толку старомодно… па почесто ќе ги посетуваме тетките, бабите и стрините, препишувајќи ги нивните збирки рецепти, а тие би биле среќни што го бараме нивниот рецепт за тулумби, па ќе ни спакуваат ореви и дуњи од орманот за дома, кога веќе сакаме да готвиме. Ние не би им кажале дека сме кај нив заради рецептите, ниту дека ни е досадно затоа што немаме интернет…

Да, на почетокот би ни било досадно. Прво би биле лути и би ги пцуеле 21 век и напредокот и технологијата, но длабоко верувам дека многу брзо би сфатиле дека никогаш не ни бил потребен. Дека ги забрзал нашите животи, направил робови од нас и луѓе кои секогаш доцнат и во тоалет одат со телефон в рака.

Но, ете, јас имам сон и многу сакам да ми се оствари. И знам дека масата ќе ми прилепува разни шарени дијагнози, припадност на некоја секта, со сигурност ќе ме смета за заостаната, ќе ме праќаат да одгледувам свињи и што сѐ не друго, но можеби наместо тоа, и тие би можеле да напишат што е нивниот сон. Што сонувате вие, драги мои, а тоа да не се повеќе следбеници, лајкови, ајфон XY, подолговечна батерија, повеќе мегапиксели?
И, да, знам дека без интернет вие не би го читале овој текст, но ни јас не би имала потреба да го напишам…

Автор: Јасмина Јовановиќ



912

X