Кога тогаш, растејќи и созревајќи на ова поднебје, ќе станете свесни за еден истовремено непоимлив и поразителен факт: ВАШЕТО дете е туѓа грижа. Тоа оди повеќе или помалку вака: се заљубувате, одржувате врска, се венчавате. На овој трет чекор, ако правите свадба за повеќе од 6 луѓе, барем десетина од поканетите ќе ве погледнат (за да утврдат дали невестата е бремена).
Ако тоа не е случај, ќе ве прашаат барем еднаш кога ќе има бебе (пред тортата). И потоа ќе ве прашуваат секогаш кога ќе имаат можност – до кога ќе се чека за тоа бебе да дојде. Со месеци. Или години. Во зависност од конкретниот случај. Да го земеме примерот за тоа кога ќе дојде бебето. Тамам ќе направите пауза, ќе си помислите, ќе престанат луѓето. А тоа… Но тоа навлегување во приватноста нема крај. Понекогаш, тоа е одење од она баналното „како е слатка/сладок, кога ќе му родите брат или сестра?“, до „Вие сте убава жена, треба да раѓате деца“, па и до „Што чекаш, годините ти одат, кога ќе раѓаш второ?“ И сето тоа или со некој љубопитен (за шлаканица) или прекорен (онаа силна шлаканица од рамо) тон.
Она што е чудно во целата приказна, освен самиот факт дека и сосема непознати луѓе си дозволуваат да ви „чепкаат“ во најинтимните работи во животот, е таа увереност на оние што ги поставуваат тие прашања дека имаат право на тоа. Право. Што е со луѓето, се прашувате? И има ли крај на тоа. Па… зависи како ќе се поставите. Кога ќе почнат да ве малтретираат со тоа „кога второ“, во прво време ќе одговарате љубезно со „полека“ или „има време“, или нешто слично на тоа. Потоа едно време ќе се правите дека не сте слушнале дека ви се обратиле. А потоа ќе го најдете вистинскиот одговор. За вас, тоа можеби ќе биде сериозен и искрен одговор. Можеби ќе биде ладно „мислам дека тоа ни најмалку не е ваша работа“. А можеби ќе утврдите дека благата иронија (со задолжителна насмевка) е најдоброто решение. „Ти кога ќе кажеш“ – проверено функционира.
Ова е наш мал придонес за одбрана на приватноста на паровите кои имаат едно дете. И не, не сме заборавиле да напишеме „само“ едно. Бидејќи детето никогаш не е „само“. Родителите на едно дете се свесни дека оние што поставуваат прашања „кога второ“ не се секогаш злонамерни. И дека не им е секогаш намерата да ви боцнат со прстот в око. Но, ве молиме сепак… Немојте да кажете нешто од следното: „Мора да е осамен/а“. Постои разлика – и тоа сериозна помеѓу тоа „да се биде сам“ и „да се биде осамен“. А оние што се возрасни како единци, кога само би ги сослушале, можеби би ви рекле дека всушност се помалку осамени во животот, бидејќи научиле да бидат сами. А попатно научиле и дека во тоа е можно да се ужива.
„Нема да има кој да му/ѝ помогне кога вие ќе бидете стари и болни“
Ова технички можеби е точно. Но, ниту во семејствата со повеќе деца не можете да бидете сигурни како ќе се развиваат односите. Ниту повеќе деца се гаранција дека некое од нив ќе се грижи за родителите кога ќе остарат, ниту е чесно да се прават деца за да имате кој да се грижи за вас кога ќе бидете стари и болни.
„Лесно ви е вам со едно дете“
Ако ова ѝ го кажете на мајка што има едно дете, колку и да е пристојна и добро воспитана, може да се случи да ве праша кој ѓавол ве терал да родите повеќе од едно дете ако сега се жалите дека ви е тешко. И најпристојните и најдобро воспитаните мајки на едно дете имаат право на лош ден. Немојте после да се прашувате „од каде тоа“ ако самите сте се „наместиле“.

„Не знаеш ти што е вистинска среќа додека не родиш барем уште едно“
О знам, знам… Оваа мала дланка во мојата дланка. Цел свет во мојата прегратка, ќе помисли пристојната и добро воспитана мајка на едно дете додека љубезно се смешка и чека да ѝ исчезнете од видикот…
„Не сакаш да биде разгален/а и себичен/а?“
Гледајте, работата е во тоа што родителите на единци се толку задоени со овој стереотип, што малите единци често ќе бидат оние што во паркот зборуваат „убаво е да се дели, мамо“, „сите треба заедно да си играме“. А ќе има и денови кога малите единци ќе бидат единствените што го кажуваат тоа во паркот. Бидејќи разгаленоста и себичност се дел од домашното воспитување и карактер. И времето и љубовта кои ќе ги вложите во тој мал човек кој сте го донеле на овој свет. Вашата желба да го научите на најдоброто од вашиот свет. Најдоброто од светот на таткото на тој мал човек. И вашата надеж дека во него ќе расте и ќе се развива најдоброто од вашите светови.
Луѓето имаат право на избори во животот. Еден од нив е изборот за тоа колку деца ќе имаат. Понекогаш, тоа е само личен избор, како и секој друг. Понекогаш, тоа е последица од сплет на околности, кои може да бидат и тешки и болни. И тоа никогаш не треба да не го земате предвид.