Воспитување

Кога границите стануваат преговарање, а авторитетот – слабост

Во последно време сè почесто се зборува за „граници“. Терминот стана модерен, лесно употреблив, но ретко навистина разбран. Се повикуваме на психологија, анализираме однесувања, даваме совети, но во практика токму границите се она што најмногу се распаѓа.

Особено во образовниот систем.

Денес не е реткост наставникот да биде доведен во позиција да се оправдува за сопствената работа, за поставено правило или за обична забелешка. Авторитетот кој некогаш се подразбираше сега се преиспитува, се оспорува и најчесто се релативизира. И тука се поставува прашањето кое многумина го избегнуваат: Дали навистина наставниците „дозволија“ да им се наруши позицијата или општеството постепено им ја одзеде?

Пред десетина години односите беа појасно дефинирани. Наставникот имаше улога што се почитуваше, родителот беше сојузник, а ученикот учеше дека постојат правила кои не се предмет на договор. Тоа не значи дека сè било идеално, но постоеше структура – нешто што денес сè повеќе недостига.

Во сегашниот контекст сведоци сме на поинаква динамика. Дел од родителите, водени од желбата да го заштитат своето дете, несвесно ја поткопуваат секоја форма на авторитет надвор од домот. Забелешката станува напад, дисциплината – неправда, а наставникот – некој што треба да се „стави на место“. Во таква атмосфера детето учи една опасна порака – дека границите се опционални, а почитта – условна.

Од психолошки аспект, ова има сериозни последици. Детето што расте без јасно поставени граници не се чувствува послободно, туку понесигурно. Границите не се ограничување, тие се рамка што му помага на детето да разбере што е прифатливо, а што не. Кога возрасните не се усогласени околу тие рамки, детето често ја презема контролата, но без капацитет да ја носи одговорноста што доаѓа со неа.

Паралелно со тоа, наставниците сè почесто се оставени сами во обидот да воспостават ред и структура. Без јасна институционална поддршка, без заштита и со постојан притисок да „не згрешат“, нивната улога се сведува на балансирање помеѓу професионалноста и стравот од конфликт. Во такви услови границите не се поставуваат, туку се избегнуваат.

Резултатот е видлив – намалена почит кон наставничката професија, зголемена дрскост кај дел од учениците и растечка конфузија околу тоа кој за што е одговорен. Но ова не е проблем на една страна. Ова е системски проблем на односите.

Границите не се индивидуален чин, тие се заеднички договор. Не може наставникот сам да ги одржува ако дома се укинуваат. Не може родителот да очекува почит ако истовремено ја поткопува. И не може детето да научи одговорност ако секојпат некој ја презема наместо него.

Затоа, наместо површни дебати и „брзи“ психолошки заклучоци, потребно е враќање кон основите – јасни улоги, доследност и заемна почит. Не како формалност, туку како вредност што се живее.

Зашто кога границите стануваат предмет на преговарање, тогаш не губиме само авторитет – губиме и насока.

Автор: Стефанија Георгиев, лиценциран психолог

Поврзани написи

To top