Извадок од книгата: „Самостојно дете или како да станете мрзлива мајка“
Самостојноста и моралот
Невозможно е да се негува самостојноста без напоредно негување на моралот. Опасно е. Всадувањето кај детето самодоверба, сигурност во својата сила, способност за самостојно дејствување, мора да има ориентација во форма на систем на вредности. Во спротивно, со што ќе се раководи во тоа што го прави ако нема формирани морални начела и одговорности?
Мора да постои баланс помеѓу интелектуалното, моралното и физичкото воспитување. Ако родителите ставаат акцент само на интелектуалниот и физичкиот развој, на крај може да добијат убав, паметен, нарцисоиден егоист чиј однос кон околината, а со тоа и кон родителите, непоколебливо се сведува на задоволување на неговите себични интереси.
Некој може ќе каже дека тоа и не е толку лошо конкретно за тој човек. Бидејќи егоистот располага со сите ресурси за реализирање на она што го замислил. Него не го спречуваат морално-етичките норми. „Слободна личност“ – живее како што му се допаѓа. Сето тоа е убаво, но сè додека она што тој го сака и му се допаѓа не ги загрозува интересите на другите. Но, кога фали морално воспитување, обично се плука по интересите на сите од околината, вклучувајќи ги и своите најблиски. А тоа не само што е болно, туку понекогаш и лошо завршува.
Постои златно правило: „Однесувај се кон другите онака како што би сакал тие да се однесуваат кон тебе“. Лесно се запомнува и тоа баш како правило. Но, целта на воспитувањето не е само знаење за тоа што е морал, туку формирана потреба да се постапува во согласност со моралните начела. Не е суштината во тоа детето да се принудува да прави добри дела, туку во тоа детето да ги прави по своја иницијатива и затоа што чувствува радост и задоволство. Тоа означува развиена способност да се види какви се неговите постапки кон чувствата на околината, да умее себеси да се стави на местото на другиот човек, да се сфатат неговите потреби и мотиви од неговите постапки. Тоа ја означува внатрешната потреба да се согледа во каков однос стојат неговите интереси и интересите на околината. Тоа означува всадено почитување на луѓето и границите на нивната личност, нивните желби и имот.
Темата за почитта е директно поврзана со темата за границите на личноста. Има ваква формула:
* Почит = неправење штета на другите = зачувување на границите на личноста на другиот човек.
Како да се почитува детето, како да го научиме да ги почитува другите и да има самопочит? Сосема едноставно – треба да го препознаете како автономна личност со сопствени желби, потреби, вкус. Треба да се почитуваат границите на неговата личност. Постојам јас и постои детето. Детето не е мое продолжение, туку самостојна, слободоумна личност. Детето не мора да ги исполнува моите очекувања, да го сака истото што го сакам јас. Јас не сум додаток на детето, туку слободна личност. Родителите не се должни да одговорат на сите негови барања и да ја исполнат секоја негова желба. Уште еднаш: постојам јас и постои детето. И важно е да работиме така што на двајцата ќе ни биде убаво.
Се разбира, кога детето е прилично мало, границите се бришат. – Не сакам да носам палто – вели тригодишникот. Преку „не сакам“ тој ја означува границата на неговата личност. Но, надвор е студено. Ако тој се разболи, мама ќе мора да го лекува. – А јас не сакам да трчам со тебе на лекар и да отворам боледување! Носи го палтото! – и мама има свое „Не сакам“. И додека детето е зависно од мајката, ќе мора да претрпи упади во границите на својата личност.
– Ми се кака – вели тригодишното дете, влегувајќи во соблекувалната каде што е мама. Мама мора да заборави на: „Сакам да го пробам овој фустан“ и трча со детето низ трговскиот центар до најблискиот тоалет. И додека детето зависи од мајката, и таа ќе мора да ги трпи неговите упади во границите на нејзината личност.
Постепено, како што расте независноста, границите на личноста на детето се влечат и се зајакнуваат. – Не сакам да носам капа – вели пубертетлијата и продолжува: – Топло е и никој во моето друштво не носи капа. Може ли мама да се спротивстави на овој аргумент? Да го присили физички? Не, не може. Да го притисне со својот авторитет? Да го принуди да ја облече капата? Нема ефект. Синот ќе ја соблече веднаш штом ќе излезе. Но, важно е мајката да ги заштитува своите граници и затоа вели: – Добро. Јас за секој случај те предупредувам за последиците. Ако настинеш, лековите купувај ги од твојот џеб. Овде гледаме почит кон она што го сака детето. Почитување на неговото право да направи свој избор. Но, на детето му се доделува и одговорност.
– Таа не си ги средува своите работи! Нејзините работи се влечат по кревети и подови!
– Но, тоа е моја соба и тоа се мои работи!
На разговор кај психолог мајка и 19-годишната ќерка со повишен тон го продолжуваат конфликтот почнат дома.
– Тоа е моја соба! И тоа се мои работи! – изјавата на ќерката е точна. Таа ги означува границите на нејзината личност и нејзиното право да одлучи сама како ќе постапува со своите работи.
Ѝ се обраќам на мајката:
– Зошто е важно работите да бидат средени?
– Затоа што се уништуваат. Кога така не се води сметка, работите брзо се упропастуваат. Не можам да гледам како мачката се мести да спие на новиот џемпер што е фрлен на креветот. Фустаните се туткаат на столот. Мачката остава траги по нив. Кога ќе дојде од училиште, таа без да се пресоблече веднаш седнува на маса да јаде. А потоа јас морам да ги вадам мрсните дамки од нејзината облека. Секој месец трошам многу пари за облека за неа. А такво нешто не си дозволувам за себе!
Мама можеби и не сфаќа, но таа многу јасно чувствува дека нејзината ќерка ги нарушува границите на нејзината личност, односно ги нарушува ставовите на мајката: „Не сакам да вадам дамки“ и „Сакам нова облека за себе“. Оттука е и конфликтот. Мајката со своето незадоволство ги прекршува границите на ќерката затоа што ќерката со своето однесување ги нарушува границите на мајката. Избришани се границите и на двете. Може повторно да се постават?
Воведете го правилото: „Можеш да јадеш во училишната униформа, но ако направиш дамка, сама ќе ја исчистиш. Пред тоа треба да ѝ покажете како се прави тоа.
Како да се реши „Не сакам да ја ставам сукњата на закачалка“ на ќерката и „Не сакам секое утро да ги пеглам нејзините сукњи“ на мајката?
Научете ја ќерката да пегла и воведете го правилото: „Ако не си ја оставаш сукњата во плакарот, сама ќе ја пеглаш за на училиште“.
Што да се прави со „Тоа се мои работи“ и „Тоа се мои пари“?
Преиспитајте заедно со детето колкава сума пари семејството може да издвојува за гардероба, да речеме еднаш на половина година. Ако облеката повеќе не ѝ се допаѓа, а буџетот е потрошен, ќе мора да го носи тоа што го има.
– А ако ѝ се допаѓа истуткана и нечиста облека? Тоа го нарушува имиџот на мајката?
И тука може да се најде компромис. Ќерката има право да се определи и тоа определување да го изрази, меѓу другото, и преку облеката што ја носи. Ако избрала карактеристични искинати фармерки, истуткани блузи и џемпер со влакна од мачката – нека биде така. Но, само за одредени места. На пример, одењето во ресторан за брза храна или на кино со другарите, за во парк, за прошетка со друштвото. Училиштето, семејните прослави, одењето на изложба во друштво на пријателките на мајката, корпоративен настан на кој се поканети членовите на семејството, навистина, имиџот на мајката може да биде загрозен ако ќерката се појави неуредна. За појавување во друштвото на мајката и за појавување во јавноста треба да постојат посебни парчиња облека за кои детето треба внимателно да се грижи.
ВНИМАНИЕ! Ова не е универзално упатство. Не е задолжително секој тинејџер да има посебна гардероба. Ова е пример за воспоставување граници на личноста. Почетните услови може да бидат различни, потребите можат да бидат различни и тогаш различно и ќе се договарате.
Важно е да го научите детето дека неговото: „Јас сакам и јас така ќе направам“ допира во туѓото: „Јас сакам“ и го загрозува. Ако допира, тогаш се бараат компромиси и се преиспитуваат границите на тоа „сакам“.
Автор: Ана Бикова