Смешно е. Мислиме на сите оние работи што ќе ги направиме кога децата ќе ни се родат. Ги нишаме, ги држиме в прегратка, им пееме, уживаме во секоја минута со нив. Не поминува многу време пред да почнеме да гледаме кон иднината и велиме: „Кога децата ќе бидат постари, ќе можам да…“ Кога тие моменти ќе поминат, тогаш сфаќаме дека сме ги пропуштиле.

Пред неколку години ми стана јасно. Нашите деца сè уште беа мали во тоа време и одењето некаде бараше планирање и трпение. Еден ден додека разговарав со мајка ми, се сеќавам како реков: „Кога децата ќе бидат неколку години постари, ќе биде полесно да се оди каде било!“ Нејзиниот одговор, кој нема да го заборавам, беше: „И јас го велев истото. Кога ќе излезат од пелени, работите ќе бидат полесни. Кога ќе завршат со градинка, ќе можам да заштедам малку пари. Кога ќе бидат во основно, ќе имам повеќе време. Кога децата ќе бидат постари, ќе можам да… Но, секогаш има нешто друго. Уживај во нив сега“.

Следниот ден добив коментар на објава која ја напишав, со наслов „Мамо, дали ќе легнеш до мене?“ Коментарот беше од мајка која го изгубила своето дете кога имало 5 години. 5 години. Не можам да го замислам тоа – срцето ми се крши за неа.

Нејзиниот коментар беше едноставен, а сепак толку значаен: Таа едноставно го сакаше назад времето поминато со нејзиното дете. Ги сакаше назад повторно тие заеднички моменти. Зборуваше за важноста на ценењето на секој момент што го имате со вашите деца и никогаш тие моменти да не ги земаме здраво за готово. Овие разговори послужија и како потсетник за она на што се сеќавам до денес: Секогаш ќе има нешто друго, нешто што го сакаме, но не можеме да дозволиме тоа да нè сопре во искористувањето на сегашноста… денес. Не можеме летаргично да оставиме овие денови да поминат додека чекаме децата да бидат постари. Минувањето на времето е нож со две острици.

– Не се будам навечер за да ги нахранам бебињата, но сепак не можам да заспијам лесно бидејќи гледам во часовникот и си мислам: „Ако заспијам сега, ќе имам уште… часови сон“.

– Не ги носам бебињата наоколу во количка, но сега ги потсетувам да престанат со играта за да дојдат да ме прегрнат.

– Веќе не нишам никого за да заспие, но ми недостига како тие ме гледаа додека се обидуваа да ги задржат очињата отворени само за да ја гледаат мајка си малку повеќе.

– Не ги планирам веќе моите денови во однос на попладневните дремки, но ми недостигаат мрзливите попладневни моменти.

Моите зборови ќе се променат.

Ќе дојде ден кога моите зборови ќе се променат од „Кога моите деца ќе бидат постари, ќе можеме да правиме…“ во „Кога моите деца беа помали, можевме да…“ Веќе почнав да го применувам ова со моите деца тинејџери. Не сакам да се жалам за кој било од овие моменти со нашите деца. Сакам да се уверам дека тоа време го користам мудро. Сакам да знам дека уживам во секоја минута со нив, дека ги учам на сите оние животни лекции што произлегуваат од разговорите доцна во ноќта, дека им покажувам примери за тоа како да бидат грижливи и одговорни.

Играјте ги тие друштвени игри со нив, местете сложувалки, читајте книги, играјте со нив наместо да ги гледате, или одете на тој одмор за кој сте зборувале. Запомнете дека дури и ако работите не одат според планираното, вие сте го искористиле времето за да бидете со нив, а тие ќе бидат подобри луѓе поради тоа. Излезете од комфорната зона за да ги прифатите тие моменти и да уживате во нив.

Не чекајте… Не можеме да ја предвидиме иднината, но имаме контрола врз тоа како ќе го трошиме нашето време. Кога бев помлада, мојата мајка ми пееше песна, а сега јас им ја пеам на моите деца:

„Ке сера сера. Што ќе биде, ќе биде. Иднината не можеме да ја предвидиме – Ке сера, сера… што ќе биде, ќе биде“.

Што значат тие мудри зборови? Дека сè што имаме е сегашноста.

Како родители, ја имаме моќта да ги научиме нашите деца, да го обликуваме нивниот карактер и да им покажеме прекрасен свет. Прочитав една изрека која сакам да ја споделам со вас.

„Децата може да запомнат многу работи што сте ги направиле за нив во нивното детство, но секогаш ќе ве помнат по чувството дека сте ги ценеле“.

Како ќе го поминете денот? Еве неколку сугестии:

– Играјте со нив (немојте само да гледате).
– Кажувајте зборови што ќе им влијаат.
– Зборувајте со нив и слушајте со отворено срце.
– Вашите зборови стануваат нивен внатрешен глас.
– Користете календар за да го запомните секој ден како можност да уживате во сегашниот момент.

Автор: Беки Менсфилд

Извор



912

X