Се сеќавам на шест години бев избран за „Клинец на годината“ на ниво на Македонија, тоа беше една манифестација каде што имаше многу деца и тоа беше мојата прва средба со публика и сфатив дека сакам да сум пред аудиториум и дека тоа ми годи, раскажува Димоски

Актерот Жарко Димоски бил хиперактивно дете кое се интересирало за сѐ и сешто. Вели дека цело време ги слушал родителите како кажуваат: „Шо че се прај со детево, само да е живо и здраво.“ Во рубриката „Кога бев дете“, Жарко се присетува на детството, неговите тогашни радости, соништа.

Вели дека памети детство со многу игри, без технологија, детство со многу имагинација и радост. Секакви игри од типот на мижитатара, ластик, куцкамен, фудбал, трки, делфин, американка, флипери итн. Имал здраво детство што му го посакува на секое дете, без грижи и со многу игри и смеа.

Од мал вешт со публиката

– Кога сте најмало, т.е. трето дете во фамилија, цело време го сонувате тоа што го сонуваат вашите браќа, но како што одминува времето, на 5-6 години почнуваш да градиш свои соништа. Во мојов случај тоа беа соништата да станам сликар, археолог од типот на Индијана Џонс, каубој, Џејмс Бонд и други филмски херои што постојано ги гледав на малите ТВ-екрани заедно со татко ми. Па како што поминуваше времето, сакав да измислам временска машина, па да се вратам во времето на прохибицијата, сакав да се дружам со Елвис Присли, па мечтаев да бидам витез, т.е. да се вратам во тоа време и да живеам во оклоп со дворачен меч во рацете кој тежи 30 килограми и поголемиот дел од времето да го поминувам качен на коњ и што е најинтересно – тој сон го живеам, односно јас сум тоа што ќе посакам во актерската кожа – ни споделува Жарко.

Од мал покажувал афинитети за анимирање на публиката.

– Јас бев „кловнот“ што ги забавуваше сите цело време и бев приврзан за музиката и сѐ уште сум. Љубовта кон музиката ми беше и е една од првите љубови, растев на тапани, свирам од дете и пеењето е дел од мене во секоја секунда од мојот живот. Актерот бил роден, но тоа го кажувам сега, од оваа дистанца и гледајќи наназад, сфаќам дека тоа е тоа, за тоа сум роден и за тоа живеам. Се сеќавам на шест години бев избран за „Клинец на годината“ на ниво на Македонија, тоа беше една манифестација каде што имаше многу деца и тоа беше мојата прва средба со публиката и сфатив дека сакам да сум пред аудиториум и дека тоа ми годи, оттогаш знаев дека ќе работам нешто пред публика – раскажува Димоски.

Детство на релација Хрватска – Македонија

Тој вели дека памети бурно детство, со многу игри, детство без технологија, со многу имагинација, другари од сите страни.

– Ја имав таа среќа да растам во две држави паралелно, и тука и во Хрватска, мајка ми е од Хрватска и целата нејзина фамилија е таму… Во зима тука, во лето таму, многу другари, девојки, пријатели, роднини и спомени се дел од моето минато на кое секогаш со радост се навраќам. Растев со сите буквално, во Македонија растев со моите родители, браќата, дедо ми, баба ми, која предвреме отишла во пензија за да ме гледа зашто не сум сакал во градинка, сум си ја мавал главата од ѕид кога требало да одам таму, можеби затоа денес сум ваков, се шегувам нормално. Во принцип, сум имал здраво детство што му го посакувам на секое дете, без грижи и со многу игри и смеа, благодарение на моето семејство – споделува актерот.
Омилено место од детството му се плажите во Хрватска, викендицата во Прилеп, каде што научил многу работи за животот и преживувањето и – прегратката од неговите родители.

Најголема радост – зелникот на баба му

Секојдневието на Жарко Димоски било полно со моменти за паметење.

– Имам многу случки од детството, но еве ќе издвојам една кога на 5 години се загубив во Хрватска при едно многу големо невреме покрај разлутеното море, со поројни дождови, и го видов феноменот на „Тромба Марина“ – торнадо што излегува од водата, со големи ветришта, а успеав сам да го најдам патот до дома и се вратив жив и здрав, но накиснат по шест часа лутање. Си реков – од мене изгледа ќе биде нешто, Бог ме сака.

Вели дека најмногу се радувал на средбите со блиските.

– На секое видување со моите браќа, ние сме тројца браќа од кои едниот живее во Хрватска, другиот во Австралија, секогаш кога ќе ни се спојат патиштата, тоа за нас е празник. На сите јадења на мајка ми, на зелникот на едната баба, на оризот на другата баба, секое враќање во родниот Прилеп и секоја посета на мојот втор дом Ровињ – се присетува Жарко.
Им се восхитувал на сите што биле околу него и му помогнале да порасне во она што е денес.

– Секој еднакво ја имаше освоено мојата љубов и секој на свој начин си ја искажуваше. Надвор од семејството, исто така, имав многу луѓе со кои растев, јас сум дете што го носеле по слави, имендени, родендени, многу свадби, голема фамилија со голем круг на пријатели. А кога станува збор за другари, ние сме четворица другари од седум години заедно, најдобри другари што се дружиме и ден-денес, задолжително и по неколку пати во неделата. Со оглед на тоа што веќе се дружиме 24 години, морам да признаам дека имало многу случки од секаков тип, тоа е едно другарство што му го посакувам на секое дете и понатаму на секој човек во животот – додава тој.

Актерската професија го негува детето во мене

Жарко е роден во Прилеп, израснат низ светот, детството го поминал на релација Прилеп-Ровињ, средно завршил во Прилеп, факултет во Скопје.

– Во второ одделение, на првиот училиштен ден, чекавме во редица за да влеземе во школо кога ми текна дека треба да седам таму неколку часа, се расплакав, но што да се прави, морав да издржам. Чувам некои цртежи од тоа време, некои мои песнички што сум ги напишал и понекоја тетратка. Моите тројца другари ми се најдраги, тука е и мојот сегашен кум, кој ми е школски од прво и уште многу мои соученици, сегашни пријатели – вели Димоски.

Бидејќи сакал да биде многу работи, најдобра подлога за тоа му била одлуката да се запише во општата гимназија.

– Мојата професија, глумата е една од најдобрите професии зашто е игра, го негува детето во мене и не ми дава да го заборавам најубавиот период од животот, а тоа е детството. Преку работата често се навраќам на зелникот на баба, рибите на дедо, возењето со тато, прошетките со мама, караниците и игрите со браќата, косењето на сеното со другиот дедо и уште многу, многу убави работи од тоа време. Животот е игра што не треба да престане да се игра – завршува Димоски.

Фото: приватна архива



912

X