Кога станува збор за воспитување успешно, грижливо, сочувствително и самосвесно дете, сè почнува во семејството. Најдобрата средина за растење е онаа каде што се негуваат разбирањето и емпатијата и каде што не се премолчуваат чувствата и мислењата на децата. Истражувањата покажале дека до тригодишна возраст децата почнуваат да ги покажуваат првите знаци на вистинско сочувство и емпатија и полека сфаќаат дека нивните чувства и искуства може да се разликуваат од оние на другите околу нив.
Професорот и експерт за детски развој и родителство, д-р Трејси Баксли, ги наведува најголемите родителски грешки поради кои децата стануваат себични и несвесни за потребите и чувствата на другите луѓе кога ќе пораснат.
Им велите „да“ на речиси секое барање што ќе го упатат
Денес, повеќе од порано, децата растат со чувство дека едноставно имаат право на сѐ што ќе посакаат. Ова чувство не се појавило само од себе, ниту на децата им се давало при раѓање. Тоа е резултат на прекумерната желба на родителите нивното дете секогаш да биде задоволно. Таквите деца, без своја вина, стануваат себични, не се грижат за другите (вклучувајќи го и семејството), немаат работни навики и може да се однесуваат како за нив да не важат правилата што другите мора да ги следат.
Развивањето емпатија и сочувство кај децата започнува така што ќе ги научиме дека е во ред понекогаш да слушнат „не“. Не, нема да чистите по нив, тие сами ќе го направат тоа. Не, нема да добијат скапи патики што ќе треба да ги платите на рати. Не, нема да толерирате непочитување. Ако зад она што го прават, било да е лошо или добро, стојат последици кои се резултат на постапките, тие ќе научат да гледаат на некој настан или ситуација од другата страна.
Ако вашето дете, на пример, му се обраќа на својот брат со грди зборови и го нарекува со погрдни имиња, можете да кажете: „Не ми се допаѓа што така му се обраќаш на твојот брат. Во нашето семејство правило е да се однесуваме убаво еден кон друг. Да му се каже дека е неприфатливо и дека ќе има последици доколку се повтори таквото однесување“.
Не создавате можности за учење
Можеби мислите дека децата не обрнуваат внимание, но внимателно следат како реагирате на секое нивно однесување, како и на различни секојдневни ситуации. Тие треба да видат и да слушнат како се однесувате со другите со почит, без оглед на нивниот статус во општеството.
Дури и многу малите деца можат да научат да се стават во кожата на другите луѓе во одредени ситуации. Еве еден пример.
Родител: „Правам сендвичи. Со што би сакал?“
Детето: „Со краставица и сирење!“
Родител: „Што да направам за твојот брат?“
Детето: „Сендвич со краставица и сирење!”
Родител: „Хм. Тоа е она што најмногу го сакаш. Но, да размислиме што најмногу би сакал брат ти. Како би се чувствувал доколку дојдеш дома и откриеш дека на двајцата ви го направив омилениот сендвич? Што мислиш, што би рекол ако го прашаме со што сака сендвич?“
Детето: „Тој би избрал кечап и сирење?“
Јас: „Да! Ми се допаѓа што знаеш што сака твојот брат и што мислиш на него!“
Тоа се многу мали, секојдневни ситуации, навидум неважни. Но, преку таквите ситуации децата учат да размислуваат за тоа што сакаат и чувствуваат другите околу нив.

Не разговарате со нив за она што се случува надвор од вашите животи
Околу осумгодишна возраст децата почнуваат да сфаќаат дека чувствата што ги имаме понекогаш не се резултат на она што ни се случува лично во дадениот момент, туку можат да бидат под влијание на настани кои се резултат на околностите.
Околу таа возраст децата почнуваат да разбираат и да чувствуваат емпатија кон одредени групи (болни, сиромашни, стари…). Затоа е важно да разговарате со нив (до степен што нема да ги оптоварува) за работи што би можеле да ги слушнат од нивните пријатели на училиште, на вести, во парк, од нивните постари браќа и сестри.
Користете ги овие ситуации за да бидете пример за градење на односот на детето кон оние што се во лоша ситуација. Колку повеќе семе на емпатија посеете, толку повеќе љубов и сочувство вашето дете ќе има додека расте.
Им давате сè и не очекувате благодарност
Во куќата секој треба да има свој дел од должностите. Сепак, давањето можност на децата да заработат дополнително со преземање дел од работата што не е нивна може да биде одличен начин да ги научите на вредноста на парите. Кога не добиваат сѐ што сакаат без никаков напор, учат да бидат благодарни. Натерајте ги да ја сакаат таа скапа играчка уште малку. Согласете се и да платите половина. Научете ги дека „благодарам“ е одраз на доброто воспитување, дури и кога ни даваат нешто што не ни се допаѓа.
Ако заборават или им е тешко да ја научат оваа вештина, воведете рутина – нека водат дневник за благодарност и секој ден нека запишуваат (кажуваат) за што се особено благодарни тој ден.