Изгледа како да помина вечност, но сè уште се сеќавам како да беше вчера кога по уште една кавга со мајка ми таа ме погледна исцрпена, изморена од вообичаените тинејџерски расправии и ми повтори: „Кога ќе бидеш мајка, ќе разбереш“.

Со стегнати заби ѝ реков, секогаш го правев тоа, дека нема да бидам како неа, толку застрашувачка, толку неподготвена за моите социјални бунтовништва, толку ригидна за животните избори. Ја критикував, сигурно не со злоба, но не се согласував со нејзините родителски политики и никогаш не ја поштедив од ништо. Имаше моменти во нашиот однос кога од сè се започнуваше дискусија која секогаш завршуваше со мојот нерасположен став, лутина, бес и обиди за бегање од дома – што пак завршуваа секогаш со враќање назад. Но, таа секогаш ми простуваше, како што мајка знае, повторувајќи ми секој ден дека некогаш ќе ја разберам секоја нејзина одлука.

Во тие денови навистина не разбирав, но денес не можам, а да не помислам колку била во право, бидејќи денес јас сум мајка и ги правам истите работи како неа. Понекогаш се гледам во огледало и како да ја гледам неа, не само во физичкиот изглед, туку и во измореноста и во брчките кои се појавуваат на моето лице секојпат кога имам дискусија со моето малечко девојче.

Би сакала да е покрај мене да ми помогне да ги решам моите родителски дилеми, да ја разбистрам главата, како што правеше кога бев дете, да ме увери дека сè ќе биде во ред. Посакувам мојата ќерка да поминеше повеќе време со својата баба бидејќи сум сигурна дека нејзината мудрост и големо срце ќе ја научеа на многу работи, повеќе и од мене понекогаш.

Би сакала да ѝ кажам дека беше во право за сè и дека во тие денови навистина не можев да ги разберам трудот и жртвите што таа ги правеше за мене и моите сестри, секој ден. Дека бев будала што поттикнува бескорисни дискусии ако моето омилено јадење не беше зготвено за вечера, дека сега разбирам оти советите да не излегувам со тоа момче беа само за мое добро.

Сега и јас сум мајка и во секоја дискусија гледам дека ѝ ги кажувам истите зборови на мојата ќерка, кои мајка ми, мојата карпа, ми ги кажуваше. И признавам, кога ќе го видам моето мало девојче како фрчи со носот, не можам а да не се насмеам, бидејќи ме потсетува на мене на тие години.

Таа реченица што ми додеваше тогаш и која изгледа како клетва денес е прекрасен спомен кој го носам со мене како скапоцена лекција, онаа што мајка ми се обиде да ми ја пренесе преку шифрирана порака, која само денес, на возраст од 40 години, можам да ја дешифрирам.

Бидејќи научив толку многу работи од неа и сè уште денес, и покрај нејзиното отсуство, таа продолжува да ме води. Бидејќи сè што знам за љубовта и семејството, за односот помеѓу мајката и ќерката – го знам благодарение на неа. И не зошто ми објаснуваше чекор по чекор што да направам, а што не, туку затоа што ме сакаше, се грижеше за семејството, нè штитеше.

Денес, би сакала да ѝ кажам дека секогаш беше во право за сè и дека беше совршена мајка, и дека сега кога и јас сум мајка, конечно разбирам.

Автор: Илариа Бараброса

Извор



912

X