Како мајки, нашите улоги константно се менуваат и еволуираат, па немаме друг избор освен да се обидуваме и да бидеме во чекор, без разлика дали сме подготвени или не. Нашиот син ја има истата рутина за спиење уште од дете. По вечерата, се бања, читаме книги и пееме приспивни песни пред да се бакнеме за добра ноќ. Ова е нашата вечерна рутина веќе 4 години.

Пред некоја вечер завршивме со неговата последна книга, го покрив и почнав да го пеам ноќното издание на „Ти си моето сонце“, кога тој ме сопре и ми рече: „Без песни вечерва, мамо. Само сакам да спијам“. Бев малку изненадена, но сфатив дека денот беше долг и тој беше прилично изморен. Но, следната ноќ кога повторно дојде време за песничка, тој пак ме спречи. „Без песни вечерва, мамо“. Моето срце малку се скрши. Тоа беше пред две недели, а тој ме остави да пеам само уште еднаш, вечерта кога имавме проблем да се смири за да заспие.

Моето момче расте и нема што да направам во врска со тоа. Се случи така брзо, речиси преку ноќ, тој прерасна од малечко детенце кое беше сосема зависно од мене во паметно и способно мало момче кое постојано ги тестира сопствените граници. Се навраќам на ноќите кога брзав да ја спроведам нашата рутина, ментално и физички исцрпена од долгиот ден, занимавајќи се со родителството и сакајќи ништо повеќе за него отколку добар сон и да го слушнам да каже „уште една песна, мамо“. Во тоа време ми изгледаше дека овој ден никогаш нема да дојде. И се замислив…

Кога мајката премногу го врзува детето за себе

Колку време поминав на каучот со бебето на моите гради? Седејќи и размислувајќи за сите оние работи што можев да ги правам наместо тоа? Колку денови се соочував со исцрпеност и иритација зашто неколку пати во ноќта требаше да станам и да се грижам за бебенце чии запчиња само што почнале да му излегуваат? Колку часови поминав лулајќи го за да заспие? Тивко посакував да не поминувам толку време во столот за лулање, чекајќи моите деца конечно да заспијат?

Во тоа време секоја од фазите низ кои поминувавме изгледаше како да ќе трае засекогаш. Сега, кога гледам наназад, лесно е да се сфати дека тоа беа само фази. Кратки, минливи моменти – дел од ова неверојатно патување наречено мајчинство. Овие денови среќна сум ако моите деца престанат да трчаат за да споделиме една кратка прегратка. Сите спијат во текот на ноќта. А јас не можам ниту да се сетам кога последен пат седев на столот за заспивање. Всушност, сè до овој момент, јас бев бремена или се грижев за некого во последните 4 години. На моите деца, на возраст од 2 и 4 години, сега веќе не сум им толку потребна. Тоа ми го крши срцето и ме ослободува истовремено.

Доказ дека тие растат се и предметите што исчезнуваат од нашиот дом. Високите столчиња за хранење и слични работи сега се веќе во гаражата. Пластичните играчки и прстени за забите стојат недопрени во кутија на врвот од полицата во собата за играње. И ќе признам: Тажна сум што морам да им кажам збогум на тие бебешки денови. Но, истовремено не можам да одречам дека уживам во повторно откриената смисла на слобода која доаѓа со растењето на моите деца и нивното здобивање на нови нивоа на независност. Се вратив на работа со скратено работно време, вежбам секојдневно, а се активирам и во некое хоби и некој мој интерес одвреме-навреме. Ова сигурно е еден од најголемите парадокси на мајчинството: желбата да се чувствувате потребни додека истовремено копнеете за повеќе слобода и време за себе. Со целото свое срце се посветуваме на одгледувањето на нашите деца, учејќи ги вештини и животни лекции со надеж дека ќе пораснат во самоуверени, способни индивидуи кои еден ден ќе го напуштат домот и ќе станат членови на заедницата што даваат свој придонес. Како родители, зарем не е тоа нашата крајна цел?

Но, истовремено жалиме за загубата на нашите „бебиња“. Ни недостигаат деновите кога им бевме потребни на децата за врзување на врвките и закопчување на јакните. Ни недостигаат нивните гласови како довикуваат „мамооо“ наутро. И ни недостига тоа мало раче што посегнува по нашето. Некогаш нашиот дом ќе биде повторно празен. Ќе си ги добиеме нашето време и независност и ќе се прашуваме каде отидоа годините. Тоа ќе се случи побрзо отколку што мислиме. Па кој е мојот совет? Гушкајте ги вашите бебиња додека ви го дозволуваат тоа, заспивајте ги по стоти пат и пејте им песнички за заспивање, бидејќи пред да станете свесни за тоа, вашиот син може да ве погледне и да ви рече: „Без приспивни песни вечерва, мамо“ и да сфатите дека друга фаза од вашето мајчинство дошла до својот крај. Без разлика дали сте подготвени или не.

Автор: Бека Лонг



912

X