д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар

д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар

Поликлиника „Д-р Ложанковски“
тел. 078 262 220
е-пошта: dragana@lozankovski.com.mk

Повеќе од авторот

Доколку се појават симптомите треска, болки во мускулите и во зглобовите, општа слабост, главоболка, премаленост, нагони за повраќање и кожни промени, веднаш треба да се побара лекарска помош

Со будењето на природата и зголемувањето на температурите се буди нашата желба за прошетки и општо за престој на отворено, а особено се зголемува нашата желба за одење во планина. Иако тие прошетки ни носат позитивна енергија и уживање, во нив сепак може да има и некои опасности. Една од опасностите се каснувањата од крлежи. Со своето каснување тие може да пренесат и заразни болести.

На местото каде што ќе нè касне крлежот може да се појават мало црвенило и оток кој може да трае неколку дена и да биде придружен со чешање. Оваа промена не е последица на инфекцијата, туку е резултат на иритација од супстанциите што се ослободуваат кога крлежот навлегува во кожата.

Секое шетање во шумата е потенцијална опасност од каснување од крлежи. Секој контакт со крлежот не значи дека е пренесена некоја заразна болест. Имено, поголем број од крлежите воопшто не се вгнездуваат во кожата и паѓаат од телото, дел од нив се движат по кожата додека не наидат на погодно место за вгнездување. Такви места се потоплите и повлажните делови на телото. Постојат два типа крлежи. Едните се т.н. шумски крлежи, кои почесто се среќаваат кај нас, а другите се крлежите што се среќаваат во приморските краеви и пренесуваат други типови болести.

Црвенило и оток кој може да биде проследен со чешање се реакција на иритацијата на материите што се излачуваат при продирање на крлежите во кожата. Мал дел од каснувањата резултираат и со пренос на микроорганизми (во случај крлежот да бил заразен) што ќе резултира со зараза на човекот и појава на симптоми. Појавата на симптоми најчесто се јавува една до две недели по каснувањето од крлежот.

Ова значи дека ако забележиме дека сме каснати од крлеж, доколку знаеме како се отстранува крлежот, треба да го отстраниме и да чекаме дали ќе се појават симптоми. Ако се појават, тогаш треба да се јавиме веднаш на лекар. Доколку не сме сигурни како се вади крлежот, тогаш и не треба да се обидуваме сами да го извадиме, туку треба да се јавиме на лекар.
Значи одговорот на прашањето кога треба да се јавиме на лекар е: ако не знаеме да го извадиме крлежот веднаш кога ќе го забележиме и доколку сме го извадиле крлежот, а по неколку дена се појават симптоми.

Симптомите се треска, болки во мускулите и зглобовите, општа слабост, главоболка, премаленост, нагони за повраќање и појава на кожни промени.

Најголем број од болестите што се пренесуваат преку крлежите се во полесен облик и минуваат со домашно лекување. Само мал дел од нив треба да се лекуваат болнички, било заради спроведување интравенска терапија било заради лекување на компликациите.

КОИ БОЛЕСТИ ГИ ПРЕНЕСУВААТ КРЛЕЖИТЕ?

Тоа е една група болести што се нарекуваат зоонози. Тоа се болести на животните кои многу ретко може да се пренесат на луѓето. Овие болести се пренесуваат со каснување од заразен крлеж или со гмечење на заразениот крлеж преку оштетена кожа или слузница. Крлежот се заразува со цицање крв од заразеното животно или со пренос од мајката на потомството.
Болестите што ги пренесуваат се лајмска болест, еритема мигранс, туларемија, менингоенцефалититс, рикециози и сл.

ПРЕВЕНЦИЈА ОД БОЛЕСТИТЕ ШТО ГИ ПРЕНЕСУВААТ КРЛЕЖИТЕ

– Избегнување подрачја богати со крлежи во текот на летните месеци.
– Употреба на бариера со цел да се намали површината на телото што би дошла во контакт со крлежите (облека со долги ракави и ногавици, пикање на панталоните во чорапите, носење чизми).
– При престој во планина да се носат светли алишта за полесно уочување на крлежите доколку дојдат на алиштата.
– Користење средства против убоди од инсекти, крлежи и сл.
– По секој престој на планина да се прегледаат облеката и телото за да нема некој крлеж, за тој да се отстрани бидејќи е мала шансата да се зарази и разболи човекот доколку се отстрани крлежот во рок од 24 часа.
– Вакцинација.

ЗАКЛУЧОК

Не треба да се обесхрабрувате и да не одите во планина, туку кога ќе одите во планина, внимавајте. Облечете се соодветно, намачкајте се со средство против крлежи и инсекти, кога ќе се вратите од планина, проверете се и вие и вашето дете. Доколку забележите крлеж, ако знаете, извадете го сами, ако не, јавете се кај вашиот лекар.

Уживајте во вашиот престој во планина 🙂



912

X