Периодот на растење кој најчесто почнува околу 12. и трае до 20. година од животот е животна фаза помеѓу детството и возрасната доба и период кој го нарекуваме адолесценција. Тој период е исклучително важен во животот бидејќи тогаш се случуваат најинтензивните промени, како во физичката и телесна смисла, така и во психолошкиот и физиолошкиот развој на детето. Промените кои на адолесцентите им се случуваат во физичка и телесна смисла се видливи и очекувани, поради што лесно ги уочуваме и препознаваме и најчесто не претставуваат основа за стравови, неразбирање и грижа на родителите и возрасните.

Меѓутоа, психолошките промени кои се манифестираат со различни облици на однесување на адолесцентите често остануваат непрепознатливи докрај и погрешно ги етикетираме како вид невоспитување, безобразие или разгаленост. Важно е да се знае дека во психолошка смисла во текот на пубертетот созреваат три процеси – мисловен, емоционален и волен. Токму созревањето на волниот процес е избор на судир помеѓу детето, од една страна, и родителите, од друга страна. Ова е период на немир, непослушност, непочитување и непријатност, а клучот за воспоставување подобри односи е информираноста, која на возрасните ќе им помогне на нов начин да одговорат на потребите на детето, да му се приспособат, а притоа да го задржат стекнатиот авторитет.

Родителот мора да разбере дека периодот на пубертет е исклучително тежок и за детето бидејќи тоа поминува низ многу судири. Она што на детето му е најпотребно во овој период од родителите и од другите возрасни од опкружување се љубовта, поддршката, охрабрувањето, топлината и правилното насочување. Најчестата дилема што родителите ја имаат е дали секогаш и во секоја ситуација треба да бидат покрај својот тинејџер, а одговорот сѐ уште е недвосмислен и ист – ДА!

Како да му се даде поддршка на адолесцентот – не е исто како кога ние бевме тинејџери

Родителската поддршка се однесува на конструктивно и функционално однесување на детето. Важно е да се разбере и да му се даде право на детето на промената на интересирање и во случаите кога ставовите не ни се поклопуваат. Возрасните би требало да бидат информирани во врска со актуелните општествени случувања за полесно да ги разберат промените и соодветно да одговорат на однесувањата на децата кои се разликуваат од однесувањата што биле прифатливи и доминантни во општествен контекст кој бил важечки додека ние сме биле тинејџери.

Кога зборуваме за ризично однесување на тинејџерите, улогата на родителите примарно треба да остане поддржувачка и прифатлива во однос на личноста на детето, но важно е доследно и континуирано да се влијае врз потенцијално ризичното однесување на детето и тоа пред сѐ со засилена едукација, а со цел превенција на оние однесувања што би можеле да имаат штетни последици. Од големо значење е кај детето да се развива вештината за преземање одговорност за сопствените избори и одлуки. Колку и да се изразени и неприфатливи промените на однесување кај тинејџерот за возрасните, тие во ниту еден момент не би требало да заборават на фактот дека длабоко зад отворениот револт на детето секогаш се крие неговата постојана потреба родителот да му биде заштита и потпора.

Ако родителот нема доволно стручни знаења за успешно надминување на проблемите што ги носи адолесценцијата, секогаш може да се сети каков родител му бил потребен кога и самиот бил тинејџер и да се обиде баш тоа да му го понуди на своето дете.

Автор: Татјана Крсмановиќ, професор

Извор



912

X