Во изминатата година се чини дека сите покажавме дека сме одлични критичари, сите изнесувавме аргументи прво против онлајн-наставата, потоа против враќањето на училиште, а потоа и против самиот начин на настава. Се чини дека ниту еден модел на настава не поминал без сериозни критики, што доведува до целосна бесмисленост на работата и на учениците и на наставниците во новата ситуација. Како сè што досега направивме да е безначајно, залудно и подобро е децата да ја паузираа оваа учебна година.

Дали навистина би било подобро децата да ја паузираа оваа учебна година?

Ова прашање им го поставувам на сите вклучени во образовниот процес – родителите, наставниците, учениците, па дури и оние што не се директни учесници во наставниот процес, како што се медиумите. Може ли некој од нас да замисли учебна година во која децата не одат на училиште и дали реално мислиме дека би било исто како и сега и дека децата сигурно не научиле ништо? Размислете само дали е така?

Децата не научија ништо во овие пандемски услови – НЕТОЧНО

Ајде да земеме предвид кој било вид настава. Да почнеме од редовните часови и часовите што траат 30 минути. Во пониските одделенија децата одеа на училиште секој ден. Иако некои веруваа дека ништо не правевме ова лето, многумина од нас присуствуваа на разни обуки, разни веб-работилници за тоа како да се направи наставниот процес поефикасен и поефективен, како да се совладаат веб-алатките, како да не се страда од наставниот процес за време на пандемијата.

Многумина ги споменуваат тие 30 минути како недоволно време за да се направи нешто. Прво, не е точно дека часот траеше само 30 минути. Траеше во училиштето. Но, покрај тоа, учениците имаа задолжителен онлајн-материјал и вежби и задачи како дополнување.

Секогаш можеме да зборуваме за сечија одговорност, но одговорноста на секој наставник е лична и приговорите на сметка на наставникот не се прават на социјалните мрежи, туку постои процедура со која може да се докаже степенот на одговорност на наставниците. Никогаш не ми беше јасно зошто родителот не сака да се замери со наставникот, а сите забелешки ги изнесува преку социјалните мрежи или во некој потесен круг. Зошто?

Зошто не сме луѓе, па да седнеме и да разговараме, да видиме што е проблемот?

Ако сè уште имаме толку многу различни ставови за кои не можеме да се согласиме, секогаш има повеќе примери, секогаш постои начин, нели? Разбирам дека некои родители избегнуваат затоа што не знаат како ќе реагира наставникот, но зарем не е исто во спротивна насока? Кога ќе го искажам моето мислење за одреден ученик, не знам како ќе реагира одреден родител, но вистината и добрата волја се најважни. Ако размислував секојпат за тоа што би мислел родителот и како би реагирал, веројатно сите ученици би имале високи оценки и лошо знаење. Понекогаш е потребно да бидете над ситуацијата, да се победите себеси и да се ставите во позиција на другата страна. Ова се однесува и на наставниците и на родителите.

Сите ние заедно ја носиме одговорноста за иднината на нашите деца.

Ако ученикот не научил ништо на час од 30 минути, или тоа е одговорност на наставникот или на ученикот, како и на часот од 45 минути. Утврдувањето на одговорноста не треба да се избегнува, туку треба да се реагира. Ако во одделението имам голем број лоши оценки, без оглед дали се пандемски или нормални услови, секако дека тоа е моја одговорност. Ако повеќето ученици не можат да го следат моето темпо, тоа е исто така моја одговорност затоа што не го испланирав добро часот. Но, ако родителот смета дека пандемските услови и часот од 30 минути треба да бидат изговор за да се намалат критериумите или да се даде некаков вид олеснување, мислам дека тоа не е добар начин на размислување. Единственото олеснување треба да биде помал броја активности и задачи, што е нормално, бидејќи треба да се има предвид дека времето е скратено и дека ученикот треба да ги изработи задачите без дополнителен притисок, приспособени на скратено време на работењето.

Повторно, да бидеме реални: дете што сака да научи, ќе научи.

Дете што сака помош, ќе побара и од родителите и од наставниците. Зошто не бара? Затоа што не е мотивирано. Ако е така, тогаш наставниците и родителите се еднакво виновни. Наставници кои не забележуваат недостиг на мотивација или забележуваат и не прават ништо. Родители кои забележуваат, но или ја следат линијата на помал отпор за да не се замеруваат со наставникот или едноставно го обвинуваат наставникот, што не е добро, бидејќи дури и ако е само вината на наставникот, целта е детето да научи. Ова значи, повторно, заеднички договор – да се утврди како да му се помогне на ученикот на најдобар можен начин, со заеднички напори.

Што не функционира со онлајн-наставата?

Сите ќе се согласите дека наставата преку интернет би била совршена ако сите повеќе се трудевме да ги мотивираме децата да ја разберат онлајн-наставата, а не да ја сфатат како можност да „фатат кривини“ или да препишат за да се добие повисока оценка. Онлајн-наставата треба да биде шанса детето да покаже висок степен на зрелост и покрај тоа што му е дадена можност да користи „скратен пат“. Како да се постигне ова? Самото дете никогаш нема да го предложи тоа, на сите им е јасно. Ние, возрасните, треба да работиме на тоа. Тој степен на лична одговорност ги одредува и разликува високо развиените општества од помалку развиените. Запомнете, одговорната личност не бара виновник во другите, не започнува од тоа колку е голем проблемот и зошто нешто не може да се направи. Одговорната личност започнува од она што може и како да го извлече најдоброто од ситуацијата во која се наоѓа.

Да ги научиме децата на тоа. Да го земеме овој пример: Нека детето препише за време на онлјан-часовите или родителот нека ја заврши задачата наместо него. Зошто не разговараме со детето потоа и не му кажеме: „Добро, се послуживме со трик, доби добра оценка, па ајде да видиме дали подоцна ќе имаш проблем со недостиг на знаење? Сега замисли дека одиш на лекар на преглед и лекарот не може да утврди зошто кашлаш, затоа што кога правел тест за таа лекција, тој ја препишал? Или одиш кај месар кој меша грамови и килограми. Или на автомеханичар го носиш автомобилот пред да одиш на море, а тој кога бил на училиште, баш на тој час го препишал она за кое ти имаш проблем со автомобилот. Или одиш на стоматолог, а тој тврди дека забот ти е во ред, иако те боли. Не знае, затоа што за време на онлајн-наставата некој му кажал или препишал“.

Драго дете, дали сакаш да живееш во ваков свет? Дали сакаш да бидеш дел од ваков свет или сакаш да постапиш одговорно? Затоа, ако сега препиша или некој друг ти ја кажа задачата, земи и научи го тоа.

Но, пред да му одржиме на детето ваков говор, да си го поставиме прашањето: дали ние како возрасни го постигнавме тоа ниво на одговорност?

Дали наставникот и родителот треба да молчат за да не се замерат?

Никогаш. Ако верувам во моите ставови, кои не мора да бидат точни, но во даден момент мислам дека се во право, ако мислам дека сум оштетена, дали ќе молчам? Се враќаме на почетокот: Дали оваа учебна година е загубена?

Крајно време е секој поединец, секоја актер во наставниот процес, секој наставник, родител и ученик да одговори дали оваа учебна година е изгубена. Ако е така, зошто или поради кој?

Вината никогаш не е само во другите. Вината или дел од вината е и во нас самите, без оглед дали премолчено или незадоволно прифаќаме разни неправди или се бориме на погрешен начин.

Не можеме постојано да бараме виновници, да обвинуваме медицински лица, кризни штабови, влада, родители, деца, наставници, неповолни услови. Сите треба да научиме да размислуваме конструктивно. Целиот свет е под влијание на пандемијата, но погледнете како се однесуваат луѓето во развиените општества. ОДГОВОРНО. Ова значи дека треба да ја вратиме довербата во луѓето, да веруваме во лекарите доколку препорачаат мерки, да им веруваме на наставниците затоа што тие се луѓе кои ги учат нашите деца, да им веруваме на родителите затоа што е легитимно да се грижат за своите деца, да им пристапиме на проблемите така што конструктивно ќе се преиспита сè, со добра волја, да не се следи линијата на помал отпор, но и да не се решава проблемот со експлозивни реакции преку социјалните мрежи.

Кога ќе го надминеме тоа, тогаш и нашите деца ќе го копираат нашето однесување.

Бидејќи, сè што е добро кај детето е детско, сè што е лошо – е од нас возрасните.

Како наставник, сметам и потпишувам дека оваа учебна година не е изгубена. Мислам дека победници се повеќето добри родители и добри наставници. Прашајте ги децата дали научиле нешто. Секое дете ќе каже да. Смешно е да се мисли дека би било исто како да не одат на училиште. Кога размислуваме за тоа, мислам дека никој не верува дека оваа учебна година е изгубена. Дали може да биде подобро, се разбира дека може, секогаш има простор за подобро.

Сите вие ​​што сте дел од наставниот процес – покажете ја вашата конструктивност и инвестирајте енергија и ќе имаме одлична учебна година!

Автор: Сања Симиќ де Граф, професорка по англиски јазик
Извор



912

X