Воспитување

Како одгледуваме мали нарциси

Врз самодовербата влијаат гените што ги наследуваме од родителите, е заклучок од студија спроведена на близнаци. Меѓутоа, никако не треба да се занемари и влијанието на средината во која расте детето – стилот на родителство, топлина, когнитивна стимулација и чувство на (физичка) сигурност. Родителите, директно или индиректно, имаат големо влијание врз самодовербата на децата.


Како кај децата да се изгради позитивен став за себе и за вербата во сопствените способности, е тема која последните децении ги преокупира родителите. Многумина сметаат дека тоа е всушност пат кој ќе им обезбеди на децата успех и среќа во животот. Сепак, ваквите добронамерни стремежи понекогаш може да одат во друга крајност и од децата да создадат „мали нарциси“. Нарцисоизмот, сепак, не е само екстремна форма на самодоверба, или претерана самодоверба како што најчесто се мисли. Вистината е дека нарцисоизмот и самодовербата многу малку се поврзани, па така постојат нарциси и со многу ниска самодоверба, додека високата самодоверба не подразбира нужно и нарцисоизам. Во прашање се 2 одвоени димензии кои може да постојат независно една од друга.


Нарцисоизмот, барем во еден дел, се развива како последица од претерано фалење на детето

Професорите Еди Брамелмен од Универзитетот во Амстердам и Константин Седикидес од Универзитетот „Саутемптон“ понудиле модел кој може да им помогне на родителите да ја зајакнат детската самодоверба, а да избегнат нарцисоизам. Според овој модел, постојат 3 основни елементи што ги разликуваат. Во случај на нарцисоизам тоа се илузијата (нереалистично согледување на самите себе), супериорност и чувствителност (осцилирање помеѓу претерана гордост и срам). Од друга страна, самодовербата дефинира реалистичен поглед на себе и своите способности, стремеж кон личниот развој и постојаност (чувство на вредност кое доаѓа однатре и опстојува дури и во случај на неуспех). Нарцисоидните деца грандиозно се согледуваат себеси дури и кога доказите го посочуваат спротивното. На пример, сметаат дека се гении дури иако коефициентот на интелигенција им е просечен. Во возрасна доба сметаат дека се одлични лидери дури и ако постигнуваат лоши резултати.

Од друга страна, децата со самодоверба не го преценуваат своето сработено и сопственото доживување го засноваат на реалноста. Тие се фокусирани на унапредување на своите способности со вежба и учење, но не и секогаш да бидат подобри од другите. Без разлика на неуспесите, се сметаат за вредни лица, додека нарцисоидните деца реагираат прекриени со срам, бес и агресија. Новите истражувања покажуваат дека нарцисоизмот барем во еден дел се развива како последица од претерано фалење на детето. Овој тип родители ги доживуваат и третираат своите деца како специјални, посебни, така што по природа ги заслужуваат сите можни привилегии. На пример, склони се на своите деца да им даваат необични имиња кои ќе ги издвојат од другите – емоционално се инвестирани во општествениот статус на детето и уживаат во нивната слава. Ги охрабруваат да мислат дека се подобри од другите без разлика на околностите, поради што децата константно се обидуваат да ги достигнат (нереалните) родителски стандарди.

Здравата самодоверба се негува со реална повратна информација (наспроти претерани пофалби), насочување кон развој (наспроти тоа да се биде подобар од другите), како и безусловна љубов (наспроти условна, која зависи од тоа дали детето исполнува стандарди или не).

Кога децата се успешни во некоја задача, родителите треба да го пофалат трудот и пристапот кон решавање на проблемот. Кога не се успешни, родителите може да поразговараат со детето и да го упатат што да научи од тоа искуство, како да побара помош или како следниот пат да ја избегне истата грешка. На тој начин детето ќе научи да прифаќа предизвици и да верува во себе дури и кога ќе доживее неуспех. Пофалбите се многу важни за децата, но и реалистичните повратни информации се важни за правилно да се согледаат сопствените вештини и способности. Надуваните, неосновани пофалби може да му испратат погрешна порака на детето дека нема потреба да се труди за да постигне добри резултати.

Ставот на родителите кон себеси влијае и врз тоа што ќе мисли детето за себе

Безусловната љубов влијае врз постојаната верба во себе, која е независна од постигнувањата. Тоа значи дека родителите го прифаќаат детето такво какво што е – без разлика на успесите и неуспесите. На пример, кога детето постапува лошо, родителите може да се фокусираат на поправање на однесувањето, но да продолжат да бидат топли и да покажат дека го уважуваат детето како личност. Наместо да ја критикуваат личноста, треба да ја критикуваат самата работа. Треба да се има на ум дека на децата сепак повеќе им влијае она што го гледаат отколку што го слушаат. Децата ги имитираат родителите во тоа како се справуваат со проблемите и неуспехот. Ставот на родителите кон себеси влијае и врз тоа што ќе мисли детето за себе. Тоа не значи дека треба да се глуми висока самодоверба, бидејќи и детето ќе научи да се преправа дека е нешто што не е. Сето ова е веројатно полесно да се каже отколку да се направи, како што е обично со советите за родителство.

Да се биде родител, не е лесно, но малите промени, како што се пронаоѓање време за разговор со детето, почитување на неговата личност и автентичност наспроти неоснованите пофалби, ќе му помогнат на детето да изгради самодоверба и да ја насочи кон здрав емоционален и општествен развој.

Автор: Сања Дутина Драговиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top