Пред да прозбори, детето со своето однесување ги известува родителите за тоа како се чувствува. Кога е исфрустрирано, ја фрла играчката или плаче и испраќа јасна порака за своето незадоволство. Родителот кој реагира на овие сигнали го прегрнува детето, го држи за рака, го гали, му зборува, го поттикнува на игра, му го свртува вниманието – всушност управува со детските емоции и ги намалува негативните. Накратко – го учи на саморегулација.

Во текот на првите години од животот, родителите, особено мајката, имаат примарна улога во развојот на регулацијата на емоциите. Родителите што разговараат со децата за стресното искуство ги учат на корисни стратегии за управување со емоциите, односно на соодветни и флексибилни одговори во различни ситуации.

Поддршката е важна на крајот од првата година бидејќи децата тогаш почнуваат да го разбираат изворот на фрустрацијата и родителите ги гледаат како некој кој може да ги измени негативните емоции во ефикасни одговори. Прашањето е единствено колку реакциите на родителите одговараат на очекувањата на детето. Голем број студии покажале дека, на пример, депресивните мајки на детските емоции реагираат така што ја рефлектираат и ја пренесуваат сопствената преокупираност со тага, самокритика и беспомошност. Истражувањата посочуваат дека карактеристиките на афективното врзување на децата можат да ја подобрат или влошат емоционалната регулација. Како сигурната афективна поврзаност ѝ помага на личноста успешно да се носи со негативните емоции, а како различните форми на несигурност ја поткопуваат ефикасната емоционална регулација, менталното здравје и социјална приспособеност?

Според Болби, основната единица на градење на менталното здравје, издржливост и приспособеност е сигурната афективна поврзаност. Лицата со овој стил на поврзаност се чувствуваат сакано и сигурни се дека ќе добијат поддршка кога им е потребна. Повеќе се оптимистични во однос на животот и не се склони кон преувеличување на опасностите и заканите. Исто така, сметаат дека се способни да се справат со животните предизвици и успешно користат приспособливи стратегии на емоционална регулација, како што е повторната процена. Тоа значи дека со случувањата успеваат да се изборат така што им придодаваат нови значења, стекнуваат нови гледишта и разбирање. Своите чувства слободно и веродостојно ги изразуваат пред другите.

Оптимизмот на сигурно поврзаните лица не значи дека тие ги потиснуваат или негираат негативните емоции. Дури децата со овој стил полесно зборуваат за нив бидејќи знаат дека родителите ќе ја прифатат и нивната перспектива. На почетокот, со поддршката од родителите се носат со фрустрациите, а подоцна успешно го прават тоа и во отсуство на родителите. Емоционалната регулација на сигурно поврзаните деца вклучува отворена, директна, јасна експресија на емоциите, наспроти нивно сокривање.

Од друга страна, лицата со избегнувачка поврзаност, во стресни ситуации ги потиснуваат своите емоции, како и мислите и информациите поврзани со емоциите. На тој начин се штитат себеси бидејќи стравот, анксиозноста, бесот, тагата и вината ги гледаат како одлика на чувствителните луѓе, што е во спротивност со тоа како тие самите се доживуваат (како силни и супериорни). Се блокираат секакви емоционални реакции врзани за достапноста на фигурата на поврзаноста (одбивање, одвојување), бидејќи таквите закани можат да активираат несакана потреба за поврзување. Долгорочно, овие стратегии на регулацијата доведуваат до анксиозни нарушувања, нарушувања во исхраната, антисоцијално однесување, бидејќи емоциите не се комуницираат отворено. Со избегнувањето децата ги намалуваат негативните чувства во разговорот со родителите или целосно ги потиснуваат.

Лицата со преокупиран стил запаѓаат во магичен круг, каде што го фокусираат вниманието на негативни информации, а тоа доведува до негативни мисли. Анксиозноста се зголемува, а со тоа и фокусот на негативните сигнали. Возрасните лица со овој стил на поврзување почесто покажуваат емоции, интензивно ги доживуваат, а фрустрацијата ја регулираат со стратегии на „хиперактивација“, со која само ја зајакнуваат. Тоа се обиди да се поттикне поддршка и грижа од страна на партнерот, преку солзи, преколнување, контролирачко однесување, претставување на себеси како беспомошно лице и како премногу зависно лице од партнерот, кој е извор на заштита и сигурност. Доаѓа до преувеличување на аспектите, креираат дури и безизлезни случки.

Користењето на „хиперактивацијата“ и стратегиите фокусирани на емоции (самокритичност, самооткривање), краткорочно носи корист бидејќи ѝ го привлекува вниманието на фигурата на поврзаноста, но може и да ги зголеми негативните чувства како бес, беспомошност и да придонесе за развој на депресија и анксиозни нарушувања. За разлика од избегнувачката стратегија, каде што негативните емоции се игнорираат и се потиснуваат, анскиозните ги гледаат негативните емоции како дел од целта, бидејќи знаците на слабост и зависност понекогаш поттикнуваат грижа и внимание кај фигурата на поврзаноста.

Несигурно поврзаните деца имаат претеран страв и зголемена негативна емоционалност. Овој образец на однесување може да биде добра стратегија кога има цел да се привлече внимание, од недоволно и непостојано пристапниот родител. Поврзаноста на емоционалната регулација со концептите како афективна поврзаност и понатаму се истражува. Во следните фази сигурно ќе се придонесе и за формирање научно засновани тераписки интервенции, кои би биле насочени кон „хиперактивација“ на анксиозното лице и кои би го олесниле избегнувачкото дистанцирање од емоции и блиски луѓе.

Постојат јасни докази дека на управувањето со емоциите може да се влијае во период на раното детство, што уште еднаш ја подвлекува важноста на улогата на родителот. Не треба сепак да се тргне од ум, дека развојот на емоционална регулација тогаш не завршува, туку се продолжува и во текот на адолесценцијата и возрасната доба. А за тоа, засега, знаеме уште помалку.

Автор: Сања Дутина Драговиќ



912

X