Чекавме и чекавме, сигурни дека наскоро ќе прозбори. Деновите стануваа недели, неделите месеци, а децата околу нас почнаа да зборуваат додека нашето не го стори тоа. Децата околу нас почнаа да имитираат, но нашето не. Децата околу нас почнаа да покажуваат букви и да именуваат предмети, но нашето не. Почнавме да се грижиме, но не премногу. Мислевме дека ќе почне да зборува кога ќе биде подготвен. Потоа почна да удира со главата во што било. Да гризе, да има изливи на бес и да вреска, но сè уште без зборови. Нашата мала грижа прерасна во загриженост. Потоа останавме да чекаме бирократијата да ја обработи нашата документација и да нè стави на листата за чекање од 18 месеци.

Кога нашиот син наполни 2 години, кажуваше само неколку збора. Не умееше да ги користи во различни ситуации – умееше да каже „горе“ додека го вози автомобилчето, но не умееше да каже „горе“ кога бараше од мене да го кренам. А начинот на неговата комуникација добиваше страшна, агресивна острина. Луѓето не разговараат многу за детската апраксија на говорот или нарушувањето на говорот затоа што не знаат многу за нив.

Имавме среќа да слушаме за тоа и порано од логопед, но верувавме дека е мала веројатноста оти тоа ќе му се случи на нашето дете. Со навршена година, помислував: „Тој само подоцна ќе почне да зборува“. Но, една година се претвори во две и одеднаш имавме темпераментно и интелигентно момче кое беше сè понезадоволно. Удирање со главата, врескање, плачење, туркање, кршење играчки и солзи, солзи и сè повеќе солзи. Потоа наполни 3 години, а ние сè уште се боревме да се разбереме едни со други. Би била посмирена кога би знаела дека другите луѓе ќе имаат емпатија кон него наместо да го осудуваат. Поминав многу време обидувајќи се да го објаснам своето однесување, да го објаснам и неговото. Ова е она што навистина мислев да го кажам и вистинското значење на моите зборови:

Се прашувам што мислат луѓето за него. Дали мислат дека е злобен?

Седам во паркот и го гледам како игра среќно со камионото додека останатите мајки безгрижни, пријатно разговараат надгледувајќи ги децата со крајот на окото, а јас сум напната. Иако се вклучив во разговорот, подготвена сум за скок затоа што веселата игра често завршува така што мојот син ќе фрли камења кон некое мало дете од наш пријател или ќе го гризне за прстите, или ќе го удри по лицето со играчка додека да трепнеш. Знам дека тоа ќе се случи, само прашање на време е кога.


И се чувствувам ужасно поради малото дете кое е повредено и збунето, се чувствувам ужасно поради нашиот син и се чувствувам ужасно воопшто. Се прашувам што мислат луѓето за него. Дали мислат дека е злобен? Дали знаат дека има проблемот во развојот на говорот и ако знаат, дали навистина ја разбираат неговата борба? Дали сакаат да престанеме да доаѓаме и да ги изложуваме нивните среќни деца на непредвидливи изливи на насилство? Дали, кога ќе видат модринки кај него, потајно ќе се прашуваат што се случува зад ѕидовите на нашиот дом?


Во моментот кога некој ќе влезе во неговиот простор или ќе ја зграби играчката со која си игра, мојот син почнува да бара одговор: да бара зборови, работа, нешто што ќе го пренесе она што тој го сака или му треба. Во тој момент не постојат зборови. Или не може да ги пронајде, или не може да ги изговори, така што ќе се сврти кон она што има ефект: удирање, гризење, гаѓање.


Има денови кога се плашам да го носам да си игра. Има денови кога помислувам дека никогаш повторно не би го изнела помеѓу други деца. Но, тоа е добро за него и важно е да продолжиме понатаму. Кога го земам од градинка, а тој не престанува да мрмори, возбудена сум и среќна што го слушам како зборува и што знам што мисли. Кога ќе завршиме со терапијата, по добра сеанса, јас сум на седмо небо. Јас живеам блажено во следните два дена додека не се најдам лице в лице со детето на негови години кое раскажува приказни и кажува цели реченици, а потоа се враќам назад на планетата Земја. Ова не го предвидев. Никогаш не помислив на ова. Кога ќе ја видите розовата позитивна линија на стапчето од тестот за бременост, почнувате тивко да се подготвувате за секоја можност. Ние сите се надеваме дека сè ќе помине лесно. Се надеваме на совршена, типична бременост и совршени типични бебиња кои растат во типични, совршени деца. Очекуваме здравје и нормален развој.

Нема да дојде ден кога ќе посакам моите деца само да замолчат

Не се грижиме за доцнењето во развојот на говорот, затоа што искрено, многу полоши работи може да се случат, потешки ситуации со кои мораме да излеземе накрај, но за нас ова беше најтешка околност.


Да се борите против проблеми во говорот веројатно е еден од најтешките предизвици со кои сум се справувала во животот. Да се гледа таа мала личност како на свој грб носи голем товар, ми го крши срцето. Замислите колку осамен се чувствува тој додека стои меѓу луѓето, а нема можност да разговара со нив.
Полека, но сигурно говорот му се подобруваше, но неговото разбирање се развиваше значително побрзо. Со текот на времето можеше да каже повеќе, но беше сè повеќе фрустриран од порано. Првиот пат кога ја прегледавме неговата првобитна процена, бевме пресреќни кога видовме дека ги исполнил сите свои цели. Каков успех! Но, потоа доби нови цели, исто толку оддалечени како што беа првите. Тој и понатаму е далеку од другите деца на негова возраст – од децата кои биле способни да кажат што ги боли и зошто ги боли или да ја споделат својата радост. Сега има речиси 4 години и зборува наместо да удира со главата и ни раскажува прекрасни приказни за тоа како го поминал денот. Месеците со удирање на главата и врескањето одамна завршија, но не можам да ги заборавам.


Кога удираше, врескање или гризеше, кога ги фрлаше своите играчки кон мене или кога ја удираше главата од подот, се обидував да се ставам на негово место. Беше тешко. Не е важно колку бев фрустрирана, јас знаев дека неговата фрустрација е сто пати поголема. Без разлика на тоа колку сето тоа беше тешко за нас, морало да биде бескрајно тешко и за него. Не можевме да го разбереме. Не можеше да ни каже за што размислува. Кога откриваше нешто ново за светот, не можеше да го сподели тоа со нас. Понекогаш имав чувство дека сум пропуштила нешто најубаво од воспитувањето на моето дете бидејќи тоа не комуницираше со мене.


Нашиот логопед често се шегува дека еден ден ќе дојдам кај неа да ја молам да го натера да престане да зборува. Тоа е шега која има цел да нè утеши и охрабри, но кога тоа ќе го каже, јас знам дека никогаш нема да дојде ден кога ќе кажам дека децата треба да се видат, а не да се слушнат. Нема да дојде ден кога ќе посакам моите деца само да замолчат. Никогаш веќе нема да ја потценам важноста на комуникацијата – меѓусебните разговори, споделувањето приказни, поврзувањата со другите лица. Најважна човечка способност е комуникацијата бидејќи без неа сме толку многу осамени.

Извор



912

X