Актерката Ерин Брук ѝ го привлекла вниманието на твитер-заедницата кога на својот профил напишала како мајка ѝ ја научила да постави граници и да се почитува себеси. Приказната е навистина одличен пример за тоа како децата многу често, несвесно, за да ги вклопиме во општествените норми и очекувања на другите луѓе, ги тераме да ги игнорираат своите чувства.

„Сакам да ви ја раскажам приказната за тоа како мајка ми ме научи дека секогаш имам право да се оттргнам од ситуација што не ми е пријатна. Имав можеби 7 години, мислам дека тоа беше првпат да одам да преспијам кај другарка. Не се сеќавам ни како се викаше. Но, пред да одиме таму, мајка ми ми рече ако се чувствувам непријатно, лошо, во кој било момент, од која било причина, дури и во средина на ноќта, да ѝ се јавам. Беше сосема јасна. Рече дека дури и ако родителите на мојата другарка спијат, да одам да чукнам на нивната врата и да побарам телефон. Не е важно што е доцна. А ако нејзините родители не одговорат на моето чукање, да одам и сама да пронајдам телефон и да ја повикам да дојде.

Мислам дека некоја од другарките (бевме повеќе) ме задеваше. Дефинитивно не беше проблемот во тоа дека не можев да заспијам, дека од нешто се плашев, нешто друго се случуваше, нешто помеѓу нас. И ја послушав мајка ми. Мајката на другарка ми се обиде да ме обесхрабри – рече дека е доцна, а јас ѝ реков дека на мојата мајка тоа не ѝ пречи. Рече дека може да спијам на каучот ако сакам, а јас ѝ реков дека сакам да си одам дома. Рече дека нејзината ќерка сега е вознемирена поради мене, а јас ѝ реков дека таа мене ме повреди.

Се сеќавам дека ѝ се јавив на мајка ми и таа веднаш одговори. Само што реков – Мамо… таа веднаш праша: Сакаш да дојдам? Ѝ реков: „Да, те молам“. Ми рече да ѝ кажам на мајката на другарката да ми помогне да се спакувам бидејќи таа веднаш ќе дојде. И дојде. Во пижами и јакна. Мајката на мојата другарка непрестајно се извинуваше што сум се јавила, а мојата мајка само ја крена раката и ѝ рече: – Не извинувајте се поради моето дете. Само сакам да знае дека има право и смее да си оди секогаш кога не ѝ е пријатно, а јас ќе бидам тука за неа.

Се сеќавам на групата девојчиња во пижами на вратата од собата каде што требаше и јас да преспијам, сите ме гледаа зачудено. Се сеќавам и на мајката од другарката која и понатаму се извинуваше.

Мајка ми секогаш ме учеше да поставам граници. Се сеќавам дека таа ме одведе низ улицата кај другарка од соседството пред нејзините родителите да побарам извинување за нешто што ми направила. Се сеќавам дека ме учеше и како да се оттргнам од работното опкружување во кое се чувствувам лошо. Не можам баш да кажам дека секогаш го следев моето чувство и дека ги почитував своите граници. Не можам да кажам дека никогаш не сум проголтала кнедла за некој друг да не се почувствува непријатно. Но, можам да кажам дека она на што ме научи е важно. Беше и е радикално поразлично од она на што ги учат децата. Радикално е да се има граници и да се работи на нив. Во тоа што го направи, мислам дека беа важни 3 работи: Секогаш беше децидна и јасна дека можам да напуштам ситуација во која се чувствувам лошо. Никогаш не прашуваше зошто и дали претерувам. Секогаш се појавуваше кога ми беше потребна.

Но, многу размислував за мајката на другарката која се извинуваше поради мене и дека тоа се смета за правилно и нормално. Она на кое мене ме учеше мајка ми беше различно и радикално, а она на кое нејзината мајка нè учеше сите нас се сметаше за нормално – едноставно соочи се со тоа дека се лоши кон тебе, не малтретирај никого, оди на спиење, сè ќе се заврши брзо, не кревај прашина.

Сега кога пораснав, гледам колку е важно она што ме научи мајка ми. За некои луѓе, за некои ситуации, нема излез. Но, многу често од некои ситуации не заминуваме бидејќи мислиме дека не е дозволено. Затоа што никој никогаш не ви рекол – СМЕЕТЕ ДА ОДИТЕ.

Смеете да заминете од состанок со момче, од забава, од работа. Смеете. Ако се грижите за тоа дека некој ќе мисли дека не сте доследни, сетете се дека и вашите граници и вашиот интегритет се нешто на кое треба да бидете доследни. Оваа приказна сакав да ја раскажам бидејќи пораката што секој ден им ја испраќаме на децата, дека мора да издржат нешто за да не вознемират некој друг, е многу силна. Затоа, ако сте личност како мене, која е научена да ги чува своите граници, обрнете внимание на оние што не се. Веројатно им треба потсетник – им треба да слушнат дека е во ред да се замине“.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X