Сè почна да има смисла: и тапите празни погледи и недостигот на реакции и одговори, начинот на кој некое од децата би влегло во просторијата додека телефонирам и би барало да го однесам во продавница. Помислувам: „Па зарем не гледаш дека телефонирам?“
Но, очигледно не. Никој не гледа дека телефонирам или дека готвам, или дека го чистам подот, или дека стојам на главата во ќошот, бидејќи никој не ме гледа мене. Невидлива сум. Невидлива мајка. Некои денови сум само еден пар раце и тоа е сè. Можеш ли да го поправиш ова? Можеш ли да го врзеш ова? Можеш ли да го отвориш ова? Некои денови не сум ниту пар раце. Не сум ниту човечко битие. Некои денови сум часовник кој го прашуваат колку е часот. Јас сум распоред на каналите на телевизорот кој го прашуваат на кој број се наоѓа „Дизни“. Некои денови сум кристална кугла: „Каде ми е другиот чорап?“, „Каде ми е телефонот?“, „Што има за вечера?“
Бев сигурна дека овие раце некогаш држеле книга и дека овие очи изучувале историја, музика и книжевност, но сега исчезнаа под путерот од кикиритки, и веќе никогаш нема да бидат пронајдени. Оди, оди, оди и отиде!
Една ноќ, неколкумина отидовме на вечера да го прославиме враќањето на една пријателка од Англија. Само што се врати од фантастично патување и надолго ни раскажа за фантастичниот хотел во кој била сместена. Седев и ја набљудував толку добро скроената дружина на масата. Беше навистина тешко да не почнам да се споредувам и самосожалувам.
Се чувствував прилично мизерно, кога се сврти кон мене и ми го врачи тој прекрасно спакуван подарок и ми рече дека тоа го донела за мене. Тоа беше книга за фантастичните катедрали во Европа. Не бев баш сигурна зошто ми го даде тоа додека не ја прочитав посветата: „Со воодушевување за сето она што го градиш кога никој не гледа“.
Следните денови читав – не, практично ја „изедов“ таа книга. И открив во неа четири вистини кои ми го променија животот и ми послужија како инспирација:
– Никој не знае кој ги изградил тие фантастични катедрали – нивните имиња не се забележани.
– Тие градители целите свои животи ги посветиле на дела чиј завршеток не го ни дочекале.
– Поднеле огромни жртви и не очекувале ништо за возврат.
– Страста на нивното градење била потпрена со нивната вера дека Бог гледа сè.
Во книгата имаше и легенда за богат човек кој дошол да ја види катедралата која сè уште се градела и здогледал работник кој делкал малечка птица во внатрешноста на една од гредите. Богатиот човек се збунил и го прашал зошто толку се труди да ја изделка птицата во гредата која ќе биде покриена со покривот и никој никогаш нема да ја види.
Работникот му одговорил: „Бидејќи Бог гледа сè“.
Ја затворив книгата и почувствував дека го пронајдов делот што ми недостигаше. Како да го слушнав Бог како ми шепна: „Те гледам. Ги гледам твоите секојдневни жртви, дури и кога не ги гледа никој околу тебе. Ниедно добро дело што сте го направиле, ниту едно зашиено копче, ниту еден испечен колач, ниту еден родителски состанок, ниту една работа што ќе ја завршам во последен момент, не е толку малечка за да не ја забележам и да не се насмеам поради тоа. Градиш фантастична катедрала, но не можеш сега да видиш во што ќе прерасне таа“.
Се гледам себеси како голем градител и сè ми има смисла. Како еден од луѓето што секој ден се појавуваат на работа, а знаат дека нема да дочекаат да ги видат делата, работат на нешто што никогаш нема да го носи нивното име.
Авторот на книгата дури рекол дека катедралите нема да се изградат за време на нашиот животен век, бидејќи многу се ретки луѓето што се подготвени да поднесат толкава жртва. Кога навистина ќе размислите за тоа, јас и не сакам мојот син да доведе дома пријател за празник и да му каже: „Мојата мајка станува во 4 часот наутро и прави домашни пити, па потоа маринира и пече месо три часа, а потоа ги пегла чаршафите“. Тоа би значело дека сама себе си подигам споменик. Само сакам да дојде дома, евентуално да доведе и некој што му значи. Ако треба да му се даде некаков увод на пријателот, би сакала да му каже: „Ќе се воодушевиш!“
Како мајки, ние градиме фантастични катедрали. Ако тоа го правиме како што треба, не можат да нè видат. А потоа, еден ден, можно е светот да се воодушевува не само на она што сме го изградиле туку и на убавината што во светот ја вовеле невидливите мајки.
Автор: Сиа Купер