Пред неколку дена, шетајќи се со своето дете во парк, имав можност да слушнам дел од разговор помеѓу мајка и ќерка. Всушност, се работеше за монолог од страна на родителот, додека девојчето на возраст од околу 10 години луташе со погледот. Изгледаше како ќерката да направила сериозна грешка и дека мајката се обидува да допре до нејзината мала совест. Можеби девојчето и ја слушаше лекцијата, но според невербалните знаци, изгледаше дека целосно одлутала во некој свој свет. Што би се рекло народски – од едно уво влегува, од друго излегува.

Размислувајќи како мајка, веројатно и јас би влегла во улогата на советодавач со став „мора да правиш како јас што ќе ти кажам затоа што знам што е најдобро за тебе“. Се разбира, повеќето родители го прават тоа затоа што имаат добра намера и се гледаат себеси како личности кои треба да му го покажат вистинскиот пат на своето дете. Меѓутоа, набљудувајќи објективно, оваа добронамерна стратегија не е секогаш корисна затоа што доведува до прекин на конструктивната комуникација.

Факт е дека луѓето генерално не сакаат да слушаат совети. Луѓето сакаат да бидат сослушани кога имаат некој проблем. Во моментите кога ги обземаат многу интензивни емоции на лутина, страв, грижа или незадоволство и кога сакаат да зборуваат за тоа, ако некој им понуди некаков совет, многу често не го слушаат. Исто така, и децата кога ќе погрешат, свесно или несвесно и доколку за таа грешка се критикувани, казнувани или им се држат долги лекции (кога родителите го имаат ставот „мора да правиш јас како што ќе ти кажам), емотивно се затвораат и може да не соработуваат.

За вашето дете да ви стане соработник, кој е подготвен да размисли за своите постапки и во следната ситуација да избере да се однесува на соодветен начин, потребно е да се гризнете за јазик и да го исклучите советникот во себе. Потоа треба да се претворите во уво и да слушате за нештата за кои вашето дете конкретно е вознемирено или, пак, зошто избрало да се однесува на одреден неприфатлив начин. Потоа, важно е да го исклучите внатрешниот критичар и обидувајте се да го прифатите гледиштето на детето.

Дури кога ќе ги исполните овие три чекори и ќе ѝ излезете во пресрет на детската основна емоционална потреба да биде прифатено без разлика на своите грешки, ќе ја зголемите шансата вашето дете да соработува со вас и да ги прифати советите што му ги давате.

Автор: Николина Милосавлевиќ



912

X